Надгробната плоча од баба Мита од Миџовци.

Баба Мита од Миџовци

БАБА МИТА ОД МИЏОВЦИ – ДАРИТЕЛКАТА НА ИМОТОТ ЗА ГРАДБА НА ЦРКВАТА „СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ“ ВО ПРИЛЕП

Во 1831 година, на присадскиот Дервен, големиот везир Рушид Паша, му задал последен и решавачки удар на побунетото албанско население, под водство на скадарскиот Мустафа Паша. По таа победа, а во знак на благодарност кон прилепчани, зашто не им дале помош на бунтовниците, Рушид Паша на христијанската делегација им ветил дека ќе им обезбеди ферман за градба на црква во Прилеп. Но, прилепчани, измачени поради одењето за црковни треби во Варош, веднаш почнале да копаат темели за црква на едно место „од поранешната црква“, како што се говори во еден запис, регистриран од покојниот протоереј-ставрофор Борис Талески. Тоа место денес се наоѓа на улицата „Први Мај“ бр. 32, а куќата е наречена „Попадина куќа“. Тогаш тие улици биле населени само од Турци, кои ѝ кажале на турската власт, која веднаш забранила да се гради црквата и ги засипала темелите. Истото место од поранешната црква во 1837 година било продадено на некој поп Цветко.

Во 1834 година, аџи Ристе го добил ферманот за градба на црква, со помош на великиот везир и бившиот Пелагониски митрополит Григориј, кој бил пријател на аџи Ристе и кој подоцна бил избран за Цариградски патријарх. Кога аџи Ристе го донесол ферманот во Прилеп, прилепчани не верувале во остварувањето на нивната идеја и како на аџилак оделе во куќата на аџи Ристе за да се уверат. Поради тоа, добивањето на ферманот го нарекле блага вест и ветиле дека црквата ќе ја посветат на празникот „Благовештение Богородично“. Но, требало да се најде соодветно место за градење на црквата.

Во тогашната улица „Султанова“ живеело семејството Миџовци, стрината Митана со двајцата внуци Томе и Спиро. Стрината била вдовица и делена од внуците. Во исто време, таа била и аџија, поклоник на Христовиот гроб во Ерусалим. Како мајка имала две деца. Според некои кажувања, тие биле синови, а според надгробната плоча на аџи Мита, тие биле син и ќерка. Кога аџи Ристе со неколку прилепчани отишол да го побара влезното место за во бавчата од аџи Мита за градење црква, таа во прво време не се согласувала. Подоцна, кога за истото место се заинтересирале и Турците, за на тоа место да изградат џамија, па дури и да го откупат местото, таа како добра христијанка, одлучила да го подари местото за градба на црквата.

Аџи Мита е родена во селото Слатина, во близина на Македонски Брод, од татко Аризанко, кој бил дрворезец, резбар. Професорот Ќорнаков во својата книга „Мијачките резбари“ не го спомнува, најверојатно зашто не бил од мијачките села, а и не бил прочуен како резбар на иконостаси. Подоцна, Аризанко се населил во Прилеп, во градското маало „Пусти сокак“, каде што купил бавча, на чие место подоцна неговите правнуци изградиле три засебни куќи со дворни места. Денес тие дворни места се наоѓаат на улица „Кире Ристески“ од бр. 1 до бр. 5.

Мита се омажила во Прилеп, во фамилијата Миџовци, за чичко на Томе и Спиро. Томе го имал синот Андон, а Андон го имал синот Кире, кој работел како службеник. Имотот на фамилијата Миџовци бил поделен дури бил жив мажот на аџи Мита, а подоцна наследниците на Томе и Спиро го поделиле и својот дел.

Треба да се одбележи и тоа дека аџи Мита е и просветен донатор. Според кажувањата на Тодорка Иваноска-Бербероска, пред 1880 година, аџи Мита, бидејќи ѝ починале двете деца, останала осамена и изнемоштена. По предлог на црковно-училишната општина, таа одлучила да ја подари и куќата на црквата и да живее во манастирот Трескавец, каде живееле и други жени, меѓу кои била и аџи Јонка од Зојчевци. Во куќата на аџи Мита во 1880 година било отворено основно училиште, од кое била пронајдена белата мермерна плоча во темелите од шупата од црквата „Свето Благовештение“ и на која имало натпис: „Црква Свето Благовештение – первоначалное училиште“. За ова училиште, освен мермерната плоча, не се спомнува никаде во други документи. Според кажувањата на Стева Кокондоска, по мајка Миџоска, а кои разговори своевремено ги запишал прота Борис, во ова училиште учела и таа, но и други прилепчани, како Ице Симитчија, Ицко Момир, Јован Бисерко. Ова училиште функционирало до отворањето на машкото училиште на улицата „Султанова“ во 1894 година.

Во манастирот Трескавец, во 1891 година аџи Мита се разболела и по нејзино барање ја донесле во Прилеп, каде што истата година починала и била погребана во фамилијарната гробница на Миџовци, покрај својата свекрва Марија.

Овие податоци се добиени од надгробната плоча, која била изработена со две камари и била поставена вертикално над нивниот гроб. Текстот на плочата е во седум редови. Благодарение на прота Борис, своевремено плочата била демонтирана и била пренесена во Музејот на град Прилеп, каде што се наоѓаше до скоро време.

Откако плочата ја исчистиле стручните екипи од Музејот, можи да се прочита само следниов текст: Во третиот ред читливо е името „Марија“, за која веќе спомнавме дека е свекрвата на аџи Мита. Во петтиот ред стои „1891“, годината кога аџи Мита починала; во шестиот ред се читаа имињата „хаджи Мита, Коста“ и во седмиот ред се читаат имињата „Динка, Илија“. Илија е името на нејзиниот син, додека Динка е името на нејзината ќерка – Костадинка.

Аџи Мита во двете свои фамилии била наречена „поклонита“, кој збор е изведен или од турскиот збор „аџија“ или „аџика“, кое значи „поклоник“ или „поклоница“. Аџи Мита била на аџилак во Ерусалим заедно со својот сопруг. Заради тоа аџи Ристе, според историските извори, уште во 1835 година ја нарекува „аџика“. Во XIX век многу ретко се среќаваат жени – аџики. Така, во „Катастихот“ – помен книгата на црквата „Свето Благовештение“, која е почната од месец март 1866 година, запишано е името на аџи Мита. Во 1927 година, од непознати причини, свештеникот Стојан Стеваноски ја избришал нејзината титула „аџи“ и допишал „баба“ Мита.

Интересно е да се забележи и тоа дека, Тодорка Иваноска-Бербероска, во 1989 година му раскажала една верзија на прота Борис за последните дни на аџи Мита. По разболувањето во Трескавец и по нејзиното враќање во Прилеп, аџи Мита смртта ја дочекала во куќата на Берберовци, а потоа ја погребале во нивната фамилијарна гробница. Според пишаните сведоштва на прота Борис, на гробот на Берберовци имало камена плоча, но од текстот на плочата не можело да се утврди дека аџи Мита била токму тука погребана. Во 1990 година, правнука ѝ на аџи Мита, Стева Кокондоска, по мајка Миџоска, му го кажала точниот гроб на прота Борис, па според најдената плоча и текстот на плочата, се утврдил точниот гроб на аџи Мита.

Благодарение на успешната соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и Музејот на град Прилеп, во текот на месец август 2015 година, надгробната плоча на баба Мита е пренесена во црквата „Свето Благовештение“ и поставена е во јужниот трем на црквата, веднаш до надгробниот крст на ктиторот на црквата – големиот аџи Ристе Логотет. Пренесувањето на надгробната плоча и нејзиното поставување во тремот на црквата ќе придонеси споменот за неа никогаш да не згасни во сеќевањата на прилепчани, а секој еден, кога ќе погледни на оваа надгробна плоча, молитвено да се сети на оваа голема дарителка и чесна христијанка.

Протоереј Златко Ангелески

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc