ZOGRAF 01

Прилепчани во Зографските поменици

ПРИЛЕПЧАНИ ВО ЗОГРАФСКИТЕ ПОМЕНИЦИ

Зографскиот словенски манастир е еден од 23-те поголеми Светогорски манастири, кои се наоѓаат на Атонскиот полуостров. Полуостровот е наречен Атонски заради името на планината Атос, чија надморска височина изнесува преку 2000 метри и личи на пирамида. Во летните месеци, планината редовно е покриена со магла, а во другиот период од годината со снег.

Света Гора, како манастирска заедница, формално била основана во 963 година, кога монахот Атанасиј го основал манастирот Голема Лавра, најголемиот и најзначајниот манастир до ден денес. Манастирот бил заштитен од византискиот император во текот на следните векови. Четвртата крстоносна војна во XII век донела нови, римокатолички владетели, кои ги присилиле монасите да бараат заштита од папата Инокентиј III до обновувањето на Византија. Исто така, каталонски платеници во XIV век вршеле кражби на Света Гора.

За православните христијани, во почитувањето на поголемите религиозни објекти, веднаш по Христовиот гроб во Ерусалим, доаѓа Света Гора Атонска. На Света Гора сите православни народи имаат по некој манастир. Света Гора Атонска се управува најдемократски, од Општина, чие седиште е во Кареја со 23 члена, а преку извршно тело, кое се вика Совет на старци од 5 члена, кои се менуваат подеднакво од секој голем манастир.

Манастирот „Свети Георгиј Зограф“ е словенски манастир, коj се наоѓа во северозападниот дел на Автономната монашка држава Света Гора, на полуостровот Халкидики, Егејска Македонија, Грција. Истиот e на 9-то место во хиерархијата на манастири во монашката држава и е еден од трите словенски манастири во Света Гора. Според манастирската легенда, запишана во „Сводна грамота“, бил основан во IX или X век од тројца браќа од Охрид – Моjсеj, Арон и Јован Селима. Наjстарите зачувани документи, кои се сведоштво за постоењето на монашкото братство, се од 980 година. Денес има скоро 40 монаси.

Браќата-основачи на манастирот се родени браќа на првиот словено-македонски цар Самоил. Неговите браќа го подигнале манастирот најверојатно во почетокот на Х век. Зографскиот манастир монументално се издига меѓу атонските кипарисови дафинови и маслинови дрва. Неговите белокамени зданија, остро ги параат облаците на беломорските крајбрежја и хоризонтално се шират кон светогорските шуми. Името на манастирот доаѓа по самонацртаната икона на Свети Георгиј – Зограф.

Во Зографскиот манастир до 1942 година, пронајдени се три поменици. Првиот е „Царски поменик“, во кој, покрај другите цареви, се спомнуваат и словено-македонските цареви Самуил, Давид, Гаврил и Радомир. Помениците за науката имаат големо значење, зашто даваат драгоцени историско-културни податоци за црковната и националната историја, за економското и културното ниво на објектот, како и редица други етнографски и статистички податоци. За нас, од интерес е вториот, „Општ поменик“, како и третиот, „Епархиски поменик“, меѓу 1600 манастирски ракописи.

Вториот, „Општ поменик“ го опфаќа периодот на помениците од 1527 до 1728 година, период од речиси два века. Во него се запишани имињата на поклониците и дарителите и од Пелагонија (во оригиналот: Пефлагонија). Покрај градот Прилеп, во него се спомнуваат речиси сите градови во Македонија, како и некои села и манастири. Интересно е што градот Дојран е спомнат по стариот назив – Полјанин.

Во тој поменик, во 1666 година, од Прилеп има запишано 19 лица, меѓу кои и свештеникот Јован, како и четворицата еромонаси: Дамјан, Захариј, Маноил и Исаиј, а пет лица се запишани во 1705 година. Во 1705 година запишан е архиерејот Јосиф од Зрзескиот манастир „Свето Преображение“. Истата година од селото Беловодица запишани се девет лица, меѓу кои и еден аџија, а од селото Тројаци еден мирјанин и еден свештеник Неделко.

Овој поменик е пишуван со црна боја, а само големите букви и иницијалите се пишувани со црвена боја на тетратка од 21 лист, големина 27,5 х 19 см. Тетратката била најдена на таванот на соборната манастирска црква. Во 1706 година поменикот бил препишан со краснопис и во него било продолжено запишувањето до 1728 година. Запишувани се и имињата на монахињите, кои не можеле да бидат поклоници на Света Гора. Запишувањето било извршувано од манастирските ученици и искушеници при собирањето прилози за манастирот. Спомнатиот архиереј Јосиф од Зрзескиот манастир бил Пелагониски митрополит од 1714-1746 година, со извесни прекини. Последната година бил избран за Охридски архиепископ. Но, според тврдењето на Иван Снегаров, „не се знае точно дали бил Пелагониски или нему потчинет Прилепски епископ“.

Третиот поменик е епархиски, распореден со списоци на приложници од повеќе епархии и има 272 страници. Најден е сочуван во олтарот на Соборната црква во Зограф. Поменикот претставува важен документ за историјата на манастирот. Листовите на поменикот се од голем формат и пишувани со црно и црвено мастило од непознати автори. Се чува во ракописната збирка на манастирот, која покојниот прота Борис Талески од Прилеп, при своето поклоничко патување на Света Гора во 1938 година, имал можност лично да ја види, проучи и обработи.

Новиот препис на Поменикот е од 1792 година, според воведот преку текстот. Во списокот се наброени 18 епархии, како и Солунската митрополија. Прилеп е сместен во Прилепската епархија, на страниците 142 и 147. Страниците се поделени на четири колони, а годините не одат под ред и, најверојатно, тие се измешани при препишувањето. Во 1813 година Битола е сместена во Прилепската епархија. . Овој Поменик е наречен „парусиски“, а секоја страница започнува со зборовите „ Еште молимсја о оставлении грехов“. До 85-от лист се најдуваат општи белешки и спомнување на браќата: архиепископи, игумени, еромонаси и монаси. Бројките на листовите се пишувани со словенски букви, а годините со арапски. Во Поменикот, Прилепската епархија почнува со 1774, а завршува со 1886 година. Во 1774 година се спомнува и еден свештеник. Во 1778 година, покрај другите дарители, се спомнуваат и петмина свештеници. Во 1793 година се спомнува архиерејот Арсениј. Тој е сигурно бившиот Охридски архиепископ, кој по симнувањето од архиепископскиот трон во јануари 1767 година, шест месеци бил проедар (поранешен архиепископ) Пелагониски, за кое време е испратен на епитимија во Зографска келија. Во 1793 година или бил на поклонение во Зограф, или е упокоен, зашто не се знае годината на неговата смрт. Истата година во Поменикот фигурираат четири свештеника и еден еромонах. И во годините 1799, 1801, 1805, 1809, 1812 и 1816 фигурираат повеќе свештеници, еромонаси, како и двајца аџии. Судејќи според последниве лица, поклониците на овој манастир повеќе биле возрасни луѓе. Други професии не се забележани.

Интересно е дека во неколку епархии се спомнува Варош, и тоа надвор од прилепската епархија. Дали е направена грешка или се однесува на други населби со тоа име, не се знае. Други места, села или манастири не се спомнуваат. Имињата на дародавците се внесувани во неколку форми: или во номинатив, или во вокатив, или во акузатив, зависно од употребата и навиката. Аџиите се пишуваат како поклоници, а свештениците како ереи. По завршувањето со имињата на листот додадено е: „Родителем и чадом их“, што значи дека се пишувани и директните дародавци.

И во овој Поменик се јавува Полјанската епархија, наместо Дојранска, како и во општиот поменик. Пелагонсиката епархија воопшто не се спомнува во Поменикот.

Третиот Зографски поменик е проучен и публикуван од бугарскиот црковен публицист Михаил Ковачев во книгата „Зограф – иследување и документи“, Софија, 1942 година.

На крајот, како куриозитет, да спомниме дека во Светогорските манастири не е дозволено да одат на поклонение жени, поради заветот на безбрачност на монасите и поради патронатот на Пресвета Богородица над Света Гора. Но, во еден црковен минеј од 1793 година, сочуван е портрет на непознат сликар на едно прилепско семејство, кое било на поклонение во Иверскиот (Грузиски) манастир во Света Гора, меѓу кои има и една жена по име Рада. Истиот портрет е репродуциран во меморијалниот весник „Прилеп пред 100 години“, печатен во Софија во 1938 година. Обработувајќи го овој портрет, прота Борис забележал дека тој е направен во прилепско, а не на Света Гора, или, пак, женското лице дошло до пристаништето Дафне во Света Гора и не отишло на поклонение до манастирот.

Манастирот „Свети великомаченик Георгиј – Зограф“ во Света Гора, во својот двор, покрај соборниот храм, има и 9 параклиси, а надвор од манастирот и 12 скитови (капели).

Протоереј Златко Ангелески

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc