Мај/Јуни 1978: Фотографија направена од Joel M. Halpern

Дебреште

Дебреште е големо село во северниот дел од прилепската област, кое се наоѓа непосредно покрај патот Прилеп-Македоснки Брод. Селото е ридско, на надморска височина од 680 метри. Има голем атар, којшто зафаќа простор од 27,8 км2. Во Дебреште се допираат планинската падина од северозапад и котлинската рамнина од југоисток. Овие површини се користат за двете основни природни гранки. Водата за пиење селото своевремено ја добивало од 15 бунари и 5 чешми. Подалеку од селото бликаат извори. На околу 1 км. од селото се наоѓа буен извор, кој протекува под возвишението Краста. Водата од овој извор ја користеле водениците. Одејќи од запад кон исток, во Дебреште се наоѓаат следниве маала: Баталоско, Јурукоско, Џелоско, Дуракоско, Дервишоско и Долно. Маалата се состојат од групи на роднински куќи.

Називите на потесите се: Краста, Пештера, Таиров гроб, Скала, Дервен, Челоа чешма, Топ, Руби, Загреби, Елен, Уши, Игралиште, Пероча ливада, Јонузова ливада, Лениште, Горно и Долно гумниште, Дупен камен, Караџови ниви, Русалија, Кале, Лажански лозја, Топола, Пирици, Голем даб, Вис, Коџоица, Стара и Млада ливада, Лисичарка, Бара, Сува гора, Бачилиште, Корија, Лозја, Тревеник, Шип, Грачков даб, Црвеники, Желкоец, Слатина, Серигајтаница, Над село, Загориче и Куса врба.

Заради поволната положба, локацијата на која се наоѓа Дебреште, како и неговата блиска околина, отсекогаш биле населени. Остатоци од древни населби се ископувани и во самото село, во клисурата Дервен на север, како и на падините северозападно од селото. Во Дебреште е пронајдена утврдена населба од античко доба.

Селото Дебреште, со ова име, се среќава во изворите уште од XI век (1020), кога се јавува во рамките на Пелагониската епископија. Во 1343 година, цар Душан овде обнародил една хрисовула. Во северозападниот дел на античката тврдина откопана е еднокорабна црква со гробови, а се спомнуваат и некрополи од XI и XII-XIII век.

Во атарот на Дебреште регистрирани се следниве археолошки локалитети: „Бачилиште“ – населба од римско време; „Горна Црква“ – населба од доцноантичко време; „Градиште“ – населба од неолит до среден век; „Загориче“ – населба од среден век; „Кале“ – тврдина од доцноантичко време; „Млака“ – некропола од среден век; „Селска Џамија“ – осамен наод од римско време.

Во 1467/68 година, во Дебреште (Дебриште) имало 110 семејства, 5 неженети и 1 вдовица; во 1481/82 – 82 семејства и 24 вдовици; во 1544/45 бројот на христијаните изнесувал 107 семејства и 2 неженети, а имало и 2 муслимански семејства; во 1568/69 – 56 семејства и 32 неженети, и повторно 2 муслимански семејства.

Според Турскиот пописен дефтер за Велешката каза од 1568/69 година, за Дебреште е запишано дека е село од царските хасови, кое припаѓа на Прилеп. Селото било поделено на три маала: Катунар, Јове Нине и Поп Димко. Катунар маало било чифлик на јаничарот Давуд. Единствено во ова маало живееле муслимани, меѓу кои Хасан, син на Касим; друг Хасан, син на Хаџи Абдулах. Сите други жители биле христијани. Според името, претпоставуваме дека парохискиот свештеник живеел во Поп Димко маало.

Вкупниот приход од Дебреште изнесувал 11000 акчиња и истиот најмногу бил остваруван од пченица, испенџе, мешано жито, шира, данок за свињи, ушур од трева, данок за ситна стока… Во атарот на Дебреште се спомнуваат и мезрите: Борика (Божица), Барбарас, Грубан, Калаварар и Куршева.

Дебреште е споменато во XIV век во грамота на цар Стефан Душан под името „Дьбрѣшти“. Во Слепченскиот поменик од XVI век е спомнато како „Добрещ“. Според академикот Иван Дуриданов, етимологијата на името доаѓа од прилагодената наставка „je“ на старословенскиот збор „Добрѧште“, кое доаѓа од личното име „Добрѧта“.

Дебреште најпрво било христијанско село. Од XVIII век тука почнале да се населуваат Македонци-муслимани, со потекло од кичевско. Поради тоа, старите православни родови од Дебреште се иселиле. Некои иселеници живеат во соседните села: Шербановци (Мажучиште), Дебрешлиовци (Чепигово), Малковци (Кошино)… Најстари торбешки родови во Дебреште се: Баталовци, Џеловци и Дураковци.

За минатото од Дебреште интересно е преданието, кое ни говори дека порано, на потезот Топ, постоела стража. Таа го обезбедувала сообраќојот на патот Прилеп-Кичево низ Дервенската клисура. Кога патот бил слободен, стражата тоа го нагласувала со истрели од топот. За време на турското ропство, жителите на Дебреште имале своја земја. Единствено Ештреф ага од Прилеп имал чифлик од 35 хектари. Земјата од овој чифлик им е продадена на селаните по 1912 година.

Во XIX век Дебреште било село во Прилепската каза. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и според пребројувањето на машкото население од 1873 година, Дебриште (Débrischté) е посочено како село со 116 домаќинства и 367 жители муслимани, 102 жители христијани и 8 Цигани.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македониja: Етнографиja и статистика“) од 1900 година, Дебреште е населено со 1.100 жители Бугари (Македонци) мухамеданци.

Во 1912 година, по падот на Османлиското царство, Дебреште било муслиманско торбешко село. По 1912 година започнува иселување на торбешите, а нивните имоти ги купувале христијани од поречките села. Овие доселеници во 1932 година, средсело, ја изградиле црквата во чест на „Свети Георгиј“. Во Дебреште има четири џамии: Долна, Средна, Баталоска и Камена. Првата е најстара, а последната е најнова. За Долна џамија се претпоставува дека е најстарата џамија во целиот прилепски крај. Во Дебреште има две гробишта: муслиманско и христијанско.

Македонци-муслимани со словенско потекло во Дебреште се следниве родови: Џеловци, Синановци, Јуруковци, Беќир-Человци, Спајовци, Дурмовци, Цаневци, Нуришовци, Рамовци, Дураковци, Баталовци, Фазлиовци, Ибовци, Гргалиовци, Незировци, Реџовци, Метовци, Дурмишовци, Коларовци, Шерифовци, Шашовци, Ќосевци, Мустафовци, Фазодолевци, Топаловци, Салифимовци и Суљковци. Врз основа на оскудните податоци, може да се заклучи дека сите овие родови потекнуваат од претци, кои во XVIII век тука се населиле од околината на Кичево. Шаповци потекнуваат од Пешталево. Требинци се дојдени од Порече.

Муслимани со турско потекло се: Арап Оџовци, кои се намножиле од некој пашин сеиз, доселен од Мала Азија; Исмаил Ефенди, кои дошле преку Прилеп.

Муслимани со арбанашко потекло се: Адем, Бафтијар, Саит, кои се дојденци од Црнилиште; Риза, дојденец од Кочишта, демирхисарско; Малиќ, Демир, дојдени од Браилово; Садула, го основал родот како домазет доселен од Дреново (сливот на Треска); Шука, дојден од Саждево; Мечо, дојден од Јакреново; Мемед, дојден како овчар од Алданци. Подалечното потекло на сите овие родови е од Северна Албанија.

Муслимани со ромско потекло се: Ќазимовци, кои говорат македонски и по традиција се свирачи-тапанари и одгледуваат тутун.

Православни македонски родови во Дебреште, населени по 1912 година се: Стојковци, Бошковци, Јандреовци, Србиновци (слават Пречиста) и Стојчевци (слават свети Георги зимен), сите дојдени од Тополница (Порече); Стојковци (слават свети Никола), дојдени од Грешница (Порече); Филиповци и Огњановци (слават Петковден), дојдени од Латово (Порече); Блажевци (слават Петковден), дојдени од Белица (Порече); Лозановци (слават свети Никола), дојдени од Црешнево (Порече); Велковци, Рујановци, Димовци, Елисиевци, Михајловци, Илиовци, Јандровци и Дамјановци (слават свети Георгиј зимен), Зенговци, Боцевци и Ристевци (слават Свети Никола), дојдени од Крапа (Порече); Черговци (слават свети Никола), дојдени од Љупште (Порече); Секуловци (слават свети Никола), дојдени од Добреноец кај Кичево; Дабевци (слават Пречиста), Алимпиовци и Трендафиловци (слават Митровден), дојдени од Вир (Порече); Ќурчиновци (слават свети Атанас), дојдени од Јудово кај Кичево; Дичовци (слават свети Архангел Михаил), дојдени од Лавчани кај Кичево; Терзиовци (слават Пречиста), дојдени од Македонски Брод; Талевци и В’лкановци (слават свети Никола), Ристевци и Јагуриновци (слават Петковден), дојдени од Барбарас (сега пусто село во Порече); Стојковци (слават Пречиста), дојдени од Томино Село (Порече); Нешковци (слават Пречиста), дојдени од Ропотово; Милошевци (слават Пречиста), дојдени од Манастирец (Порече); Трајковци (слават Петковден), дојдени од Рилево; Пејчиновци (слават свети Никола), дојдени во 1942 година од Лазарополе заради теророт кој го трпеле од балистите ; Димовци (слават свети Никола), дојдени од Крушево.

Од 1912 година, по падот на Османлиската империја, над 30 торбешки семејства се иселиле од Дебреште во Бруса, Јенишехер, Ад Пазар и на многу други места во Турција. По 1955 година, голем број на торбешки семејства се иселиле во Турција. На нивните огништа се доселиле нови семејства од соседно Порече, но и многу муслимани од Санџак.

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1921 = 144 домаќинства, 1948 = 2402 (389 домаќинства); 1953 = 2595; 1961 = 2394 (391 домаќинство); 1971 = 2405 (395 домаќинства); 1981 = 2403; 1991 = 2436; додека во 1994 година бројот е речиси ист, односно, 2319 жители, од кои 2011 се Турци, 210 Македонци и 85 Албанци. Според пописот во 2002 година Дебреште има 2424 жители, кои се декларирале како: 2088 Турци, 169 Македонци, 149 Албанци и 18 останати.

Црквата „Свети Георгиј“ во село Дебреште е изградена и осветена во 1932 година. Во 1979 година црквата е реновирана.

Дебреште денес е живо село. Во него работи основно училиште (деветтолетка), има амбуланта, пошта, земјоделска задруга и продавници.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc