8 јуни 1918: Поглед од Селечка кон Мариово...

Мариово

Мариово е македонска област карактеристична по својата историја, етнологија, традиции и култура. Областа Мариово се наоѓа во крајниот јужен дел на Република Македонија.

За потеклото на името постои една легенда, во која се вели дека некој турски бег сакал да ја земе за жена во својот харем преубавата девојка Марија од овој крај. По долгите натегања, Марија се согласила да оди во харемот на бегот, но под услов во целиот крај да не се врши потурчување (исламизирање) и да не се населуваат Турци и да не се градат џамии. Договорот бил испочитуван и целиот крај бил спасен од насилните потурчувања и зулуми. Во знак на благодарност, населението во чест на убавата Марија, која го спасила целиот крај го дало името Мариово.

Областа Мариово била населена уште од антиката, а била и дел на Античка Македонија, за што сведочат остатоци од многу тврдини и пронајдоците на штитови и останати предмети од антиката.
На подрачјето на Мариово во 1564/65 година се случила познатата Мариовска буна, која била првата масовна форма на отпор на Македонскиот народ против Османската власт, поттикната од бесправните даноци и неподносливите услови за живот, а подоцна во 1688/89 била подигната уште една Мариовска буна, под влијание на Карпошевото востание. Мариово било една од ретките области во кои, за целото владеење на Турците, немало процеси на исламицазија и колонизација на турско и муслиманско население. За време на турското владеење, особено во раниот период, Мариово било посебна административна единица „хас“ (слично на денешниот термин автономна покраина), која му плаќала одредена сума на пари на султанот, а за возврат жителите не биле поданици на беговите и не биле цел на нивните малтретирања и изживувања. Кон крајот на турското владеење, во илинденскиот период, познатиот Шаќир Војвода од Мариово водел борби со турскиот аскер, како реонски војвода на областа. Мариово отсекогаш важело за македонски бунтовен и немирен крај не само за турските власти, туку и за сите натамошни окупаторски власти.

Мариово е ридско-планински предел во јужниот дел на Република Македонија (односно средишниот на етничка Македонија) распослан на и помеѓу падините и билата на Селечка Планина, Ниџе, Козјак и Дрен Планина во долината на Црна Река. Низ целата област Мариово протекува Црна Река (средното течение), каде што всушност се наоѓа и најдолгата клисура во Република Македонија, 100 километри долгата Скочивирска Клисура, која е исто така една од бесценетите природни убавини на оваа област. На запад Мариово се граничи со Пелагонија, на југ со Грција (околината на градот Воден и областа Меглен), на север со регионот Раец (долината на Раечка Река) и на исток со висорамнината Витачево, односно Тиквешката Котлина. Целата област Мариово зафаќа површина од 1.251 km² и е поделено на 3 помали (етно)географски целини Битолско Мариово (поранешната општина Старавина), Прилепско Мариово (поранешната општина Витолиште) и Тиквешко (Кавадаречко) Мариово (западните и средишните делови на поранешната општина Конопиште).

Села во Прилепско Мариово се: Витолиште, Бешиште, Вепрчани, Врпско, Дуње, Живово (на народен говор: Жиово), Кален, Кокре, Крушевица, Манастир, Полчиште, Пештани, Чаниште и Гуѓаково (на народен говор Гудјаково).

Во турските пописни дефтери од XV и XIV век (1476/77 до 1544/45 година), во Мариово биле забележани и следниве села, кои денес не постојат, но постојат месности со нивните имиња или слични имиња на тогашните села: Костеново, Чумагово (денес постои месност Смагово), Видришани (Видишани), Црничани, Сатока (од ова село бил водачот на првата Мариовска буна), Бистренци, Берани, Суденец, Осинец, Кириликово, Света Петка, Лесково.

Освен горенаведениве три подобласти на Мариово, народот што живее во Мариово според течението на Црна Река, областа ја дели на Мало Мариово (лева страна од реката) и Старо (Големо) Мариово (десна страна од реката).

Според последниот попис во 2002 година, Мариово има 839 жители, од кои најголемиот дел се Македонци, а останатиот занемарлив број на други националности се неколку попишани Срби и останати.

Зачудувачки за Мариово е што за само 40 години населението и стапката на раѓање (наталитет) се неколкукратно намалени, поради огромната стапка на миграција на неговите жители во Битола, Прилеп, Скопје и во странство. Мариово во пописот од 1948 година имало највисока стапка на раѓање (наталитет) во тогашна СФРЈ со 41,8 промили, за во последниве неколку години да бидат забележани раѓањата на само 3 деца (кои сепак се надеж за овој убав и богат Македонски крај).

Населението во Мариово отсекогаш било Македонско и со христијанска вероисповед, а во Мариово немало ниту исламизација на населението, а воопшто ни населување на турско и муслиманско население за време на Отоманската Империја. За причините поради кои Мариово било поштедено од исламизација е поврзана легендата за името Мариово. Мариовците како составен дел од Македонската нација ги споменал Ѓорѓија Пулески во својата Историја.

Најпозната е Мариовската (женска) носија, која е меѓу колоритно најбогатите Македонски народни носии. Интересен е податокот дека невестинската Мариовска носија тежи цели 48 килограми! Мариово како област изобилува и со народно творештво, особено со народни песни, митови, легенди и преданија, а огромен дел од нив се запишани во книгите на Марко Цепенков. Исто така, мариовскиот живот и случувања се најголем мотив во делата на македонскиот писател Стале Попов, кој е родум од Мариово. Мариово е и туристичка атракција, која привлекува со големите изобилства на митови во кои е опишувана. Мариово е област која е позната и по народните приказни. Според народните приказни наводно во Мариово живеел Итар Пејо, голем мудрец. Тоа е дело на македонскиот писател Марко Цепенков.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc