Железничката станица во Гостиражни.

Гостиражни

Гостиражни е сместено во средишниот дел на Република Македонија. Од Прилеп е оддалечено 35 км кон северозапад.

Гостиражни се наоѓа во крајниоте северен дел на Пелагонија. Селскиот атар претежно е рамничарски, без поголеми водотеци. Западно од селото се издига планината Даутица, додека кон исток се издига планината Бабуна. Надморската висина на селото приближно изнесува 720 метри. Климата во селото е планинска, заради надморската височина.

Селото е спомнато во Трескавечкиот поменик од XVI-XVII век како Гостиражда и Гостиражни. Атанасиј Селишчев и академикот Иван Дуриданов сметаат дека, почетната форма на името е Гостиражда, со „жд“ од „dj“, со додатен суфикс -„jа“, изведено од личното име Гостирад. Денешната форма еволуирала од Гостиражне, прилагодено кон средниот род на селота.

Во XIX век Гостиражни било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Гостирани (Gostiragni) е посочено како село со 36 домаќинства и 146 жители.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Гостиражни е населено од 272 жители христијани.

Во почетокот на ХХ век, целото население од селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Гостиражни имало 360 егзархисти.

За време на турското ропство, во Гостиражни не биле формирани чифлици, а жителите биле рајати. Селото многу настрадало за време на Првата Светска војна во 1915 година, кога бугарската војска стрелала 80 жители.

Според пописот од 2002 година, Гостиражни има 108 жители – 45 Македонци и 63 Албанци.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc