2012 година: Кален...

Кален

Кален се наоѓа на крајниот северозападен дел на територијата на Општината Витолиште, во прилепскиот дел на Мариово, недалеку од патот Прилеп -Витолиште. Од градот Прилеп населбата е оддалечена 26 км.

Селото е ридско, на надморска височина од 640 метри. Кален има релативно голем атар, на површина од 22,6 км2 од кои под пасишта потпаѓаат 1.433 хектари, под обработливото земјиште отпаѓаат 533 хектари, и шумите 52 хектари. Според тоа, селото има полјоделско-сточарска функција.

Од Кален се иселил значителен дел од неговото население.

Број на жители по години турските дефтери од мариовската нахија:

Дефтер бр. 4 од 1476/77 година:
Куќи: 6
Годишен приход: 530

Дефтер бр. 16 од 1481/82 година:
Куќи: 19
Годишен приход: 1203

Дефтер бр. 73 од 1519 година
Куќи: 63
Наженети: 2
Годишен приход: 3328

Дефтер бр. 149 од 1528/29 година:
Куќи: 36
Наженети: 13
Вдовици: 8
Годишен приход: 4139

Дефтер бр.232 од 1544/45 година
Куќи: 35
Наженети: 5
Вдовици: 1
Годишен приход: 2439

Во XIX век, Кален било село во Прилепската каза, Мариовската нахија на Османлиската империја.

Во „Етнографијата на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година, во која има статистички податоци за машкото население од 1873 година, Кален се споменува два пати и тоа како село Колен (Kolène) кое е посочено како село со 70 домаќинства и 357 жители христијани а вториот пат како село Клен со 74 домаќинства и 312 жители христијани и 7 Цигани.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Кален имало 360 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век, христијанското население во селото е под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Кален имало 376 егзархисти а работело и бугарско училиште.

Според Георги Трајчев. просветен деец и револуционер од Прилеп, Кален имало 40 куќи со 360 жители христијани.

Според останатите пописи селото Кален броело жители:
1948 година: 239 жители
1953 година: 287 жители
1961 година: 336 жители
1971 година: 287 жители
1981 година: 110 жители
1991 година: 45 жители
1994 година: 38 жители
2002 година: 19 жители

Во 1904 година за празникот Спасовден во Кален потпомогната од локални гркомани,упаднала андартска чета која го запалила селото и масакрирала 16 селани. По масакрот во Кален андартите се упатиле во Кокре, каде што селаните претходно се подготвиле за нападот и ја разбиле грчката чета.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc