Вера Циривири – Трена

Вера Циривири – Трена

Вера Циривири – Трена е родена во 1920 година како второ од шесте деца на тогашните големи бунтовници и патриоти Васка и Коста Циривири.

Кај неа, како и кај останатите пет деца во семејството патриотизмот бил домашно воспитување. Таткото на Вера Коста, поради тоа што бил во социјалистичкото друштво во Прилеп, во 1920 година бил затворен и осуден на пет години затвор во Пожаревачкиот затвор.

Во 1939 година Вера добила стомачно заболување и заедно со нејзината мајка и братот Илија заминуваат на лекување во Белград, каде што татко и Коста работел како кројач. Во тоа време, кројачкиот дуќан на Коста Циривири на улицата „Босанска“ во Белград било познато сврталиште на револуционери, уметници и поети од Македонија, меѓу кои најредовни посетители биле: Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Борка Талески, Кузман Јосифоски-Питу, Кочо Рацин и други, кои имале големо влијание во нејзините политички убедувања. Специјално направена маса за пеглање во дуќанот на Коста Циривири, била скривница за студентите кои бегале од полицијата.

Во 1940 година станала член на Комунистичката партија, а истата година на Илинден, таа била еден од организаторите на прочуената манифестација, која по повод националниот празник ја организирала прогресивната младина во градот. На 27 март 1941 година Вера учествувала и на белградските демонстрации против војниот пуч.

За време на окупацијата Вера Циривири била меѓу првите што се приклучува во НОБ. Таа важела за многу добар инструктор со одлични организаторски способности, па поради тоа партијата постојано и доверувала задачи да отвора месни комитети и да испраќа борци на фронтот. Поради ова Бугарските окупаторски власти давале 20.000 лева награда за нејзино фаќање. Во 1942 година полицијата многу се доближила до работатта на Вера и на целото нивно семејство и таа, задно со Нада избегале од дома за да не бидат фатени во честите рации што ги правела полицијата.

Нада отишла во партизани и загинала во првата битка на нејзиниот одред, а Вера, под друго име, заминала прво во Битола, па од таму, заедно со Вера Ацева избегале во Велес а потоа во Кавадарци. Во Кавадрци се претставувала како Трена, како што е нејзиното партизанско име, а во другите места била Светлана, Ленче итн. Со себе носела празни документи, и како и требало така ги пополнувала со помош на кои успевала да ги мине и најтесните полициски обрачи и да премине од еден во друг град за да извршува партиски задачи.

По партиска задача заминала за Штип, каде што регрутирала 80 борци и неколку делегати за Првото заседание на АСНОМ, но набрзо месниот комитет бил пробиен, а полицијата имала детален опис на Вера. Така ноќта на 14 јули 1944 година, Бугарската полиција ја блокирала куќата во која се наоѓала Вера. Насетувајќи ја опасноста, Вера почнала боса да бега кон соседните куќи, но никој не и одговорил на молбите да се скрие. Во моментот кога го прескокнувала ѕидот на оградата од некоја куќа, паднала погодена од куршум на полициските агенти што ја гонеле. Во тој момент пред да ги затвори очите, со силен глас извикала: “Ние ќе победиме! Ние ќе победиме! По што за да не падне жива во рацете на непријателот, се самоубива.

Мртвото тело на Вера Циривири-Трена бугарските полицајци го избоделе со бајонети и го фрлиле во Брегалница, надевајќи се дека од неа нема да остане трага, но некој овчар го забележал трупот на Вера, го извадил од водата и го погребал покрај брегот. Откако завршила војната, овчарот кажал каде лежи телото на Вера Циривири. Властите го откопале телото на вера и го пограбале со високи државни почести.

Иако многу направила за Македонија, Вера Циривири-Трена и ден-денес не е прогласена за народен херој.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc