2013: Шелеверци

Шелеверци

Шелеверци е село во јужниот дел на Прилепско Поле, недалеку од патот Прилеп-Битола. Селото е рамничарско, на надморска висина од 654 метри. Од Прилеп селото е оддалечено 18 км. Атарот зазема простор од 5,7 км2. Селото, во основа, има полјоделска функција.

В XIX век Шелеверци било село в Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година, во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Шелеверци (Chélevertzi) е посочено како село со 19 домаќинства, со 88 жители „Бугари“.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Шелеверци има 66 жители, сите „Бугари“ христијани.

Во почетокот на ХХ век, населението во селото е под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Шелеверци има 80 „Бугари егзархисти“.

Според пописот од 1961 година, Шелеверци имало 137 жители, во 1994 – 33, а според пописот од 2002 година, во селото имало само 21 жител, сите Македонци.

Шелеверчаните Петре Ицев Шијак и Цветан биле четници во четата на Стојан Куликов – Толе Паша.
На 3 февруари 1904 година, кај месноста Кленов Дол, село Гуѓаково во борба со османлиската војска загинале заедно со Толе Паша и уште 7 четници.

Народот ја опеал оваа битка во песна, но Петре Ицев наместо од Шелеверци е спомнат како од Челебевци.

Жали и гордеј се, Мариовска страна

Жали и гордеј се, Mариовска страна,
Мариовска страна, село Гудјаково.

Пушки загрмеја, пушкине малихери,
пушкине малихери, рускине берданки.

Прва пушка пукна Толета го удри,
Толета го удри, славниот војвода.

Втора пушка пукна – на Толета син му,
на Толета син му – херојско чедо.

Трета пушка пукна Петрета Ицев мавна,
Петрета Ицев мавна, од Челебевци.

Жалите ги, браќа, тие славни борци,
што не дочекаја славната слобода!

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc