1913: Српски војници пред црквата „Успение на Пресвета Богородица“ - Трескавец

Манастир „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец

Манастир „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец

* Манастирот Трескавец со црквата „Успение на Пресвета Богородица“ се смета дека е подигнат во XIII век, за време на владеењето на византиските цареви Андроник II и Михајло III кои, според фреско-натписот поставен кај влезниот портал, се први донатори на овој манастир. Неговата сложена и разнообразна архитектоника укажува на фактот дека манастирот подлегнал на уривање. Најверојатно, манастирот бил обновен во XIV век, за време на српскиот крал Милутин.

* Црквата во основата е еднокорабна со наос надвишен со купола и разделен со пиластри на неколку траеви. Однадвор, олтарната апсида на исток е тристрана. Под длабокиот слој малтерисани ѕидови од северниот параклис, видливи се фрески што датираат од XIV век. Од овој век е и припратата со двете куполести кули, сместени на западниот дел на црквата.

* Фрескоживописот во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ го сочинуваат фрески од различни временски периоди. Најстари се оние на ѕидовите во просторот на двете кули, од XV век. Тие илустрират теми на календар и на светители претставени во полна големина. Ктиторските портрети, што се наоѓаат на источниот ѕид во јужниот трем, се насликани во втората половина на XIV век. Ликот на Божјата мајка е насликан во нишата на јужната врата од наосот. Според зографската техника, оваа фреска му припаѓа на периодот од XV век.

* Наосот го збогатуваат фрески што се настанати кон крајот на XV век. Особено интересни се оние од првата зона, каде се јавуваат фигури на светии во стоечка положба предадени во природна големина. Тие се облечени во благороднички дреи и со раскошни капи на главите. Впечатливи се фреските настанати од рацете на крушевската зографска тајфа од XIX век.

* Манастирот во Трескавец располага и со други вредни предмети, меѓу кои се оние изведени во плитка резба: двокрилната врата и царските двери од XVI век, потоа крстот Космитос од XVII век, како и останатите предмети: певницата, бројните празнични икони и иконите на апостолите од XVII и XVIII век.

* За големото религиозно и културно значење што го поседувал Манастирот Трескавец народот раскажал и една легенда за постанокот на името. Таа зборува дека на ден Голема Богородица, прилепчани и варошани биле собрани во црквичката „Пречиста“ да го означат тој свет ден. Додека траела богослужбата, се задал силен тресок кој удрил врз манастирот. Утрината, похрабрите селани, добро наоружани, отишле да видат какво чудо се здало таму. Кога влегле во манастирот, селаните виделе ѕвер убиен врз коските на монасите. После тој настан, жителите го поправиле манастирот и тој повторно заживеал исто како и порано. Оттогаш овој манастир, поради тој силен тресок што надалеку се чул, го носи името Трескавец.

* По патот за Трескавец се наоѓа чешмата Пазоица. Оваа чешма е завештание, а обновена е во 1802 година благодарение на прилозите на Диме Мијак и Илија Јован Бомбол.

* Манастирската камбана е подарок од Ефрем Обреновиќ.

* Манастирската библиотека била пребогата со ракописни книги. За жал, книгите се разносени по разни земји. Едно Евангелие е однесено во селската црква во Тројкрсти, по повод нејзиното осветување, и никогаш повеќе не е вратено во манастирот. Од манастирот изнесувал и прилепскиот учител Илија Лигуш, а најмногу ракописи однесол во Белград Јордан Хаџи Константинов-Џинот.

* Кога по воените дејствија и Солунскиот мир ја зацврстил својата власт и над Прилепските предели, царот Стефан Душан му подарил на манастирот големи имоти во Прилепската околина и блиските каази. Како доказ, тоа било спомнато и во трите царски повелби.

* Од почетокот на ХХ век, во манастирот се спомнуваат двајца монаси: Иларион Светогорец и Игнатиј. Познато е дека Игнатиј бил убиен од некој кичевски качак Даут, кој украл христијанска мома и сакал со неа да живее во манастирот, но Игнатиј тоа не го дозволил, па бил убиен. Од овој период се спомнуваат и економите на манастирот: Рујан од Небрегово, Трајко Белче од Дупјачани, Саздо и Веле од Коњари, Ангеле од Дабница и Трајко од Лазаревци од село Присад.

* По заминувањето на монасите, со манастирот управувал овдовениот свештеник Ангеле Сламушка. Во 1848 година тој бил сменет, па на негово место бил поставен поп Ристе од село Долгаец, кој бил одличен игумен и во Зрзе. Тогаш манастирот се стекнал со преку 700 глави само крупна стока. Поп Ристе останал во манастирот до 1852 година, а потоа дошол за игумен поп Рајче, а по него – аџи Тимотеј. Од ова време, за прв пат, манастирот бил под управа на манастирска управа составена од цивили. За жал, како таков, манастирот постанал експозитура на бугарската Егзархија, која годишно земала голема сума на пари за финансирање на егзархиската пропаганда во Прилеп.

* Во манастирот Трескавец до 1870 година постоело и манастирско училиште.

1 коментар

  • Мићко April 10, 2016

    На чешмата Пазоица е напишано “Сја чешма направи Димо Миакоиќ, Илија чичо Јоан Бомболоиќ”

    Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc