Јули 2013: Бела Црква

Бела Црква

Бела Црква се наоѓа близу Прилеп, Битола, Демир Хисар и Крушево, во центарот на Пелагонија. Низ Бела Црква тече Црна Река, а околу неа има големо поле кое го обработуваат селаните на ова рамничарско село.

Според кажувањата на жителите, селото го добило името Бела Црква кога за време на некоја голема поплава при излевањето на Црна Река, цело поле било поплавено и не се гледало ништо, освен една бела црква. Тогаш луѓето се собрале таму, па по тоа и местото каде што се населиле останало да се вика Бела Црква.

Во пишаните извори, Бела Црква за прв пат се спомнува во 1335 година, кога кралот Стефан Душан го прилoжил селото на манастирот Трескавец.

На крајот на XIX век, селото било дел од Битолската каза на Отоманската Империја. Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов, селото во 1900 година имало 500 жители христијани. Според податоците на бугарскиот публицист Димитар Мишев, селото имало 352 христијани.

Во почетокот на XX век, во селото Бела Црква живееле околу 500 жители. Според пописот од 2002 година, во селото Бела Црква живеат 498 жители, сите Македонци.

Од селото Бела Црква има многу луѓе кои живеат во странство, како во Америка, Австралија, Канада и други држави, а луѓето и ден-денес се враќаат во Бела Црква.

Во Бела Црква е роден Ангел Неданов Танушев, селски војвода на ВМОРО, кој со својата чета учествувал во битката кај Мечкин Камен во одредот на Питу Гули.

Според извршениот попис на 10 јуни 1964 година од страна на Сојузниот Извршен Совет на СФРЈ за попишување на воените жртви од 1941-1945 година, се регистрирани 3 загинати жители на Бела Црква:

- Момирчески Ангел Божин роден 1906 година, загинал 1941 година како војник на кралска Југославија, во борбите кај Џавато, битолско
- Моцаноски Блаже Атанас роден 1911 година, загинал во НОБ во 1944 година при борбите кај Институтот за тутун во Прилеп
- Шипинкоски Ордан Трајче, роден 1907 година загинал во НОБ во 1944 година во Ивањевци, Битолско
(Извор: Дарко Гавровски)

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc