1903: Воените известувачи: Австралиецот Алфред Хејлс (Го бакнува знамето) и русинот Борис Тагеев (Десно до знамето) даваат заклетва во четата на Иван Цончев (Со знамето). До Тагеев е Стефан Николов

Стефан Николов

Стефан Николов е роден во Прилеп во 1859 година. Основното училиште и гимназиското образование ги завршил во својот роден град. Се запишал во военото училиште во Софија кое го завршил во 1880 година. За време на Српско-бугарската војна, е четен командир во третиот Бдински пешадиски полк.
По завршувањето на војната станува член на Тајните офицерски братства, кои работеле за ослободувањето на Македонија и Одринско.

Во 1899 година задграничните преставници на ТМОРО направиле договор со Сарафов и неговите приврзаници, дека ТМОРО ќе ја подржи кандидатурата на Сарафов за претседател на Комитетот, а за возврат Врховниот Комитет нема да презема никави дејства без знаење и согласност на задграничните преставници по што на 1 мај 1899 година во Софија на VІ македонски конгрес со поткрепа на Ѓорче Петров и Гоце Делчев, Борис Сарафов бил избран за претседател на Комитетот.
Борис Сарафов финансиски и морално ја помагал ТМОРО, меѓутоа уште додека се составувал комитетот тој планирал да го заземе ЦК на ТМОРО. Имено, Сарафов веќе направил договор со Иван Цончев и потполковниците Атанас Јанков и Стефан Николов.
Според овој договор Цончев требало да даде оставка од офицерската должност и да го заземе претседателското место во Комитетот, а Борис Сарафов со 14 до 16 офицери требало да навлезе во Македонија да го преземе Централниот комитет и потоа да се крене востание.
Било предвидено територијата на Македонија да се подели на 14 востанички окрузи на чело со по еден офицер, а полковникот Цончев со големи сили да навлезе од Бугарија. За планот не требало да дознаат Гоце Делчев и Ѓорче Петров.
Полковникот Стефан Николов во 1901 година ја напушта Бугарската армија и станува член на ВМОК (Врховен Македонско Одрински Комитет) на Стојан Михајловски и генерал Иван Цончев.

ГОРНОЏУМАЈСКО ВОСТАНИЕ:

Во мај 1902 година полковник Николов учествува во подготовките на Македонскиот врховен комитет за востание во Македонија.
Планот за востание во Македонија се состоел од три точки:

1) Стојан Михајловски и Иван Цончев документирано да ја престават неподносливата положба на населението во Горноџумајско и Малешевско пред бугарскиот министер за внатрешни работи Људсаков и Радев, со што би била побарана дозвола за кревање на востание во Македонија.

2) Иван Цончев и Стефан Николов да навлезат во Македонија и да извршат инспекција до реката Вардар.

3) Полковникот Атанас Јанков да навлезе со чета во Битолскиот револуционерен округ

Набрзо по ова полковникот Атанас Јанков со голема чета навлегува во Македонија движејќи се низ Џумајско, Малешевско, Струмичко, Гевгелиско и Костурско, врбувајќи приврзаници за предвремено востание. Меѓутоа ТМОРО успеала со својата дејност да го спречи објавувањето на Врховистичкото востание во Костурско но не и во источна Македонија каде што избувнува Горноџумајското востание со што биле зафатени: Горноџумајско, Мелничко, Петричко, Малешевско, Струмичко и Разлошко.

Поради таквата атмосфера бугарската влада за да се оправда пред големите сили презела одредени мерки. Најпрво било спречено преминувањето на една чета од 80 души, а на 20 август во Дупница биле приведени Цончев и Стефан Николов по што биле интернирани во своите родни места. Кај нив биле најдени револуционерни наредби потпишани од Љусаков и Радев.
На 20 септември 1902 година Стојан Михајловски ги повикал бугарските граѓани да го поддржат востанието во Македонија со зборовите:

-„Сега не се гледа кој е прав, а кој крив! – Робот е востанат и треба да се поткрепи!“

Меѓутоа на таквата агитација истапил отцепениот комитет на чело со Христо Станишев истакнувајќи дека отаде Рила нема востание. Расправијата меѓу двата комитета внела забуна меѓу бугарските граѓани, а додека тие се расправале дали има или нема востание во Македонија тоа започнало на 23 септември 1902 година.

Неколку дена по интернирањето Стефан Николов пристигнал во Македонија. Како началник на востаничкиот штаб под негово претседателство било извршено советување на врховистичките војводи во селото Градево.
На ова советување било донесена одлука Тодор Саев и Кочо Лефтеров да раководат од десната страна на Струма, а капетан Јурдан Стојанов од левата страна.
За оваа одлука бил известен и Врховниот македонски комитет, по што повеќе активни членови на чело со Антон Бозуков во знак на револт поднесуваат оставка и го напуштаат комитетот
Во меѓувреме на 27 септември од дреновскиот затвор исчезнал Иван Цончев, тој на 5 октомври ја минал границата и по три дена им се придружил на востаниците.
За задушување на Горноџумајското востание османлиите настапиле со вкупно 13 960 војници, односно биле ангажирани 2 пешадиски баталјона од Солун, 5 од Серес, 1 од Драма, 1 од Скопје и батерија од 6 ридски топови од Серес против 2580 востаници.
Последниот отпор на востаниците бил скршен кога на 10 ноември во Разлошко од страна на османлиите е разбиена и последната врховистичка чета.

Последиците од востанието се поразувачки. На многу места револуционерните комитети се уништени, а голем дел од оружјето е запленето од турските власти. Уништени се повеќе бази и канали, преку кои се пренесувале луѓе, оружје и опрема во Македонија а Внатрешната организација стремејќи се да го намали опсегот на востанието често пати влегува во вооружени престрелки со врховистичките чети.
По задушувањето на востанието ограбени и опожарени се повеќе од 15 села во Горноџумајско и Разлошко. Турскиот аскер потпомогнат од локалниот башибозук и од околу 200 арнаути врши масовни силувања, убиства и репресии врз локалното население.
Според тогашните податоци освен 95 востаници кои загинуваат во борба, извршени се и многу репресии врз локалното население.
Убиени се 37 мажи и 8 жени, подложени се на мачење 304 мажи и 134 жени, силувани се 111 девојки и жени, ограбени се 807 куќи, 67 се запалени а повеќе од 2000 бегалци својот спас го наоѓаат во Бугарија.
Свештениците Стефан Стојменов од Падеш и Атанас од Ораново, се обесени со главата надолу над запален оган и горени со вжештени железа. Црквите Св. Иван во Бистрица и Св. Илија во Железница се преворени во коњушници, а во селата Падеш, Тросково и Србиново се разрушени.
И покрај својот неуспех врховистичкото востание ја раздвижило дипломатијата на големите сили кои издејствувале согласност од Турција за нови реформи но истовремено го забрзале и решението на Солунскиот конгрес за кревање на Илинденското востание во 1903 година

Во текот на Илинденското востание, Стефан Николов раководи со чета на ВМОК. Со својата чета учествува во борбите по долината на реката Струма. Со сопствена чета дејствува во Македонија се до пролетта 1906 година, кога бил распуштен и врховниот комитет.

Со почетокот на Првата Балканската војна, учествува како командир на првата бригада на Македонско-Одринското ополчение, а во Втората Балканска војна бил во состав на партизанска чета на Македонско-Одринското ополчение.
За покажаната храброст бил награден со „Орден за храброст“ од ІІІ степен.
Умрел на 21 Април 1915 година во Софија.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc