ПРВИОТ ДЕТСКИ ЦРКОВЕН ХОР
6 септември 1991 година
Статија објавена во „Народен Глас“
Автор:Прота Борис Талевски
Во 1925 година отецот Никола Смичкоски се ракополага и станува свештеник на една од двете парохии при црквата „Свети Кирил и Методиј“. Тој пред тоа, уште од 1898 година бил вршител на должноста ѓакон при црквата „Свето Благовештение“.
Отец Никола како и неговиот помлад брат, отец Милан Смичкоски бил многу музикален.
Иако во православната црква не е дозволена инструментална музика, двајцата како и прота Ѓорѓија Дамески – Варошанецот, знаеле да свират на сите музички инструменти.
За музикалноста на браќата Смичкоски говори и ова:
“Во 1918 година, плашејќи се од последиците за својата ангажираност во Народноослободителното движење во Македонија, емигрираат во Бугарија, во градот Софија. Таму во црквата Свети „Александар Невски“ со мелодичното пеење предизвикале таков восхит кај црковните лица што тие им понудиле веднаш служба. Бидејќи емигрирале без фамилии, тие не го прифатиле предлогот и по кратко време се вратиле во Прилеп, каде добиле други службени места.“
Таа музикалност, свештеникот Никола го натерала веднаш по запопувањето да се погрижи за пејачкиот кадар.
При црквата „Свети Кирил и Методиј“ повикува за пејачи двајца млади луѓе, Јован Митриќески и Петре Котески, а на левата пејница бил Веле Самак, татко на Милан Самак.
Знаејќи дека најдобро ќе подготви кадар преку организирање деца во хор, во почетокот на 1926 година собрал повеќе деца со кои во прво време на Велики Петок го вежбал пеењето на третата статија од „Народите сите“ во два гласа.
Никола во 1927 година статијата ја преведил на Српскохрватски јазик и ја отпечатил во тогашната книжарница на Киро Караџоски во Прилеп.
Но во 1929 година, кога од Прилеп во исто време се преместени ложилницата, Вишата гимназија и железничката секција, во кои беа вработени многу Руси емигранти од Царска Русија, речиси сите интелектуалци и музикални луѓе, се јави недостиг на пејачи во хорот.
Во црквата како парохиски свештеник покрај Никола беше и Григориј Поп Антоски со кого служеле света литургија на две недели.
Онаа недела кога беше на служба свештеникот Никола, технички не можеше да раководи со хорот, па како диригент на хорот е одреден тогашниот ученик свештеникот Борис Талевски.
Тогаш свештеникот Никола од светиот олтар даваше интонација со камертон на диригентот а Борис ја пренесување интонацијата и го водеше хорчето.
Во почетокот хорот немаше многу членови се до 1930 година, во која година се напушта старата зграда на црквата која беше пред рушење, а се приспособи нова света црква во истиот црковен двор.
СЕ ПЕЕШЕ ЗА ВЕЛИГДЕН И ЗА ДРУГИ ПРАЗНИЦИ
Преку овие деца, членовите на управата на црквата, праќаа и честитки за велигденските и именденските празници на варошкомалци и собраните пари се внесуваа за довршување на катот на црквата.
Раководењето со овој детски црковен хор во почетокот на учебната во 1932/33 година, беше прекинат кога Борис Талевски замина во Битола за ученик на православната богословија, каде остана до 1938 година.
Во негово отсуство и во отсуство на свештеникот Никола со хорот раководеше варошкомалецот Борка Солески – чевларски калфа.
На сликата погоре се прикажани членовите на детскиот хор од 1933 година по повод Велигденските празници и пеењето на третата статија од Велики петок „Народите Сите“.
Меѓу членовите се и младите пејачи Кирил Ристески, Петре Расолкоски, Гога Аскерот, Методија Ристески Дабничанецот, долгогодишниот црковен пејач а сега диригент во црквата „Свето Благовештение“.
На фотографијата може да се забележи дека има и девојчиња зашто се практикуваше на Велики петок при пеењето на статијата да учествува речиси сиот народ а девојчињата пееа први тенори. Фотографијата е направена за засилување на црковноста кај децата и младината.
Другите членови се сите од улиците на двете парохии при таа црква.
Овој хор работеше активно и редовно во неделни и празнични денови се до 1936 година хога беше заменет од младинскиот хор наречен „Билјана“ во кого членуваа многу музикални луѓе од целиот град.
Овој детски хор одигра улога во рекреирањето на Црковното и хорско пеење во Прилеп.
Повеќе негови членови станаа свештеници, црковни пејачи, членови на црковнте хорови „Билјана“, хорот при црквата „Свето Благовештение“ и на Градскиот хор во Прилеп.
Коментирај