1917: Ракле

Ракле

Ракле се наоѓа на североисточната страна на територијата на општина Прилеп, во горното сливно подрачје на Раечка Река. Селото е планинско, на надморска височина од 700 метри. Атарот зафаќа простор од 13,7 км2.

Во годините кога било најмногу населено, селаните се занимавале со сточарство и земјоделство. Трговски и стопански гледано, селото „отсекогаш било слободно“. Нивите се наоѓаат во неогена варовничка површина кај Козјак, меѓу Мала Могила спроти Никодин и Дабичница кон Топлица, сè до кањонот на Раец. Земјиштето е безводно и слабо. Во лаките кај Раец во минатото се одгледувало и ориз. Селаните често оделе на аргатлук во Тиквешијата и низ Полето. Во „турско“, мајсторите оделе на печалба во Србија, Романија и Бугарија, а жетварите во Солунско Поле.

Во XIX век Ракле било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Ракле е посочено како село во Велешката каза со 60 домаќинства и 276 жители.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Ракле имало 580 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век, населението на селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Ракле имало 616 егзархисти.

Најстарите фамилии од Ракле пребегале низ Премин од Старо Село во Раец во почетокот на XVIII век. Во нив спаѓаат: Бојовци-Велковци (до почетокот на XIX век биле голема фамилија, а пред поделбата старешина бил дедо Стојко, но се разделиле кога „станале многумина“); потоа Мангировци и Пушевци. Тие го слават Свети Георгиј. Други најстари фамилии се: Р’жаровци, Паровци, Курпашовци, Кишковци, Богевци, Царевичковци и Србовци, а нивна слава е Свети Никола.

Понови доселеници во Ракле се: Поповци (Јован од Никодин дошол домазет кај Бојовци во 1890 година); Трипуновци (Спасе од Попадија дошол домазет кај Мангировци во 1894 година); Немовци (Никола од Мрамор дошол домазет кај Бојовци во 1906 година); Миновци-Карасановци (Пере од Никодин дошол домазет кај Бојовци во 1911 година); Голевци (Димо од Попадија дошол домазет кај Бојовци во 1911 година); Чеповци (Иге од Тројаци дошол домазет кај Бојовци во 1912 година); Колевци (Милан од Топлица дошол домазет кај Бојовци во 1918 година).

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1948 = 294; 1954 = 317; 1961 = 269; 1971 = 145. Според пописот од 1981 година, во Ракле имало 24 жители, во 1991 = 17, во 1994 бројот се намалил на само 7, а според пописот од 2002 година селото има само 7 жители, сите Македонци.

Црквата „Свети Атанасиј“ во село Ракле е трикорабна градба, со полукружна апсида на источната страна. Подигната е во средината на XIX век, а живописана во 1864 година. На западната страна има галерија на кат. Во месноста Старо Село има „гробиште“ и „црквиште“. Таму биле ископани мермерни плочи со релјефи и грчки натписи. Овие плочи се пренесени во селската црква.

Селските панаѓури во Ракле се одржувале на летен Свети Атанас и на Петковден.

Во близина на месноста Старо Село имало Раклечки ан, веднаш на патот. Во 1900 година него го запалиле комитите.

За селото Ракле треба да се знае и ова:

Покрај селото се наоѓа врвот „Ножот“, на кој на 14 јули 1907 година, се случила една од најтешките битки на револуционерното движење на Македонците против османлиските војски, која во историјата е запишана како Битката на Ножот.

Родени во Ракле:
Алекса Н. Стојанов (? – 1903), четник од ВМОРО, убиен во Никодин
Милан Николов (? – 1907), четник од ВМОРО, убиен при Јасенова глава
Тале Ангелев Карев, революционер од ВМОРО

Нема Коментари

Коментирај