Мажучиште на сателитска снимка...

Мажучиште

Мажучиште е рамничарско село. Сместено е во Прилепско поле, северно од градот Прилеп. Атарот на селото граничи со атарите на селата: Варош на југоисток, Големо Коњари на југозапад, Заполжани на запад и Новоселани, Сенокос и Горно Село на север. Покрај селото поминува регионалниот пат R513 Прилеп-Македонски Брод-Кичево.

Мажучиште е старо село, што се гледа по старите родови кои претежно живеат во Горно Маало. За време на ослободувањето од Турците, селото е затекнато како чифчиска населба, при што само 10 домаќинства имале своја земја. Сопственици на чифлиците биле: Аџи Муто, Аџи Мето, Шериф, Мамуд, Дурмиш, Асан, Мамут Дуро од Прилеп и Рамадан Курто од Дебар.

Селото е спомнато во Трескавечкиот поменик од XVII-XVIII век како Мажовишта, Мажювичишта. Според академик Иван Дуриданов, првото име било Мажевичишта, патроним назив на -ишти со нејасна основа.

Во XIX век Мажучиште било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Мажовичиште (Mayovitchischté) е посочено како село со 34 домаќинства со 134 жители христијани.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Мажујчишта имало 320 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век населението од селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Мажујчишта имало 256 егзархисти и функционирало бугарско училиште.

Во почетокот на XX век во селото Мажучиште живееле околу 320 жители. Според пописот од 2002 година, во селото Мажучиште живеат 346 жители, сите Македонци.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc