2010: Манастирот Свети Георгиј во Присад

Манастир „Свети Георгиј“, Присад

Манастир „Свети Георгиј“, Присад

Манастирот „Свети Георгиј“ се наоѓа на стариот пат кој води до Велес, по Прилепското езеро. Помалата црква е изградена во 1953 година. Темелите на сегашната манастирска црква се осветени на 9 август 1964 година од свештениците Борис Талески, Петре Ристески и Александар Алинчанец, а со благослов на првиот Архиепископ на МПЦ, господин Доситеј.

Селото Нов Присад е нова населба, која датира од 1945 година. Селото Стар Присад, кое со своите домови се наоѓаше во полите на високата и пошумената Бабуна планина, беше оскудно во обработлива земја и непристапно. По барање на жителите на старото село, било одобрено и овозможено да се подигни нова населба во низнините на нивното поле, југоисточно од старото село и северозападно од патот Прилеп-Велес. Веднаш по преселувањето, во Нов присад било подигнато и ново училиште.

Во прво време, новото село имало околу 20 домови. Но, поради миграцијата во Прилеп, останале само 20 од нив. Иако во старото село постои црква „Свети Атанасиј“, таа не се користела по преселувањето на селаните, бидејќи растојанието меѓу двете населби изнесува околу пет километри, а селскиот пат, поради многуте извори, е неупотреблив повеќе време во годината, па затоа жителите на Нов Присад, уште со самото доселување, барале можност да изградат нова парохиска црква.

Долго време не можело да се најди место за градба на новата црква. Имало предлог да се подигни во самото село, покрај гробиштата. Но, за реализирање на предлогот немало материјални можности, оти селото броело само 20 домаќинства. Во исто време, населението се досетило дека во близина постоел разурнатиот манастир во чест на Свети Георгиј, кој се наоѓал на 3 километри оддалеченост, на пат од селото, а на самиот стар пат Прилеп-Велес. Токму тука било одлучено да се подигни новата манастирска црква.

Досега не се индицирани запишани податоци за овој разрушен манастир и црква. Но, жив е споменот за нејзиното постоење. По се изгледа, овој манастир и црква постоеле до 1832 година, кога биле урнати од војските на скадарскиот бунтовник Мустафа паша. Против него султанот го пратил самиот велики везир Рушид паша, кој во 1831/32 година, кај градот Прилеп го победил скадарскиот бег и ги принудил на повлекување во Бабунскиот дервен, во чиј реон се наоѓа манастирот. Најверојатно, при ова повлекување, манастирот и црквата се урнати.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc