20-те години од минатиот век : Црквата Свето Благовештение...

Црква „Свето Благовештение“

Црква „Свето Благовештение“

Соборната црква на прилепското архиерејско намесништво, црквата „Свето Благовештение“, изградена е во 1838 година по иницијатива на угледни личности од градот, чорбаџиите и знаетчискиот еснаф, а како главен иницијатор бил Христо Дамјанов – Аџи Христо Логотет. Црквата е изградена според добиениот царски ферман од 1835 година, на местото кое го подарила извесна баба Мита. Црквата е изградена од прилепските мајстори Коста Лауцо и Ристе Тасламиче, а осветена е од митрополитот Пелагониски господин Герасим, на празникот Рождество на Пресвета Богопродица (Мала Богородица) на 8 септември 1838 година според Јулијанскиот календар. Таа е трикорабна градба без купола. Црквата ги има следниве димензии: должина – 32 метри; ширина – 26,5 метри; висина – 9 метри. Монументалниот иконостас во резба, амвонот и троделниот стол се изработени од Димитар Станишев, зетот на Петре Филипоски-Гарката, кој, пак, го изработил прекрасниот владички стол, кој претставува ремек-дело и е единствен од таков вид не само во неговото творештво, туку и во Македонија. Импозантниот иконостас има димензии: должина – 16,8 метри и висина – 6,2 метри. Освен владичкиот стол, Петре Филипоски-Гарката го изработил и амвонот, кој богато е исполнет со билна орнаментика, птици и животни. Иконите од иконостасот имаат богата уметничка и културна вредност, а централно место заземаат престолните икони. Тие се работени од три групи мајстори-иконописци, и тоа од Прилеп, Крушево и дебарскиот крај. Меѓу иконописците најмногу се истакнуваат Адамче Најдов Јанов и Јован Атанасов Будимовски. Најстара икона е иконата посветена на свети Архангел Михаил која е датирана со 1838 година. Во црквата има скромен фрескоживопис кој се наоѓа во апсидата и на сводот на централниот брод.

Црквата денес има богата колекција на стари и богослужбени книги, а особено место заземаат Номоканонот од XVIII век, Зборникот со духовни поуки, Катастихот, Стихуваниот пролог од XIV век. Се чуваат и прилепскиот ракописен антиминс од 1727 година, антиминсот од Александриската патријаршија од 1730 година и антиминсот од светогорските манастири од 1842 година. Грижливо се чуваат и протоколарните книги од 1841 година, па наваму кои се депонирани во прилепскиот архив. Во јужниот трем од црквата е згрижен и надгробниот крст од Аџи Христо Логотет. Во 2003 година, за време на интервенирањето на кровната конструкција беа откриени околу деведесет графички листови, кои подоцна се конзервирани и реставрирани од Заводот за заштита на споменици и музеј во Прилеп и истите се изложени за јавност.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc