Превојот Плетвар, 1917...

Плетвар

Плетвар се наоѓа на североисточниот дел од Прилеп, на превојот и патот кој што води од Прилеп за Градско. Селото е планинско, на надморска височина од 990 метри. Од Прилеп селото е оддалечено 9 км.

Вода за пиење селото добивало од четири извори, над кои имало изѕидани чешми. Имињата на чешмите се: Бароец, Средсело, Нова чешма и Стара чешма. Потезите околу селото ги имаат овие имиња: Бидимаж, Ливада, Баба, Осојница, Козјак, Длабок дол, Неврокоп, Прдлоец, Рид, Лакосерец, Капина, Лозја, Селиште и Плетвраски дервен.

Плетвар е село од низиски тип, со куќи ѕидани од вар. Ова село никогаш не се делело по маала. Роднинските куќи се блиску една до друга и така се групирани. Помали делови од селото носат роднински имиња, како Соколовци, Шијаковци, Дуковци, Стојчевци и т.н. Народното предание ни говори дека Плетвар е многу старо село. Во почетокот тоа се простирало на 2 км. источно од сегашната местоположба, на потезот наречен Селиште. Таму селото имало 13 македонски куќи. Во Селиште бликал изворот Дујгас, а низ лозјата долго време се ископувале остатоци од некогашните куќни ѕидови.

Од местото Селиште, на денешното место, селото е преселено пред околу 200 години, и тоа според некоја царска заповед. Причината за донесувањето на таа заповед селаните ја објаснувале со овие зборови: „На денешно место, кое се нарекува Дервен, во зима фаќало голем студ и патниците се смрзнувале“. Потребно било тука да се населат селани, како би можеле на патниците во студените зими да им пружаат засолништа. Заради тоа, селото Плетвар за време на Османлиското ропство „долги години не плаќаше данок“.

Плетвар има премногу важна сообраќајна положба. Во врска со таквата положба, во селото биле скроени разни приказни. Се раскажува дека низ селото редовно поминувале татари (поштари, гласници) со ѕвонче. Тие ја разносувале поштата. На еден коњ еден татар јавал од Прилеп до селото Тројаци, на друг до селото Дреново, на трет до Кавадарци…

Во XIX век Плетвар било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Плетвар (Plétvar) е посочено како село со 46 домаќинства и 208 жители.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Плетвар имало 472 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век, населението на селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Плетвар имало 456 егзархисти и работело бугарско училиште.

За потребите на патниците во Плетвар, во 1912 година имало осум анови. Седум анови биле во сопственост на селаните, а еден ан држел Коста Влавот од Крушево. Ановите биле наречени според стопаните: Соколовски, Дуковски, Богоевски, Крнчевски… Од 1912, па до 1920 година, по воведувањето на новите сообраќајни средства, сите анови биле затворени. Заради заштита на патниците, во Плетвар постоела и „кулата“. Селаните долго време раскажувале дека „и лете, и зиме, во неа седеа Турците“.

Плетварци живееле „од кириџилак, од кози и шуми“. Нивните кириџии одгледувале по 3-4 коњи. Тие пренесувале грозје и вино купено во Кавадарци и го продавале во Прилеп, Крушево и Ресен. Тој трговски кириџилак, козарството и непланското користење на шумите прекинале по Втората светска војна, воглавно во 1948 година. Поради тоа, во тој период од селото во Прилеп се иселиле околу 30 домаќинства.

Според пописните листи, забележано е дека во 1921 година бројот на домаќинствата во селото изнесувал 77. Бројот на населението низ годините е следниов: 1948 = 426; 1954 = 387; 1961 = 331; 1971 = 177. Според пописот од 1981 година, во Плетвар имало 87 жители, во 1991 = 44, во 1994 бројот се намалил на само 30, а според пописот од 2002 година селото има само 22 жители, сите Македонци.

Во селото се наоѓа црквата во чест на „Светите бесребреници Козма и Дамјан“. Таа претставува трикорабна градба, полукружно засведена и со полукружна апсида на источната страна. На западната страна има галерија на кат и затворен трем. Црквата е подигната во 1862 година и осветена е од Пелагонискиот митрополит Бенедикт. Црквата е живописана во 1865 година.

Во селото се одржуваат два селски собори – на Спасовден и на Свети Врачи. До средината од минатиот век, на Спасовден се правела и литија низ селото. Селските гробишта се во црковниот двор.

Стари плетварски фамилии се овие: Соколовци, Трпановци, Мурџевци, Кочовци и Порјазовци, кои за домашна слава ја имаат Пречиста. За нив се раскажува дека живееле на Селиште. Еден Трпановски род се нарекуваат Сиромашни. Стојчевци, Мурговци, Крнчевци, Чавкаровци, Оџовци и Карачковци за домашна слава го имаат Свети Никола. За нив се говори дека „се едни од најстарите во селото“, а и нивните претци имале куќи на Селиште.

Во Плетвар се доселени следниве фамилии: Никовци, кои потекнуваат од некој предок доселен од Тиквешијата. Родоначалникот на Караиловци потекнувал од Кавадарци. За него се раскажува дека „одел како кириџија, па се оженил во Плетвар и тука останал“. Дуковци потекнуваат од селото Кокре во Мариово, а Шијаковци се по потекло од Никодин. Од тоа село, пред околу 150 години „дошле двајца браќа свињари“. Тие во Плетвар се ожениле и тука основале домови. За Будевци и Велјановци не се знае од каде се дојдени.

Од Плетвар, една фамилија со осум куќи се иселила во Тиквешијата. Најголем број иселеници живеат во Прилеп. Од Плетвар сосема се иселени родовите на Тошевци и Трпевци. За Трпевци се раскажува дека по потекло биле од некое село во околината на Дебар. Таму Арбанасите во некоја воденица им го убиле главниот домаќин. Домашните оставиле сè во старото село и ноќе се иселиле.

Во Плетвар, на влезот од селото се наоѓа споменик на НОБ.

Во Плетвар е роден Димко Кочов. Се присоединил кон ВМОРО, станал војвода и раководител на револуционерниот комитет на организацијата во родното село. На 6 мај 1907 година, во Крстец бил убиен од србоманскиот војвода Григор Соколов, заедно со сопругата и петгодишното дете.

Во Плетвар, во 1942 година, бил убиен народниот херој Борка Талески.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc