Новоселани

Новоселани

Новоселани се наоѓа во средишниот дел на Прилепското поле, на територијата на општина Долнени, непосредно до патот Прилеп – Македонски Брод. Селото е рамничарско, на надморска височина од 620 метри. Од градот Прилеп, селото е оддалечено 14 км.

Селото се наоѓа на граница меѓу полето од исток и повисоко земјиште од запад. Порано, вода за пиење селото добивало од бунари, кои биле длабоки 10-20 метри. Новоселани е село од низински тип, во правец север-југ. Составено е од Горно и Долно маало. Потезите на повисокото земјиште се: Лозја, Рид, Чешма и Осојница, а во полето се: Горно поле, Браненица, Корија, Ливади, Делови, Коњарско, Жолтица и Криви слогови.

Во атарот на Новоселани регистрирани се следниве археолошки локалитети: „Свети Георгиј“ – осамени наоди од римско време; „Слатина“ – населба од доцноантичко време; „Стари лозја“ – населба од римско време.

Според името, заклучуваме дека Новоселани е поново село. Традицијата ни говори дека селото е старо околу 200 години. Во времето на основањето на селото, тука се насеиле претците од денешните родови: Вајгаловци, Шиклевци и други.

Но, иако традиција и името ни говорат едно, историските податоци ни сведочат сосема друго. Во 1467/68 година Новоселани било христијанско село, кое припаѓало на Прилепската нахија. Тогаш имало 15 христијански семејства и 1 неженет; во 1481/82 – 23 семејства; во 1544/45 – 20 семејства и 3 неженети; во 1568/69 – 5 семејства и 3 неженети, како и 2 муслимански семејства.

Според Турскиот пописен дефтер за Велешката каза од 1568/69 година, за Новоселани е запишано дека припаѓа на Прилеп и дека е чифлик на силахдарот Шуџа, чифлик на спахијата Хасан, па на уште еден Хасан, Али Караѓоз – чифт, Ибрахим Мустафа – чифт, Каплан, син на Хасан, спахиски син.

Во пописната листа на селаните, се спомнува името на Димитри поп. Вкупниот приход од Новоселани изнесувал 2700 акчиња и истиот најмногу бил остваруван од шира, пченица, мешано жито, испенџе, ушур од лен, данок за свињи, хаса за ливада и др.

Во XIX век Новоселани било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Новоселени (Novoséléni) е посочено како село со 30 домаќинства и 140 жители христијани. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Новоселани било населено од 202 жители христијани. Во почетокот на ХХ век селаните биле под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Новоселани (Novosseliani) имало 240 егзархисти.

По Меѓусојузничката војна во 1913 година, селото од бугарска преминува под српска окупација.

По основањето, во Новоселани се формирани неколку чифлици. Во времето на падот на Османлиската империја, сопственици на чифлизите биле: Алил, Јусуф, Зубер, Мурат, Осман Лопатарски, Шериф, Глауч и Исмаил. Мурат живеел во Дебар, а останатите во Прилеп. Тогаш само една четвртина од атарот била во сопственост на селаните. Во 1913 година, селаните, дотогашните „ортаци“, еден дел од чифлиците ги купиле, додека другите делови ги добиле подоцна, преку аграрната реформа.

Во Новоселани живеат овие македонски родови: Вајгаловци (слават Свети Георгиј зимен), а се основачи на селото. Нивниот најстар предок се викал Јовче, кој тука се населил пред околу 200 години од соседното раселено село Малешево. Потоа, Шиклевци, кои исто така се стар род (слават Свети Георгиј зимен). Според тоа што имаат иста слава, изгледа дека и тие имаат исто потекло со Вајгаловци. За време на турското ропство „шетале како момоци по селата“. Амбулевци, (слават Свети Георгиј зимен), потекнуваат од некој домазет од кај фамилијата Шиклевци, кој тука дошол од Средорек. Ќофтевци (слават Свети Георгиј зимен), потекнуваат од некој домазет, кој тука дошол од Долнени за време на турското ропство. Кривогавци (слават Митровден), дошле од Кривогаштани за време на турското ропство, „како момоци кај дебранецот“. Кокаревци (слават Митровден), дошле од Кутлешево во 1913 година, а пред тоа „шетале како момоци“ во Бело Поле и Средорек. Грујовци (слават Свети Никола), дошле од Браилово во 1909 година, а таму „ги навјасале“ Албанците, па затоа го напуштиле селото. Нивната земја им ја оставиле на Арбанасите. Велјановци (слават Петковден), најпрво од Мариово дошле во Сенокос, а потоа се населиле во Новоселани. Во Сенокос имаат род со исто име. Баловци (слават Свети Никола), дошле од Кутлешево во 1925 година, но и таму биле доселени од некаде.

Познато е дека од Новоселани се иселиле следниве родови: Клаповци, кои живеат во Средорек. Неколку семејства на Шиклевци се иселиле во Прилеп од поодамна. Исто така, од поодамна и неколку семејства на Грујовци се иселиле во Прилеп, а едно во Браилово. И од Велјановци многу семејства се иселени од поодамна во Прилеп.

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниот: 1921 = 12 домаќинства; 1948 = 283 (34 домаќинства); 1953 = 320 (41 домаќинство); 1961 = 361 (52 домаќинства); 1971 = 328 (65 домаќинства), 1981 = 263; 1991 = 171; 1994 = 145. Според пописот од 2002 година, во Новоселани живеат 111 жители, сите Македонци.

Во Новоселани се наоѓа црквата во чест на „Свети великомаченик Георгиј“. Црквата е изградена во 1837 година, благодарение на ктиторството на Јовче Вајгалески, кој иако имал наредба да ја изгради црквата со вкопување на 5 скалила во земјата, сепак, Јовче ја вкопал само 3 скалила. Заради оваа своја постапка бил тепан и измачуван од Османлиите. Црквата претставува еднокорабна градба, со полукружна апсида на источната страна и полуобличест свод. Покрај црквата се наоѓаат и гробиштата. Селската слава се одржува на првиот и вториот ден од Велигден.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc