Тројкрсти

Тројкрсти

Тројкрсти е село во средишниот дел на Битолско-прилепската котлина. Селото е притеснето со коритото на Црна Река од југ и возвишението Бедем (646 m) од север. Околни населби се: Чепигово, Тополчани, Загорани и Новоселани.

Според народната традиција, денешното село Тројкрсти настанало кон крајот на XVIII век. Тогаш овде се населиле три христијански семејства, од кои потекнуваат денешните родови: Ржанковци, Ѓоревци и Ѓелдимовци. Останатите родови се населиле во текот на XIX и XX век. За време на турското ропство Тројкрсти било рајатско село. Жителите обработувале малку земја на возвишението Бедем, а земјата десно од Црна Река била блато. Кон крајот на XIX век некој ага од селото Чепигово по рамното земјиште отворил канал и блатото се исушило. Оттогаш жителите започнале да обработуваат земја и од десната страна на Црна Река. Од 1900 година две албански семејства од Пресил во Тројкрсти купиле малку земја со намера тука да основаат чифлици, меѓутоа со крајот на турското ропство во 1912 година не успеале во тоа.

Во XIX век Троjкрсти било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Тројкрсти (Troïkrasti) е посочено како село со 16 домаќинства и 63 жители христијани.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Тројкрсти имало 150 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век населението од селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Тројкрсти имало 112 егзархисти.

Според пописот од 2002 година, во селото Тројкрсти живееле 81 жител, сите Македонци.

Во Тројкрсти е роден македонскиот револуционер Иван Димов Пашата (1878-1907).

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc