Селани од Вранче

Вранче

Вранче се наоѓа на западниот дел од Прилепското поле, покрај реката Блато или Бара, а некаде се сретнува и како река Зрзе, во најјужниот дел на територијата на општина Долнени. Селото е рамничарско, на надморска височина од 603 метри. Од градот Прилеп селото е оддалечено 22 км.

Во текот на зимскиот период, селото често било од сите страни окружено со вода и тогаш, од многу вода, ни од куќите не се излегувало. Во поново време, заради поплавите, ослабела плодноста на земјата.

Во атарот на Вранче регистрирани се следниве археолошки локалитети: „Аџина Бара“ – населба римско време од среден век; „Горна Корија“ – населба и некропола од доцноантичко време; „Длабока Бара“ – населба од доцноантичко време; Русоица – населба од доцноантичко време; „Стари Лозја“ – енеолитско и римско време; „Тумба“ – населба од доцноантичко време; „Црква Свети Никола“ – осамен наод од римско време, кој се наоѓа во дворот на црквата, каде пред влезот во истата, од западната страна се наоѓаат повеќе антички споменици од мермер, и тоа: надгробни стели, делови од стебла на столбови и друго.

Вранче е село од збиен тип, кое се дели на маала. Роднинските куќи се блиску, едни покрај други и групирани. Помалите делови ги имаат роднинските имиња, како: Гајдовци, Мраушковци, Ковиловци… Потезите околу селата се нарекуваат: Изгиналица, Деривол, Русоица, Белчеица, Матица, Долна и Горна корија, Белуток, Различиште, Пупуница, Слатина, Тумба, Стари лозја.

На три километри јужно од Вранче се наоѓа местото Тумба. Во почетокот на минатиот век, таму селаните најдувале камени плочи, кои ги употребувале во градбата на куќите. На потегот Стари лозја, западно од Вранче, низ нивите имало изорано и стари темели.

Во 1467/68 година во Вранче имало 20 семејства и 2 неженети; во 1481/82 – 25 семејства и 3 вдовици; во 1544/45 – 90 семејства, 11 неженети и 6 вдовици, но овој пат се сретнуваат и 2 муслимански семејства; во 1568/69 – 35 семејства, 77 неженети и 3 вдовици.

Според Турскиот пописен дефтер за Велешката каза од 1568/69 година, за Вранче е запишано дека е село – чифлик на спахијата Мустафа и Кочи, неговиот син, и дека припаѓа на Прилеп. Тогаш во Вранче живееле: Стојан Пејо, Димитри Миле, Пејо Дојчин, Никола Јован, Јовко Николин, Јован Грубан, Пејо Николин, Стојан Пејо, Којко Пејо, Димитри Пејо, Продан Пејо, Димко Рале, Грубо Димјо, Рале Пејо, Петко Рале, Стојан Јове, Продан Нове, Митан Продан, Станиша Јове, Јован Протуѓер… За прв пат се спомнуваат и имиња на свештеници, кои живееле во Вранче: Поп Костадин, поп Стојан, поп Пејо и поп Никола.

Вкупниот приход од Вранче изнесувал 9200 акчиња и истиот најмногу бил остваруван од пченица, мешано жито, испенџе, шира, ушур од
трева, нијабет и свадбарина, данок за ситна стока…

Вранче е старо село. Во него се евидентирани голем број на стари македонски родови. За време на турското ропство тука биле формирани чифлици. При крајот на турското ропство, газди на чифлиците биле: Рамадан, Асан и некој Ефендија од Прилеп, потоа Тодор Лега Влав од Крушево. Селаните имале малку своја земја.

Во XIX век, Вранче било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година, во која е приложена статистиката на машкото население од 1873 година, Вранче (Vrantché) е посочено како село со 69 домаќинства и 308 жители. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото е населено со 520 жители христијани и 10 Роми. Во почетокот на ХХ век, селаните биле под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Вранче (Vrantché) имало 64 егзархисти.

При избувнувањето на Балканската војна, десетмина од Вранче биле доброволци во Македонско-одринската доброволна чета.

Во 1913 година селото било окупирано од српските војски. Српскиот војвода Василије Трбиќ забележал дека, „Вранче е пробугарски центар во Прилепското поле“. При избувнувањето на Првата светска војна и започнатата српска мобилизација на локалните жители, 25 од нив избегале и формирале чета на ВМОРО. Во јуни 1915 година, вранечката чета го убила српскиот војвода Јован Долгач.

За старите родови во Вранче никој не знае од каде се доселени. Можно е сите тие да се староседелци. Родовите во Вранче се: Ковиловци, Пројчевци, Колчаковци, Мраушковци, Димитриовци, Булдиовци, Мицановци, Петлевци, Николовци, Трумпевци, Тумбевци, Атанасковци, Каламуковци, Сисирковци, Јанковци, Какровци, Китевци, Џунковци, Остревци, Карабелевци, Пандевци и Влашковци. Сите тие за домашна слава го имаат Свети Никола. Димитриовци се деленици од Мицановци.

Се знае дека во Вранче доселени родови се: Гајдовци, за кои не се знае од каде се дојдени, слават Пречиста; Апостоловци, ни за нив не се знае од каде се дојдени, слават Петковден; Кондевци, потекнуваат од некој домазет, кој тука дошол од селото Крапа, слават Петковден.

Од Вранче иселени се: Паламидовци, се иселиле во Сенокос; Илиовци, се иселиле во Локвени; Коневци, се иселиле во Жабјани. Пижаковци живеат во Дедебалци. Многу семејства се иселени во Прилеп и Скопје, но и во странство.

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1921 = 67 домаќинства, 1948 = 659 жители (75 домаќинства), 1953 = 720 жители (85 домаќинства), 1961 = 724 жители (107 домаќинства), 1971 = 506 жители (90 домаќинства), 1981 = 240, 1991 = 161, 1994 = 147. Според пописот од 2002 година, во Вранче живеат 105 жители, сите Македонци.

Во Вранче се наоѓа црквата во чест на „Свети Никола“. Таа е изградена и осветена во 1874 година. Црквата претставува еднокорабна градба, со петтострана апсида од надвор и галерија на кат на западната страна. На западната страна дограден е трем, над кој се издига камбанарија. Црквата е живописана во 1875 година. Автори на живописот се Петре и неговиот син Глигур Дебранин од село Тресонче. На почетокот на ХХ век стариот живопис покриен е со нов.

Над влезот од јужната страна на црквата, во внатрешноста, постои натпис, според кој заклучуваме дека црквата е осветена за време на „првиот патријарх Антим“, кога во селото парохиски свештеник бил „папа Ристе“, а еклисиарх Тоше. Црковни настојатели и заслужни за градба на црквата биле: Аризанко, Најдо Гајда, Јосиф, Најдо Костадинов, Стојан Боте, Мирче, Богдан, Иван, Петко, Тале и сите селани вранчани. Повисоко, над тремот, се наоѓа уште еден натпис, во спомен на покојните Блашко и Васил Трајкови од 1913/15 година, кои подариле „два камени диреци“ за црквата.

Црквата е реставрирана во 1926 година од Милан М. Дукиќ од селото Осое, Дебарско, но факт е дека реконструкцијата е лошо изведена, па денес, за жал, оригиналните фрески се доста оштетени и се лупат.

Покрај црквата се наоѓале и старите селски гробишта. Меѓу нив е и гробот на Велјан Ковилоски, еден од највлијателните вранчани од втората половина на XIX век. Денешните гробишта се наоѓаат западно од селото. Селската слава се одржувала на денот на Светите рамноапостолни цареви Константин и Елена.

Во Вранче се родени: Миле Наумчев, деец на ВМОРО, уапсен во 1903 година, убиен во Урфа; Наумче Грозданов, деец на ВМОРО, уапсен во 1903 година, убиен во Мала Азија и Јордан Ковилоски (1884-1979), деец на ВМОРО, учесник во Балканските и Првата светска војна.

3 коментари

  • vrancanski May 13, 2012

    vrance-1954god. ordan i trajanka koviloski so sinovite,kerkata,snaite i vnucite. prekrasen spomen na edni odamna minati vreminja.

    Respond
  • CrnorizecHrabar May 13, 2012

    Ви благодариме за дообјаснувањето на ликовите!

    Respond
  • Симе April 22, 2017

    Мајка ми , Цвета ,е родена во Вранче 1936 година,од фамилија Пројчевци ,моминско презиме Атанасоска, од мајка Парасија и татко Соколе.
    Поздрав до сите Вранчани каде и да се.

    Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc