Прота Пано Мицев.

Прота Пано Мицев

Прота Пано Мицев

СПОМЕНИ ЗА БЕЛОВОДИЧКИОТ ПАРОХ – ОТЕЦ ПАНО МИЦЕВ

Селото Беловодица е формирано во почетокот на XVIII век, кога од месноста на средновековната Бела Водица (местото каде што Бела Река се влива во Раец, под Плетвар) населението пребегало заради појава на чума.

Во 1445 година во Бела Водица имало 12 семејства, 2 неженети и 2 вдовици. Во 1467/68 година: 18 семејства и 1 неженет; 1481/82 – 17 семејства; 1519 – 23 семејства и 3 вдовици; 1528/29 – 14 семејства, 4 неженети и 1 вдовица; 1544/45 – 17 семејства. Според Турскиот пописен дефтер за Велешката каза од 1568/69 година селото Бела Водица припаѓа на нахијата Ќопрулу. Во овој дефтер, како жители на Бела Водица се спомнуваат: Петко Пејо, Димитри Михо, Стојан Перо, Јове Пејо, поп Никола и Бојке Никле. Според овој попис, во Бела Водица има едно муслиманско семејство, исламизираниот Хусеин Абдулах (бенак). Годишниот приход од селото изнесувал 5.000 акчиња.

На старото селиште Бела Водица, покрај патот се наоѓала црквата во чест на „Свети Никола“, која Германците во текот на Првата светска војна ја разурнале до темел, а каменот го употребиле за насип. Оваа црква била живописана во 1591 година, благодарение на ктиторството на поп Никола и Димитрија Миховик. Во ѕидовите на оваа црква имало и мермерни плочи со релјефи на мажи и жени и со грчки натписи. Денешната црква во чест на „Свети Никола“ претставува трикорабна градба со полукружна апсида на источната страна, која однадвор е расчленета со пет слепи ниши, а има и галерија на кат на западната страна. Подигната и живописана е во 1885 година. Покрај црквата се наоѓаат и селските гробишта.

Најстарите пишани податоци за парохиски свештеник во селото Беловодица се однесуваат токму на поп Никола од 1591 година. Од 1870 до 1881 година, забележано е дека парохиски свештеник бил отец Тале Јосков. По неговото упокојување, од 1898 година парохиски свештеник бил беловодичанецот, отец Пано Мицев. Во состав на Беловодичката парохија од 1912 до 1925 година биле селата: Беловодица и Тројаци, а од 1925 година кон оваа парохија се приклучени и селата Царевиќ, Смолани и Дрен. Од 1946 година кон оваа парохија се приклучени и Големо Радобил и Мало Радобил. Освен отец Пано, парохиски свештеници на Беловодичката парохија биле: 1938/39 – отец Никола Цанев; 1939/40 – отец Петар Николов; 1940/41 – отец Борисав Талев, отец Пано Илиев Мицев; 1941/46 – отец Пано Илиев Мицев. Во 1960 година формирана е Топличко-беловодичка парохија со селата: Беловодица Топлица, Никодин, Ракле, Големо Радобил, Мал Радобил, Царевиќ, Смолани, Дрен). Парохиски свештеници биле: 1946/52 – отец Пано Мицев; 1952/54 – отец Никола Игнатовски; 1954/56 – отец Стеван Ацев Стеваноски; 1956/60 – Свештениците од Свето Благовештение; 1961/68 – отец Борис Димитриоски; 1968 – отец Живко Попоски; 1968/70 – отец Петар Мирчески; 1971/72 – отец Славчо Смилески; 1972/75 – отец Борис Димитриоски.

Меѓу сите овие имиња на парохиски свештеници, кои се спомнуваат во списокот на Беловодичката парохија, посебно место зазема отец Пано Мицев, кој сиот свој животен век го поминал токму на таа парохија.

Отец Пано е роден на 23 јули (ст.ст.) 1867 година во селото Беловодица. Потекнува од фамилијата Кушовци, кои во Беловодица биле доселени од мариовското село Мајно. Тој бил висок и стасит човек, со висока интелигенција. Според преданието, уште во турско време сам се описменил и уште од мали нозе изјавил желба да биде свештеник. Пред да биде ракоположен, само за една седмица во Прилеп се запознал со основите на црковното пеење, како и со основите за свештеничко служење, на што му се восхитувале градските свештеници. Како најобразована и најинтелигентна личност, по ракопологањато во свештенички чин, отец Пано бил најистакнат жител на Беловодица, зашто сите политички и останати манифестации, се одвивале преку него.

Според свештеничката Декларација од 1941 година, која задолжително ја потполнувале сите свештеници со доаѓањето на бугарската окупаторска власт, отец Пано стапил на свештеничка должност како Беловодички парох во 1898 година. Најверојатно, тоа е и годината на неговото ракополагање во свештенички чин. Во истата Декларација е наведено дека тој поседува основно (првоначално) образование. На Беловодичката парохија бил непрекинато до 1938 година, кога од непознати причини е сменет и ставен во мирување по точно 40 години пастирска служба. Но, со Одлука бр. 333 од 28 јули 1941 година, потпишана од протосингелот на Охридско-битолската епархија архимандритот Тихон, тој пак бил активиран како парохиски свештеник, со годишна свештеничка плата од 1600 лева.

Од 1941 година, отец Пано бил активен свештеник до 1952 година. Поради старост и изнемоштеност, во 1952 година отец Пано бил повлечен од парохијата, а не негово место бил поставен Топличкиот парох Никола Игнатовски. Отец Пано блажено се упокоил во 1955 година.

Отец Пано и неговата презвитера Марија имале седум деца: еден син и шест ќерки. Синот единец се викал Рампо и тој бил првиот интелектуалец од селото, кој редовно посетувал училиште и настава. Рампо бил роден во 1897 година во Беловодица. По завршувањето на основното училиште, Рампо се запишал во прилепската Гимназија, која со успех ја завршил, а потоа се запишал на Правниот факултет во Белград. По наговор на Пелагонискиот митрополит, но и на некои градски свештеници, а со цел да имаат квалитетен свештенички кадар, како и да се продолжи семејната свештеничка лоза, Рампо се откажал од правните науки и се запишал во Битолската богословија. Во периодот од 1915-1918 година бил мобилизиран и три години служел во бугарската војска како бугарски војник.

Рампо многу рано се запознал со социјалистичките идеи, како и со идејата за слободна, цела и независна Македонија, па во 1920 година во Беловодица основал партиска организација на социјал-демократи, во која членувале видни луѓе од селото, но и од Радобил, Мрамор, Прилепец и другите околни села. Како учен и интелигентен човек, тој бил избран и за претседател на општината Плетвар, што за Македонец во тоа време значело многу. Како претседател и писар во Плетвар работел од 1922 до 1928 година.

За време на еден селски панаѓур, по завршувањето на Светата Литургија, Рампо имал чест да одржи говор пред насобраниот народ. Во говорот тој храбро го потенцирал животот на Македонците, за ропствата низ кои минувал, за желбите и стремежите на нашиот народ, како и за борбите против многубројните завојувачи, кои постојано се менувале. На овој емотивен говор се расплакал и владиката, кој бил дојден да богослужи, но и сите присутни не успеале да ги задржат солзите. По завршувањето на говорот, владиката станал, го бакнал в чело и пред сите насобрани му рекол: „Синко! Ти од своја смрт нема да умреш!“.

Како истакнат социјалист, Рампо често бил повикуван, сослушуван и опоменуван од властите, со цел да се откаже од неговите идеи, но на сите нивни предлози тој иронично им се потсмевал. На еден таков разговор, началникот, забележувајќи ја неговата иронична насмевка, му рекол: „Слушај ваму Рампо! Јас сум змија и еден ден ќе те клукнам!“. На ова Рампо му одговорил: „Ти си змија, ќе ме клукнеш, ама јас сум орел и ќе те к’лкнам!“.

По овој разговор, веќе почнало јавно гонење на младиот Рампо. По разговорот со началникот, а само по 20 дена од смртта на мајка му Марија, на 13 април 1928 година тој бил затворен. Во затворот се сретнал со Стале Попов, Киро Крстески – Платник и други. На 15 декември истата година, Рампо успеал тајно да испрати слика до својата сестра, на чија позадина запишал: „Драга сестро, прими го овој скромен лик од моите страдалнички денови во прилепскиот затвор“.

Во јули, 1929 година, Рампо бил ослободен од затворската казна, но поради своите идеи, постојано бил следен и прогонуван од злогласната „Црна рака“ на српската полиција. Јавното прогонување продолжило, а по излегувањето од затворот, српската жандармерија се трудела постојано да му биди во трагата, но Рампо вешто ги избегнувал поставените заседи.

По Илинден 1929 година, Рампо повторно бил повикан во полиција на сослушување. На враќање од Прилеп, полицијата поставила заседа кај Ленишки мост, но поради тоа што имало многу пазарџии, не го фатиле, а веќе втората заседа била поставена кај Плетвар. Рампо претчувствувал дека му се ближи крајот, па отишол кај сестра му Менка и ноќта ја поминал таму. Цела ноќ кучињата лаеле, а куќата била опколена за да не ѝ избега на полицијата.

Утрото Рампо ги прегрнал внуците, ги бакнал и им рекол: „Вујче нема да ви биди старосват!“. Свекрвата на сестра му, по лаењето на кучињата, знаела што ќе се случи, па сакала да го одведи кај жетварите, но тој ја одбил ваквата понуда, па со коњот на неговиот татко тргнал. Коњот почнал да ’ржи и да се враќа наназад, но Рампо со сила го натерал да тргнат и штом излегол од селото, српските полицајци го уапсиле. Рампо бил јак човек и веднаш им пружил отпор на полицајците. На 200-300 метри оддалеченост од местото на борбата, се наоѓале работниците на пругата, кои ги гледале сите настани, но не смееле да се приближат. Во нерамноправната борба, сам против сите, Рампо бил совладан од вооружените полицајци, одвлечкан во блиската шума и заклан. Во мртвото тело на Рампо, еден од полицајците испукал три куршуми, пцуејќи му ја мајката македонска. Мртвото тело било однесено во месноста „Негословица“, плетварско, и тука го закопале. По закопот, местото било изорано, за да не се знае каде е неговиот гроб.

По убиството на Рампо, убијците отишле во куќата на отец Пано и сè што имало и било во сопственот на Рампо: книги, слики, белешки, искинале и уништиле. Потоа почнале да ги тепаат и отец Пано, но и сопругата на Рампо, и им велеле да кажат каде се крие и кога побегнал за Бугарија. Но, работниците на пругата веќе разгласиле дека Рампо е убиен.

Кога дознал за жалната вест, отец Пано отишол кај претседателот на општината за да го моли да му кажи каде е закопан неговиот син, за да го земи и да го погреба според православна традиција, правејќи му опело. Два пати го молел стоејќи, а третиот пат клекнал, ја симнал капата и понизно и со солзи го молел да кажи, но претседателот арогантно го турнал со нога и со најпогрдни зборови го избркал надвор од канцеларијата. На тоа отецот, со солзи во очите, му рекол: „Ако знаеш каде е закопан мојот син, а не ми кажуваш, од јаснина да се зададе гром и да те трешти!“.

И навистина, по некое време, жената на општинскиот претседател донесла зелник на жетва и двајцата седнале да ручаат. Одеднаш удрил гром и на лице место загинал претседателот, додека неговите деца и сопругата останале неповредени, иако се наоѓале во близина на несреќата. Немајќи кого, таткото на претседателот го повикал отец Пано и во еден неврзан разговор, низ солзи, го прашал: „Оче, разбра ли нешто за Рампо? Сега знам колку тешко ти било!“. Отец Пано го прашал: „Зарем тебе не ти кажаа каде е закопан син ми?“. Тогаш тој посочил еден човек, кој знаел каде е закопан Рампо.

Го повикале човекот, кој во страв им кажал каде е местото. Три пати на три различни места копале, но дури на четвртиот пат го пронашле гробот, но, за жал, телото на Рампо го немало. Најверојатно, по наредба на српската полиција, телото уште еднаш е презакопано и тоа никогаш, до ден денешен не е пронајдено. Скршен од болка, отец Пано се вратил во Беловодица, каде што во скромност се грижел за својата снаа за син и нејзиниот пород.

И синот на Рампо – Живко, кој имал само три години кога починал неговиот татко, ги продолжил слободарските и револуционерните идеи на своите претци. Живко е еден од првите повоени интелектуалци од Беловодица. По завршување на прилепската Гимназија, како 18-годишно момче се приклучил на партизанските единици во НОВ, за што по војната се стекнал со признание за неговата дејност во ослободителната војна.

Отец Пано уште додека бил жив си го подготвил гробот во дворот на црквата „Свети Никола“ во Беловодица, каде што се наоѓаат селските гробишта. Но, поради старост и изнемоштеност, тој бил земен во Прилеп да го догледаат ќерките. Во 1955 година, отец Пано го предал својот дух во рацете на Бога и бил погребан на старите градски гробишта во Прилеп.

Отец Пано ќе остани забележан како редок свештеник-интелектуалец, вреден пастир, и прекрасен воспитувач на своите чеда, кој целиот свој неуморен живот го посветил во служба на Бога и родината.

Протоереј Златко Ангелески

Нема Коментари

Коментирај