2009: Bombina variegata (Жолт мукач) сликана во околината на Трескавец

Bombina variegata (Жолт мукач)

Bombina variegata (жолт мукач) е жаба која припаѓа на семејството Bombinatoridae. Таа се среќава во континенталниот дел на Западна и Централна Европа. Во Македонија е застапена на целата нејзина територија, како во рамниците, така и во планините до 1900 метри надморска височина, во помалите потоци и извори на вода, претежно на места со чиста вода. Возрасните единки се со големина од 35 до 55 милиметри. На грбот се крастави со темно маслинеста боја, често со светли пеги. Стомакот и долниот дел на нозете им се со жолто-црни пеги.

Додатно оружје на оваа жаба е течноста со одбивен мирис која ја испушта на напаѓачите и која ги иритира очите. Кога се нападнати ја покажуваат жолтата боја на стомакот која има улога да го исплаши евентуалниот предатор. Жолтиот мукач тоа го прави така што се превртува на грб и се искривува покажувајќи го светло обоениот стомак и другите обоени делови. Животниот век им е до 10 години, но забележани се примероци кои живееле во заробеништво и достигнале до 34 години живот.

Жолтиот мукач е активен прку целиот ден. Главно се храни со мали полжави, црви, инсекти и нивни ларви, од кои најзастапени во нивната исхрана се ларвите на комарците. Жолтиот мукач поголемиот дел од денот го поминува во водата, така што најчесто се грее на сонцето, подавајќи ја само главата над површината од водата. Кога е исплашена брзо се крие на дното меѓу водните растенија или се закопува во калта. Ретко се оддалечува на повеќе од 30-40 сантиметри од водата, освен во дождливите ноќи. Хибернацијата од октомври до април ја поминува на копното скриена меѓу камења или под паднатите лисја.

Од средината на април до јули жолтиот мукач полага поединично или во мали групи од 50 до 200 јајца, кои ги прилепува врз подводните растенија. Половата зрелост ја достигнува од втората до четврттата година од животот. Жолтиот мукач е заштитен со Бернската конвенција за строго заштитени врсти (став II), со европската директива за заштита на живеалиштата и врстите (анекс II, IV) и со Законот за заштита на природата во Република Македонија.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc