Годините пред Втората светска војна: Прилепски интелектуалци членови на есперанто друштвото во Прилеп

Есперанто друштво во Прилеп

Есперанто (Тој што се надева) е најмногу зборуваниот вештачки јазик. Името потекнува од псевдонимот Doktoro Esperanto, со кој Лудвиг Лазар Заменхоф ја објавил првата негова книга на Есперанто наречена Unua Libro или Првата Книга во 1887 година.
Целта на Заменхоф била да создаде лесен и флексибилен јазик што би служел како универзален втор јазик за подобро разбирање и владеење на мирот.
Денес, есперантото се користи во различни сфери на животот, вклучувајќи ги патувањата, писмата, културната размена, во оригинална и преведена литература, а во некои училишта се изучува и факултативно.
Зборовите во есперантото потекнуваат од различни јазици. Некои нови зборови доаѓаат од не-европските јазици (на пр. јапонскиот), но во најголем дел зборовите потекнуваат од најпопуларните европски јазици – главно од латинскиот, францускиот, германскиот и англискиот јазик. Иако основната форма во есперантото е слична на онаа во латинскиот јазик, поради меѓународниот карактер, многу зборови им припаѓаат на различни светски јазици.
Симбол на есперанто движењето е зелената петокрака кој ги симболизира петте континенти.

ЕСПЕРАНТОТО ВО ПРИЛЕП

Првото есперанто друштво Stelo (Ѕвезда) во Прилеп е формирано во 1925 година од група прилепски интелектуалци. Претседател на ова есперантско друштво бил Коста Ќурќија, адвокат од Прилеп, а членови во одборот биле Киро Трпче, Димче Волче и директорот на тогашната гимназијата.

Есперанто друштвото е обновено во 1933/34 година од страна на Димче Аџимитрески, кој по завршувањето на гимназиското образование во Скопје, се враќа во родниот Прилеп. Тогаш тој ја формира и Трезвената ложа „Златоврв“, која пред властите функционирала како здружение на граѓани за борба против алкохолизмот.
Во 1935/36 година е формирана есперантска железничарска група со која раководи Владислав Каранфилоски се до нејзиното растурање од полицијата

Состаноци за есперанто се одржувале во куќите на Димче Аџимитрески
и на Стеван Соле и еднаш неделно во прилепската гимназија.
Во тој период често се одржувале есперантски приредби и екскурзии до Трескавец и Степанци каде што, при одењето се пеела Интернационалата на есперанто.
Друштвото не располагало со библиотека, па затоа есперантски книги се набавувале од Белград, Загреб и Лајпциг.

По ослободувањето во Прилеп нема регистрирано есперанто друштво се до 23 ноември 1963 година, кога со решение на Секретаријатот за внатрешни работи на околиското собрание на Битолската околија е одобрено формирање на Прилепското есперанто друштвото „La progreso“ (Напредок)
Спрема статистичките проучувања на Хуго Ролингер од Германија во април 2001 година според есперантски обележја на 1 милион жители, Македонија била на 3-то место зад Унгарија и Бугарија помеѓу 58 земји од 5 континенти. Истовремено, Прилеп со тогаш забележени 6 обележја беше на 8 место во светот. Денес со десетина обележја Прилеп е меѓу првите 5 градови во светот.
Денес во Прилеп постојат две есперантски друштва „La progreso“ (Напредок) и „Estonito“ (Иднина) кое е формирано на 26 март 1995 година. Во овие друштва досега посетувале курсеви по есперанто приближно 600 прилепчани. Прилепската есперантска библиотека е на второ место на Балканскиот полуостров по бројот на книги а од 2004 година во Прилеп има и есперантски музеј.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc