Никодин

Никодин

Никодин се наоѓа во североисточниот дел на територијата на општина Прилеп, под североисточната падина на планината Бабуна, а во горното сливно подрачје на Раечка Река. Селото се наоѓа на надморска височина од 600 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 37 км. Атарот зазема мошне голема површина од 52,6 км2.

Никодин лежи во подножјето на Борила, под длабокиот преслап меѓу Рајкова Глава на север и Козјак на југ, а на повисоката егејска тераса, која ја сечи Глоговичка река. Селото со вода се снабдува од чешми, а во околината на селото има многу извори: Белјак, Мавровец, Пропратница, Лалево кладенче, Извор, Калуѓери, Крилјанец, Бели полјани, Студеница и др. Селото отсекогаш било христијанско, од збиен тип со разредени краеви.

Во годините кога било најмногу населено, селаните се занимавале со сточарство, а еден мал дел со земјоделство. Трговски и стопански гледано, селото „отсекогаш било слободно“. Теренот со пасишта и шума го опфаќа венецот од Борина, од Јасенова глава над Попадија, па преку местата Липовец, Свињарник, Долна нива, Попова ливада, Свети Милош, Минова нива, Преслап и Студеница оди кон Козјак, а оттаму слегува преку стрмнините на Ножот во рамната котлина над Ракле. Некогаш овој терен се простирал до над Топлица, но овој дел од теренот го зазеле сточарите од Ракле и Топлица, кога селата „избегале нагоре“. Пасиштата биле особено погодни заради честите извори. Горе, на високите површини биле нивите, а во рамните котлини нивите „не чинат“ заради оголувањата од неоген вар. Исто така, добри биле и лаките кај Глоговичка река.

На теренот на денешното село Никодин постојат остатоци од осум населени места: Глоговица, Кауѓере, Старо Село, Бели Полани, Белјак, Стари Белјак, Утово и Загорани.

Глоговица се наоѓа на три километри источно од Никодин. Тука денес постојат само две иселени куќи. Кауѓере се наоѓа на околу три километри јужно од Никодин. Среде многуте извори и кладенци се наоѓал богатиот манастир во чест на Пресвета Богородица. Овој манастир во 1942 година повторно е изграден, врз темелите на старата градба. Старо Село се наоѓа на два километри јужно од Никодин. Бели Полани се наоѓа на околу седум километри северно од Никодин. Тука има остатоци од ѕидини и гробишта. Загорани се наоѓа на околу пет километри северно од Никодин, Во 1942 година тука се ископани обработени камења од акрополска градба. Белјак се наоѓа на седум километри северозападно од Никодин. И тука се сочувани ѕидини и гробишта. Стари Белјак се наоѓа на околу два километри западно од Белјак. Тука се забележуваат и остатоци од стара црква. Утово е најоддалеченото село, кое се споило со Никодин. Ова село се наоѓа на околу два часа одење западно од Никодин, во реонот на Рамна Бука, западно од ледината Минова Нива.

Во летото 1920 година, на Никодинската планина во пет колиби се сместиле „Црнованците“, кои дошле од битолско со 600 овци и 20 коњи.

Жителите од Никодин оделе на аргатлак во Тиквешијата, и тоа најмногу на жнеење. Додека таму заврши летината, околу Свети Илија житото стасувало и во Никодин, па аргатите се враќале во родното село. За време на турското ропство, никодинци оделе на печалба во Романија и Србија. Во почетокот оделе во групи од по 10-15 луѓе, а во 1895 година почнале да одат дури и по 90 луѓе одеднаш. Најмногу од занаетчиите биле мајстори-ѕидари, а најпознати меѓу нив биле Вртевци, меѓу кои имало и прочуени циглари. Иле Видовски работел во Србија 12 години. Од Никодинската планина се вадел ќумур, а кај Белава се печела вар, па потоа со товарала преку Преслап и се носела за Прилеп.

Во XIX век Никодин било село во Велешката каза, нахија Клепа на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година, и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Никодин е посочено како село со 80 домаќинства и 343 жители.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Никодин има 900 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век населението од селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Никодин имало 240 егзархисти. Според таен допис на бугарскиот конзулат во Скопје, 46 од 129 куќи во селото, во 1903 година, под притисок на српската пропаганда во Македонија, ја признале Цариградската патријаршија.

Најстарите жители на Никодин „се собрале“ од околните „селца“ кога надошле турските поробувачи. Првите никодински фамилии се: Поповци, Вртевци, Камџиовци, Златаровци, Видовци, Пирковци, Голичовци, Мирчевци (сите овие го слават Свети Никола), Чундевци, Тодевци (Митровден), Миновци, Ордановци, Кишковци, Сурковци, Попристовци и Момировци (Пречиста). Постари доселеници се: Новоселци (чии дедовци избегале „заради зулумите“од селото Желишта „од кај Грбавец“ во средината на XVIII век), Глоговичани (чии дедовци избегале од селото Глоговица во почетокот на XIX век). Новоселци и Глоговичани го слават Арангеловден. Варижановци, кои избегале од имотот на бегот во Фариш во средината на XIX век. За домашна слава ја имаат Пречиста. Понови доселеници се: Бошнаковци (Бошко од Ракле дошол домазет кај Сурковци во 1904 година, слават Пречиста); Балчевци (Димко од Крстец дошол домазет кај Миновци во 1912 година, слават Пречиста); Паровци (Јован од Ракле дошол домазет кај Миновци во 1917 година, слават Пречиста).

Од селото Никодин во 1878 година се одселил Филип од Најденовци, кој заминал на „гурбетлук“ во Куршумлија.

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1948 = 550; 1954 = 528; 1961 = 437; 1971 = 212. Според пописот од 1981 година, во Никодин имало 66 жители, во 1991 = 29, во 1994 бројот се намалил на само 10, а според пописот од 2002 година селото има само 7 жители, сите Македонци.

Во Никодин има две цркви. Црквата „Свети Атанасиј“ е возобновена и преосветена во 1935 година, а на тоа место се наоѓала црква од XIV век. Оваа црква претставува еднокорабна градба, полукружно засведена, со полукружна апсида на источната страна, која однадвор е оживеана со четири слепи ниши. Црквата е живописна во 1943 година.

Црквата „Свети Илија“ се наоѓа во гробиштата. Всушност, тоа е мал параклис, во кој се извршувале опела над покојните.

Во Никодин се наоѓа манастир во чест на „Раѓањето на Пресвета Богородица“. Манастирот е подигнат на местото каде што се наоѓала старата црква во чест на „Света Троица“, која постои и денес. Централниот престол на оваа црква е посветен на Света Троица, додека другите два се посветени на Раѓањето на Пресвета Богородица и Свети Теодор Тирон. . Манастирот се наоѓа на околу 3 километри на исток од селото. Сместен е меѓу високите врвови Јасенова Глава и Ножот. На темелите од новоподигнатиот манастир, во времето кога Балканот бил под Османлиско ропство, постоел манастир, кој бил метох на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец. Меѓутоа, овој манастир од Турците бил урнат, а постои предание дека во времето кога манастирот бил урнат, во него живееле седум калуѓери, кои биле заклани од Турците. Затоа, местото каде што е изграден манастирот, го добило името Калуѓере.

Подоцна манастирот е обновен. Меѓутоа, манастирската црква просторно била мала. Затоа благочестивите верници од Никодин, под управа на доста вредното манастирско настојателство, се ангажирале за проширување на старата манастирска црква. За неполни четири години, од 1977 до 1981 година, не само манастирската црква, туку биле направени уште две придружни згради со повеќе простории, со средства од доброволни прилози на верниците. Прв пат манастирот е осветен на 21 септември 1981 година, а чинот на осветувањето го изврши Митрополитот Петар.

Панаѓурот во Никодин се одржувал на празникот во чест на Светиот пророк Илија. На овој ден се одржувале и натпревари во фрлање на камен во далечина, скокање и традиционално борење.

Селото Глоговица, кое се наоѓало на Глоговичка река, над вливот во Раец, згаснало во исто време, кога згаснало и Фариш-Дервен. Глоговица некогаш имало и 300 куќи и секогаш било „рајатско (од рајата) и во него немало ништо агинско“. За ова село се раскажува дека некогаш во него дошол некој спахија на гости, кој бил стар и слеп. Кога селаните го испраќале, „од ќеф“ го седнале однопаку на магарето, а наместо узди, му ја дале опашката од магарето в раце. Кога спахијата сфатил што му направиле, го проколнал селото да се растури. Набрзо потоа, Глоговица имало само 5 куќи, а по некоја година и тие за навек се иселиле. Иако иселено, глоговичани долго време таму имале трла. И денес на местото каде што било селото има места наречени „гробиште“ и „црквиште“. Во Никодинската планина има место наречено Свети Милош, најверојатно, според името на некој испосник.

За селото Никодин треба да се знае и ова:

На 4 април 1907 година, српска чета го нападнала Никодин, кое било штитено од селската милиција. Четите на ВМОРО на Петар Ацев и Георги Попов им притекнале на помош на никодинчани и по петчасовна борба била разбиена српската чета, но војводата Георги Попов загинал.

При избувнувањето на Балканската војна во 1912 година, двајца никодинци биле доброволци во Македонско-одринската доброволна чета.
Освен Георги Попов, во Никодин починале и револуционерите Симеон Денков и Коло Оризарчето, како и народниот херој Блажо Тодоровски.

1 коментар

  • ruubin May 11, 2017

    Кој не бил во Никодин не може да знае што е убавина.

    Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc