2012:  Длабочелен смок сликан во Мариово

Malpolon insignitus (Длабочелен смок)

Malpolon insignitus (Длабочелен смок, Сив смок, Сива змија) е голема змија од семејството Смокови (Colubridae). Се нарекува Длабочелен смок поради тоа што надочните штитови му се испакнати. Достигнува должина до 2 метри, но се забележани и поголеми примероци. Бојата на грбот му варира од темна до светлосива, а младите единки се шарени.

Длабочелниот смок во случај на опасност брза да се сокрие, но кога не постои начин да избега е агресивен, шушти и каса. Кога зазема одбранбена поза, го подига предниот дел од телото, како и кобрите. Отровните заби му се сместени на задниот дел од горната вилица, но не постојат записи дека при каснување отровот е опасен за човекот.

Длабочелниот смок е распространет во Јужна Европа (Пиренејскиот полуостров, Јужна Франција, Северозападна Италија, западниот и јужниот дел од Балканскиот полуостров), Кавказ, Западен Иран, Северен Ирак, Турција, источното крајбрежје на Средиземното и Цервеното море и во Северна Африка. Живее на каменест терен, обраснат со грмушки и ниски дрвја каде што има можност за криење. Се храни исклучиво со гуштери, глодари и помали змии и смокови вклучувајќи и помали единки од својот вид.

Женската во периодот на април и мај снесува 5 до 10 јајца, од кои за 60 денови излегуваат малечки.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc