Топлица

Топлица

Топлица е село во јужниот дел на Република Македонија, општина Прилеп. Селото е расположено во долината на Раечка река, источно од Прилеп. Ова село лежи на повисоката егејска тераса во подножјето на Борила. Терасата е слабо дисецирана од долините Ведрица и Баба-Куска. Селото со вода се снабдува од чешми и од бунарот Ведрица, кој во вид на резервоар бил изѕидан над изворот. Топлица е христијанско село од збиен тип и овална форма.

Во годините кога било најмногу населено, селаните се занимавале со сточарство, а многу слабо со земјоделство. Трговски и стопански гледано, селото „отсекогаш било слободно“. Нивите се на рамнините над „Ќафето“, а ги има и под селото, низ Баба-Куска, до Раец. Со многукратната поделба, нивите многу се распарчувале, така што еден домаќин имал околу 70 „дунуми“ на 50 разни места. Од тие причини, многу од приносите „оделе“ по меѓите, а посевите се газеле. Стоката преку ден ја паселе под селото, за да ги пазеле оградите, а ноќе оделе во планина. Селаните оделе на аргатлук (копање и жнеење) низ Тиквешијата и по Полето. Во „турско“ оделе на печалба во Србија, Бугарија, Романија, па дури и Америка. Најчесто печалбарите биле циглари.

Во XIX век Топлица било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Топлица е посочено како село во Велешката каза со 42 домаќинства и 197 жители.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Топлица имало 420 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век населението од селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во „Тополица“ имало 384 егзархисти.
Најстарите фамилии во Топлица се бегалци од Селиште кај Извор на Раец и во ова село дошле при крајот на XVIII век. Тие фамилии се: Стојановци и Волчевци, кои за своја слава го имаат Свети Георгиј.

Понови доселеници во Топлица се: Кишковци (Поп Игнатиј дошол на парохија во Топлица од Ракле во 1867 година); Вакановци (Стојко од Кокре дошол како ковач во 1895 година).

Од Топлица иселени се овие фамилии: Стојановци и Војчевци (пребегале во Прилеп во периодот од 1900-1912 година). Даниел и Цане од Војчевци биле на печалба и се задржале како кафанџии во Крагуевац околу 1900 година. Една куќа од Стојановци во 1902 година отишле во местото Рушчук. Една куќа од Војчевци во 1905 година заминала за Романија. Јоце од Војчевци во 1910 година заминал за Америка.

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1948 = 240; 1954 = 221; 1961 = 144; 1971 = 73. Според пописот од 1981 година, во Топлица имало 15 жители, во 1991 = 8, во 1994 бројот се намалил на само 6, а според пописот од 2002 година селото има само 5 жители, сите Македонци.

Црквата „Свети Никола“ во селото Топлица претставува трикорабна градба, со полукружна апсида на источната страна. Подигната и живописана е во 1860 година. Автори на живописот се Ангелко и Велјан од Папрадиште. Црквата е обновена во 1892 година, кога на западната страна е дограден трем.

Селските панаѓури во Топлица се одржувале на Свети Еремиј и на Свети Мина. Во месноста Селиште, стара Топлица, има „гробиште“ и „црквиште“.

Во близина на селото, на самиот пат постоел и Топлички ан, кого во 1900 година го запалиле комитите. Во негова близина се наоѓале и урнатините од Топличката кула. Токму кај овој Топлички ан, во 1926 година, се случил и еден разбојнички напад, за што пишувала и „Политика“ на 12 ноември 1926 година. Имено, поранешниот „жандарм“ Благота Вујевиќ, родум од Црна Гора, а кој бил на служба во овие краишта, го нападнал автомобилот, кој се движел на релација од Градско кон Прилеп и ги ограбил прилепчаните Милан Ќовкар (трговец) и Ристо Калпак (рибар), како и инжинерот Милутин Глигоријевиќ, кој бил на работа во Прилеп.

За стрмнините на Козјак и Борила, постои предание дека нив со сабја ги засекол лично Крал Марко. На Козјак постои и Марков пат, од каде што Марко ги прогонувал Турците и ги фрлал низ стрмнините. Под селото, на една варовита рамнина, има место Маркова плоча, на кое „се познава стапалото, на кое што Марко цапнал од Козјак со коњот“.

Во Топлица се родени: Илија Јовановски (1921-1944), народен херој на Југославија; Милан Петров Топличанец (?-1903), револуционер, загинат во Битката на Ножот; Панајот Ангелов, свештеник во Велес по 1866 година; Петар Апостолов, македонско-одрински доброволец, 24-годишен, 4 чета на 4 битолска дружина, ранет на 5 јули 1913 година, носител на орден „За храброст“ ІV степен.

Во Топлица се починати: Ѓоре Спирков (1870-1907), македонски револуционер; Тодор Цветинов (?-1907), македонски револуционер, родум од Велес, велешки војвода на ВМОРО, загинат заедно со Ѓоре Спирков.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc