Црковна слава во Мрамор.

Мрамор

Мрамор е целосно иселено и запустено село. Црковно спаѓа во Прилепското намесништво. Се наоѓа во непосредна близина на Големо Радобил. Денес во Мрамор има само урнатини од куќи и стари гробишта.

Мрамор лежи на широкото дно на Сув Дол, под Илимица, на северниот огранок на Кобиларник. Чешмите се наоѓале над селото. Селото отсекогаш било христијанско, од преодна форма и разредено. Во почетокот на ХХ век имало 13 куќи.

Селаните во Мрамор се занимавале со земјоделство и сточарство. Заради почифликувањето, селаните во средината на XVIII век биле „исполџии“. Со приходите од сточарството и од „труд“ си ги откупиле куќите и нешто од земјата, а кај беговите и понатака ги обработувале преостанатите ниви како „чифчии“. Во тоа време бегови биле Мефаил-ага од Прилеп и Џевџег Мустафа-бег Керимбеговиќ од Кавадарци. Нивите се под селото, во Раечката долина, каде што во лаките се одгледувал ориз. Мерата била на ридовите Илимица, Страње, Горни Лозја, Голеш, Грипа, Преслап, Прогањите, Мечкина Пештера. Под селото била стационирана железничката станица „Мрамор“.

Најстар пишан податок за Мрамор е дека во 1519 година, селото имало 13 семејства и 3 вдовици. Во 1573 – 21 семејство и 18 неженети.

Во XIX век Мрамор било село во Тиквешката каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Мрамор (Mramor) е посочено како село со 41 домаќинство и 185 жители.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Мрамор има 233 жители, сите христијани.

Најстарите семејства во Мрамор се прадедовците, кои „уште од време, кога станувало турско“, избегале од Старо Село кај Раскрсницата на Раец. Најстарите фамилии во Мрамор се: Ангелевци – Пемовци, Ѓелевци, Шоклевци, Чепенковци и Ковачовци. Сите го слават Свети Никола.

Други постари доселеници се: Димевци (некој дедо Наунче во XIX век пребегал тука од Охридско, слават Свети Никола).
Понови доселеници во Мрамор се: Лазевци (некој Ефрем од Дреново во 1880 година станал посинок кај Ѓелевци, слават Митровден и Свети Никола); Ѓоровци (некој Ѓело од Дреново во 1906 година станал домазет кај изумрените Сековци, слават Свети Никола)
При крајот на XIX век во Прилеп се иселиле: Сековци (ќерката на Коле некој бег сакал да ја потурчи, па затоа избегале; Кузман од Ѓелевци; Ристе Велков и Ѓорѓија Петрушев од Шоклевци; Камче од Димевци; Јанакија од Чепенковци. Во Варош се иселил учителот Вилин од Ангелевци.

Заради иселувањето, за селото Мрамор по Втората светска војна не постои статистика за бројност на населението.

Иселувањето на селото Мрамор се случило во годините на Втората светска војна. Имено, со Наредба на началникот на Скопската обласна полициска управа од 10 јуни 1943 година, со која се воведува полициски час на поголемиот дел од територијата на Македонија, а за да се одржи мир во областите и за да се пресретнат акциите на партизаните и на другите нарушувачи на редот и безбедноста, наредено е привремено да се преселат повеќе села во соседни села. Така, во тогашната Дреновска општина, оваа Наредба за преселување се однесувала за селата Галиште, Праведник, Шешково, Добротино, Грбовец, Раец и Кесендре. Селата Мало и Големо Радобил се преселиле во Тројаци, а Мрамор било преселено во Фариш. Освен што се преселиле, на селаните им било наредено со себе да ја земат стоката, храната и сè останато, што им било најнеопходно за живот. Дневното движење меѓу населените места било одобрувано само за извршување на најважните полски активности, но под строга контрола на административната и полициската бугарска фашистичка власт.

Со оглед на фактот дека во тоа време во Мрамор имало само неколку населени куќи, и тие, по заминувањето во Фариш и по завршувањето на Втората светска војна, најверојатно, никогаш повеќе не се вратиле на родните огништа, па така, по војната Мрамор засекогаш останува иселено село, до ден денешен.

Во Мрамор се наоѓа црквата во чест на „Свети Атанасиј Велики“. Оваа црква е подигната врз темелите на старата црква. По иницијатива на иселените мраморчани, кои на 3 март 2000 година одржаа Собрание, одлучено е да се обнови старата разурната црква. За таа, цел формиран е Иницијативен одбор за градба на црквата. Благодарение на заложбите на мраморчаните, кои живеат во Прилеп: Никола Николов, Драган Ристески, Живко Костадиноски, Јован Димоски и Јован Андонов, а со благослов на надлежниот епархиски архиереј, Митрополитот Петар, на 2 август 2000 година, тогашниот архиерејски намесник на Прилепското архиерејско намесништво, протоерејот-ставрофор Петре Ристески, ги освети темелите за градба на црквата во чест на „Свети Атанасиј Велики“. Црквата е изградена со скромни димензии, а се очекува денот на нејзиното осветување.

Панаѓурот во Мрамор се одржувал на Свети Атанас (зимски), а Света Литургија се служи и на летен Свети Атанас.
На Старо Село има гробишта, како и ѕидини и престол од „Врекашна Црква“, каде што за Голема Богородица се палеле свеќи. Во близина има и Врекашна Чешма.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc