1920: Владимир Карамфилов со сопругата...

Владимир Карамфилов

Владимир Карамфилов е роден на 10 мај 1877 година во Прилеп.

Во Прилеп завршил трикласно училиште, по што четвртиот клас го завршил во класичната гимназија во Битола, кај учителите Ѓорче Петров и Пере Тошев, а во 1895 година се запишал во Солунската машка гимназија. Таму се приклучил во редовите на ВМОРО и ја одржувал врската меѓу Даме Груев и ученичкиот револуционерен кружок.

По завршувањето на гимназијата во 1898 година се вработил како учител во Прилеп, каде што раководел со револуционерна група.
Учителствувал во Крива Паланка (1899-1900), заедно со Тодор Александров во Кратово (1900-1901) и во Куманово (1901-1902), каде што истовремено раководел и со месните револуционерни комитети. Поради револуционерната активност, во август 1902 година бил уапсен од турските власти и осуден на 101 година затвор.

Во февруари 1903 година бил амнистиран и го напуштил затвора Куршумли Ан во Скопје. Бил учeсник во подготовката на Илинденското востание, како член на прилепскиот околиски комитет и влегол во четата на Борис Сарафов. По загушувањето на востанието преку Србија се префрлил во Бугарија.

Во Софија посетувал настава по математика во Софискиот универзитет и членувал во Прилепското студентско добротворно друштво. За време на Првата Балканската војна бил командир на чета на 10-та прилепска дружина на Македонско-Одринското ополчение.

Во 1914 година успешно го завршил математичкиот факултет на Софискиот универзитет.

Во Првата светска војна служел во III полк на 11та дивизиja и бил назначен за претседател на комисијата за прехраната во Скопје, а потоа извршувал специјални должности во Скопскиот округ. На крајот од Првата светска војна се населил во Пазарџик, каде што работел како наставник во тамошната гимназија. Бил активист на Илинденската организација и учествувал како делегат на сите нејзини конгреси.

Умира во Пазарџик на 14 јули 1943 година.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc