Кулата на Ордан Бомбол, изградена 1886 година од турските власти.

Врбјани

Врбјани е сместено во срцето на големата житница Пелагонија. Тоа е село во составот на Општина Кривогаштани. Врбјани се граничи од исток со селото Славеј, од запад со општина Кривогаштани, од север со селата Вранче и Заполжани и од југ со селото Боротино. Од Прилеп селото е оддалечено 16 км.

Се споменува дека Врбјани постоело пред 1465 година. Името го добило по тоа што во селото имало многу врби и селаните почнале да го викаат Врбјани. Тука се наоѓа едно од најголемите неолитски наоѓалишта, месноста викана Врбјанска Чука, која сеуште не е целосно истражена, зашто се смета дека постојат многу разни докази од неолитско време. Црквата „Свети Никола“ е уште еден доказ дека селото постоело многу одамна, зашто таа е изградена во 1856 година од познати македонски градители.

Во XIX век Врбјани било егзархиско село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Врблани (Varblani) е посочено како село со 43 домаќинства и 203 жители. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Врбјани имало 364 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век поголемиот дел од жителите на селото биле под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Врбјани имало 184 егзархисти и 104 патријаршисти.

Главни семејства во Врбјани биле: Чоневци, Перовци, Пројшевци, Голевци, Клинкаровци (Турникаповци) и Огненовци.

Во 1904 година во селото влегува башибозук под команда на крвникот Уска Топузот кој испукал шест патрони во главата на роднина од еден комита. Крвникот не се задоволил само со тоа туку и од телото на убиениот сечел парчиња месо.

При избувнувањето на Балканската војна, тројца жители од Врбјани биле доброволци во Македоно-одринското ополчение. По Меѓусојузничката војна селото било окупирано од Србија.

Во 1961 година во Врбјани живеел 503 жители, во 1994 – 316, додека во 2002 во селото живееле 294 Македонци.

Во Врбјани се родени Крсте Мицев, Митре Атанасов и Митре Нетков, македоно-одрински ополченици.

Во Врбјани се наоѓа и кулата на Ордан Бомбол, изградена во 1886 година од Турците и е единствен зачуван објект од таков вид во Прилепско.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc