Протестантска заедница во Прилеп се појавува како резултат на отворањето на Мисионерската протестантска заедница во Битола во 1873 година.
Прв протестантски мисионер, кој го посетил градот Прилеп, бил извесен доктор Бонд, кој работел во Мисионерската протестантска заедница во Битола, а во Прилеп престојувал во домот на Шишкови. Со тек на време, во нивниот дом започнале да се собираат заинтересирани луѓе, така што во еден период нивниот број достигнал и до 40 членови.
Доктор Бонд за прв проповедник во градот го поставил некогашниот свештеник Петров, кој повеќе бил заинтересиран за материјалните работи, отколку за ширење на протестантското учење. Незадоволен од примањата, тој се откажал од Евангелската заедница и упатил покајно писмо до Цариградскиот патријарх, со цел повторно да биде примен во Православната Црква.
По заминувањето на Петров, во Прилеп повторно доаѓале протестантски мисионери од Битола, од кои најистакнат бил Наум Стоилков.
Коментирај