Стојан Лазов

Стојан Лазов

Стојан Лазов е роден во 1871 година во Прилеп. Бил учител по професија. Се приклучил кон ВМОРО и дејствувал како терорист, извршител на смртните пресуди издадени од Битолскиот револуционерен округ.

Во 1896 година, во затворот во Битола, заедно со Јордан Гавазов и Дончо Штипјанчето, со ножеви неколку пати го прободиле Мицко Крстев поради соработка со Српската пропаганда во Македонија. Мицко преживеал и по заздравувањето станал војвода на србоманска чета.

На 6 Јануари 1899 година, Стојан Лазов, заедно со Никола Мрсев го убиле во Прилеп, среде бел ден, србоманскиот шпион Тоде Попантов. Притоа, дошло до престрелка со турската полиција во Прилеп, убил неколку Турци и се самоубил, по што телото му било измасакрирано. По смртта му бил извршен голем погреб.

Народот за неговото јунаштво има испеано и песна.

БЛАГОЈА РИСТЕСКИ – ПЛАТНАР: „ХЕРОИ“
(Колумна од весникот „Дневник“ Број 1528 сабота, 18 март 2006)

Жити две очи?!

Дали сте чуле за Вајат Ерп, некој таму шериф од Дивиот Запад? Се разбира дека – да. А за офтикосаното пијаничиште Док Холидеј; за здивениот убиец Бил Хикок; за промискуитетната и од мерата згора грда Каламати Џејн, која повеќе личела на коњски подопашник отколку на жена; за „лирските“ крвопијци и арамии со скорни Бони и Клајд? Се разбира дека – да. Дали нешто ви е познато името на генералот Кастер, оној ист надмен дунстер и масовен убиец кој, како мува на лепак, му влета во стапица на славниот индијански воин и стратег од високо војничко знаење, Бикот Кој Седи, во клисурата Литл Биг Хорн? Недвосмислено дека – да. Згора на тоа сте чуле и за уште, неутврден број, злодеи, арамолепци, убијци од грб и кафански тепачи од кариера, кои до пред скоро, а и сега понапати, ни ги полнеа кино салите. Познавам мнозина мои врсници кои и ден денес, завалијата, одат расчекорени и, небаре камењарки и орџоганки, нишаат со колковите имитирајќи го бездарниот филмски артист Џон Вејн, или, скраја било, Гари Купер. Дупнатата и стара паларија, во свое време, беше статусен симбол, а фармерките тогаш – мечта, сега стварност и, можеби, единствената практична придобивка од времето на нашата збудаленост по таа тешка кривотворба – каубојските филмови, по тој американски соцреализам чија естетичка теоретска проекција како да ја востановил лично Жданов. Се тука беше, ама и сеуште е, (сетете се само на последната глупост: филмот „Патриот“), подредено на позитивниот јунак, на „младичот“, и се завршуваше со среќен крај, прочуениот happy end, тоа доследно целосно поедноставување примерено само за интелектуалната дембелана, за скудоумните и малузнајните. Тоа имаше, и сеуште има, јасна цел: афирмација на „американскиот начин на живот“, кој се сведува на прејадување со хамбургери до посер и препивање од онаа шеќерна водичка – кока кола, плус кокаин и кантри музика. Но и на тој народ да му придодаде, поправо обезбеди, какво такво минато, штогоде историја…

Туку, дали сте чуле за Стојан Лазов, на пример? Јасно дека – не. Кога е не, тогаш чујте и почујте и ако, во силата умствена ви е, паметете и проценете, нешто одбир направете и споредба со погорното: чунки Стојан Лазов ти бил Прилепчанец, од Прилепа града крепителна кој ми држи до себе, до својот намуз и геројштина и кој ја крепи каузата од памтивек до дниве денешни. За него, за Стојана, се вели дека бил мажиште какво не го било: Стасит и извишен што морал кога, по потреба комитска, ќе се качел на врвон од Селечка Планина, да се поднаведни за главата в облак да не му загини; во плеќите, машала, мерел, брат брату, до шест лакти; во градите, на кои имал козина колку еден долум боцлив капињарник, исто толку; рацете му биле, како се прикажува, две букови чупушки со кои, не дај Боже, ако те тупоса ти било исто како атон азган, атон раванлија, да те клоцнал и наместо да те оставил, тука, по грбечки спругнат и безживотен… Ете тој, Стојан Лазов, виден член на Внатрешната Македонската Револуционерна Организација, безбили војвода, како што може да се прочита во книгата „Политиката на теророт“ од Данкан Пери, американскиот познавач на македонските работи, еден красен летен ден, ден пладнина во 1899 година, во Прилеп, сред ат-пазар, беше да ти заклал едно србофилче, кое турски шпиун беше да ти било. Со еден кус замав со лутоно ноже дамаскиче бело грло, грло кодошко, му прережал. И се тоа арно и за во песна достатно, ако во близина не се нашол турскион аскер, кој веднаш по Стојана, мајкинана изгора, женскион мерак и повела, припукал со тенкине манлихери. Арно ама Стојан не се давал, дури овие во него мереле шест мина од нив, со истоно ноже дамаскиче, заклал, ги поништил… Кога Стојан паднал, кога си се вознел меѓу доксанана небесна братија, по неговата снага, се колнат Прилепчани, избројале седумнаесет рани од патрони, од кои пет низ срце пронижани. Ако биле четири, крст клавале пазарџиите и другите сеирџии, Стојан ќе преживеел, оти срцето негово со панцир беше да ти било променето, панцир што се вика велја милост по народнана слобода…

5 коментари

  • PSF January 12, 2012

    Вакви мажишта се раѓаат 1 на 100 години :)

    Respond
  • mixajlo January 12, 2012

    Со два чифта :) ))

    Respond
  • Daniel January 29, 2016

    Stojan Lazov bil brat na Elisaveta-Veta Stomnaroska , babata na doktor Ilija Stomnaroski-stomnaro

    Respond
    • PSF January 31, 2016

      Благодариме за информациите… Било каков материјал за овој заборавен херој би бил добредојден

      Respond
  • Daniel February 2, 2016

    Baba Nada stomnarica , majkata na dr.Ilija mi ja raskazuvase istorijata na semejstvoto na nejzinata svekrva ama bev dete i ne pametam se , znam samo deka kazuvashe deka “mu ja smachkale glavata kaj nekoj Taksim [ne ni znam sho e toa] vo blizina na nekoj si Kjemerlija most , i mal navika po 10 pati vo denot da si gi mie nozete bidejki taka polesno trchal [ taka velel toj] , a osven Elisaveta Stomnaroska imal ushte 2 drugi sestri.

    Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc