Црковно-училишната општина во дворот на црквата „Свето Благовештение“, каде што била сместена и Прилепската духовна семинарија.

Прилепската духовна семинарија

Прилепската духовна семинарија

Прилепската црковно-училишна општина датира од 1838 година, односно, од времето кога со царски ферман на прилепчани им било одобрено да направат црква во родниот град. Основните задачи на Прилепската општина биле да се грижи за црквата; да го контролира правилното ракување со парите на црковните епитропи; да гради и отвора секаков вид училишта во градот (основни, класни, неделни); да поставува училишта во нив и да ги плаќа; да се грижи за градскиот затвор и да ги сноси издршките околу исхраната, облеката на затворениците и поправките на затворот; да решава бракоразводни спорови; да регулира и некои спорови што имале и трговски карактер…

Во прво време, Општината била во рацете на прилепските чорбаџии. Меѓутоа, во 1867 година, народот, преку своите првомајстори започнал да зема учество во управувањето на своите општествени работи на демократски начела. Влегувањето на еснафите во општинските установи влијаело врз организацијата на самата Општина и истовремено довело до започнување на борбата против Цариградската патријаршија, која се обидувала да ги запази своите разнишани позиции во Македонија. На 27 јуни 1867 година, прилепчани, под раководство на младите еснафи, демонстративно ја отфрлиле јурисдикцијата на грчкиот патрик, а во 1869 година била формирана нова Општина, составена од 12 членови.

Во 1882/83 година, под претседателство на отец Спасе Игуменов, Прилепската општина постигнала видни резултати. Таа презела санациони мерки, со цел да се ослободи од егзархиските супсидии и да ја оневозможи Егзархијата да се меша во учебното деело. Општината успеала да го уреди и манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец и да ја подобри финансиската положба на црквата, така што годишниот прилог изнесувал преку 350 лири. Било предвидено да се изгради нова училишна зграда за женското училиште и да се изгради дом за сираци.

Меѓутоа, уште еден проблем ги мачел македонските црковни општини во тоа време, а тоа бил недостигот на свештенички кадар. Било потребно да се заменат свештениците, кои ја признавале јурисдикцијата на Патријаршијата со домородни свештеници, кои би биле под јурисдикција на Егзархијата. Во таа смисла засилено работела и самата егзархија, но сметала дека едно богословско училиште треба да биде на територијата на бугарската држава, За таа цел предложила во Самоковското богословско училиште да се испраќаат македонски момчиња, кои откако ќе го завршат своето образование, да се враќаат како свештеници во Македонија. Меѓутоа, оваа идеја не можела да биде реализирана поради турскиот сомнеж, дека таквите дојдени свештеници од Бугарија нема да бидат лојални турски граѓани. Поради тоа се појавила потреба да се отвори духовна семинарија во Македонија.

Егзархијата имала намера да отвори две богословски училишта: едно во Тракија, а другото во Македонија. Првото било предвидено да се отвори во Одрин, а второто во Кукуш. Меѓутоа, во Кукуш немало услови за отворање на такво училиште, бидејќи би предизвикало отпор кај патријаршистите и унијатите. Затоа Егзархијата се определила за Прилеп. Таа предвидела во 1884/85 година да создаде специјални богословски курсеви при Прилепското класно училиште, да отвори интернат, во кој ќе прибере ученици од цела Македонија, кои ќе се подготвуваат за свештеници.. За таа цел било испратено окружно писмо до сите македонски црковни општини, во кое биле известени дека се доделени 50 стипендии речиси за сите градови: Скопје, Тетово, Куманово, Егри Паланка, Штип, Велес, Охрид, Ресен, Битола, Лерин, Костур, Воден, Тиквешија, Струмица, Ениџе Вардар, Солун, Кукуш, Серез, Мелник, Неврокоп, Петрич, Горна Џумаја, Банско, Дебар и Прилеп.

Прилепската црковна оштина се согласила да ги прими и да ги смести кандидатите за богослови од овие македонски општини, истакнувајќи колку е важно за иднината на Македонија да бидат подготвени идните свештеници.

Бугарскиот печат побрзал да соопшти за отворањето на духовната семинарија во Прилеп. Биле собрани 50 момчиња од цела Македонија. Под наем била земена и училишна зграда. Меѓутоа, со избрзаното објавување се пробудил турскиот сомнеж и грчкото непријателство.
Прилепчанецот Методиј Кусев, кој во тоа време го заменувал отсутниот егзарх Јосиф, од Цариград го известил познатиот учител и публицист Сава Доброплодни во Киев, да ја прими ректорската должност во прилепската духовна семинарија. Доброплодни ја прифатил поканата и допатувал во Прилеп. Меѓутоа, со отворањето на духовната семинарија не одело лесно. Според една дописка од Битола од 22 март 1885 година, се гледа дека семинаријата уште не започнала со работа. Ректорот Сава Доброплодни во тоа време ги обиколувал селата и манастирите за археолошки цели, бидејќи немал друга работа. Оваа негова дејност била сомнителна на турската власт и таа го уапсила и врзан го спровела во Битола, каде што бил затворен.

Изгледа дека Егзархијата не била многу одушевена од ставот на Прилепската општина, таа самата да ја организира духовната семинарија и во неа да назначува учители. Затоа, кога турското Министерство за правосудство и вери, испратило до неа „тескере“ во кое искажувало недоумица за некакво „Македонско друштво, кое во Прилеп, без знаење на Министерството, отворило духовно училиште, Егзархијата одговорила дека такво друштво не постои, ниту, пак, во Прилеп е отворено духовно училиште. Наводно, според Егзархијата, во Прилеп при класното училиште бил придодаден уште еден клас, во кој се изучуваат богословски предмети. Се разбира дека егзархот Јосиф неточно го информирал Министерството за правосудство и вери, бидејќи при Прилепското класно училиште бил создаден и богословски оддел. Во своето писмо до Прилепската општина егзархот се правдал за таквата своја постапка, направена од објективни причини и барал од Општината да ја поддржи таквата негова изјава.

Всушност, егзархот Јосиф со ваквиот свој став имал двојна цел: да ја смири турската власт, од една страна, а од друга страна, да ја исплаши Прилепската општина самата да не води просветна политика. За да им го дообјасни на прилепските општинари егзархискиот став, даден пред централната турска власт по прашањето за Прилепското богословско училиште, егзархот пак напишал писмо до Прилепската општина. Во второто писмо известил дека од турското Министество за верите примил „тескере“, во кое се соопштувало дека во Прилеп има „општина или комисија“, која се занимава со уредувањето на училиштата во Македонија. Егзархот побарал од Прилепската општина писмено да му соопшти, дека кај неа не постои друштво или комисија со таква задача. Ова барање на егзархот било итро поставено: Прилепската општина официјално потврдува дека не таа, туку Егзархијата раководи со просветата во Прилеп, а од друга страна ќе биде задоволена и Високата Порта.

Битолскиот грчки митрополит повел постапка до Високата Порта, богословското училиште во Прилеп да се затвори. Великиот везир и министерот на просветата инсистирале кај егзархот да се затвори училиштето, со нејасно ветување, доколку бидат назначени егзархиски владици во Охрид и Скопје, тогаш може да се отвори и семинарија во еден од двата града. Бидејќи, пак, турската влада немала намера да даде берати за егзархиски владици во Македонија, ветувањето било без основа.

Богословските класови во Прилеп требало да бидат затворени. Прилепската општина не се помирила лесно со тоа и упатила писмо до егзархот Јосиф, во кое искажала големо жалење и револт. Егзархот не обрнал внимание на протестот и донел одлука за спојување на Прилепското духовно училиште со Одринското. На учениците од Прилепската семинарија им било наредено да заминат во Одрин и таму да го продолжат образованието. Според сочуваните податоци, во Одрин преминале 25 ученици од Македонија.

Интересно е да се забележи и тоа дека наставата во прилепската семинарија се изведувала на горниот кат од централното училиште, каде што било сместено и машкото класно училиште. Бидејќи семинаријата работела во истата зграда со класното училиште, учителскиот совет сметал за потребно, класните учители и и учителите за семинаристите заеднички да ги организираат предавањата. Првите предавале световни предмети во семинаријата, а вторите само богословски предмети на класните ученици. Во семинаријата имало назначено тројца наставници, сметано со директорот на семинаријата.

Иако ова богословско училиште немало долг век на работа во Прилеп и имало само епизодна улога во образовниот систем на градот, сепак, тоа не смее да биде заборавено и фрлено на работ на историјата.

Протоереј Златко Ангелески

Нема Коментари

Коментирај