Ристо Зердески - Зерде...

Ристо Зердески – Зерде

Ристо Зердески – Зерде (Прилеп, 5 август 1906 – Загреб, 1 мај 1970 г.)

„Работејќи на својата публикација „Прилепски времеплов – Хронологија на настани во Прилеп и прилепско“, сум запишал дека на 1 мај 1970 година во Загреб починал првиот македонски филмски актер Ристо Зердески-Зерде.

Со оглед на фактот што деновиве се навршуваат 40 години од неговата смрт, еве повод да напишам нешто повеќе за овој прилепчанец, кој веројатно за многу прилепчани е непознаница. Не се сметам за голем познавач на филмската дејност, но истражувањата за изготвување на мојата публикација ми овозможија да се запознам со личности од Прилеп, а кои имале забележителни улоги во своите области и воедно оставиле трага на своето време.

Голем дел од податоците за Ристо Зерде се најдени во книгата „Сонце на дирек“ од Илинденка Петрушевска, познат какедонски филмски критичар, истражувач, публицист и филмолог. Покрај во оваа книга, податоци за Ристо Зерде се најдени во енциклопедии и друга литература.

Ристо Зердески-Зерде е роден во Прилеп на 5 август 1906 година од татко Михаил и мајка Севастија. Потекнува од трговско семејство. За време на Балканските војни, Зердевци се интернирани во Бугарија, за во 1920 година да се вратат во родниот Прилеп. Татко му Михаил кусо време бил и претседател на општина Прилеп во 1920 годино, но набрзо починал. Во училишната театарска група Ристе се издвојувал од другите деца со својот талент. По смртта на мајка му Севастија во 1921 година, заминува за Загреб, место каде што се случувале голем број настани од филмската и театарската дејност. Во 1922 година се запишува на првата школа за филмски актери. Курсот од 5 месеци го посетувале 40-ина идни актери од цела Југославија. По враќањето во Прилеп ја формира театарската дружина и ја подготвува „Македонска крвава свадба“. Љубовта кон филмот се гледала и со честите контакти со Пане Напе, кој имал свое кино во тоа време.

Во почетокот на 1927 година, хрватскиот филмски ентузијаст и режисер Џука Беркеш го повикува да ја игра главната улога во филмот „Тие двајцата“. Ристе успешно игра два различни лика на момчиња, кои се вљубуваат во една иста девојка. Главната женска улога ја игра убавицата на Загреб за 1927 година, Отилија Зампа. Филмската критика била многу позитивна за Зерде. Со една копија од филмот се враќа во Прилеп. Откако се жени за битолчанката Павлина, го изнајмува киното на браќата Манаки во Битола и се занимава со киноприкажувачка дејност. Повремено прикажувал филмови и во Соколаната во Прилеп. Во 1932 година го полага курсот за киноапаратер. Во 1939 година во неговото кино „Корзо“ во Битола избувнува пожар и изгорела единствената копија на „Тие двајцата“. Економски ослабен заминува на работа во Белград. По ослободувањето со сопругата и ќерката Стефанка се преселуваат во Загреб. Таму работи како трговски патник. Животот му згаснал на 1 мај 1970 година.

Ристо Зерде има своја библиографска единица и во филмската енциклопедија на Лексикографскиот завод на Хрватска.
Сметав дека е добро да се запознаеме со животниот пат на првиот филмски актер во Македонија, прилепчанецот Ристе Зердески–Зерде, зашто многу малку знаеме за личности, кои се истакнувале во своите области, а имале забележителни успеси не само на локални, туки на пошироки простори.

Се надевам дека и во други прилики, по разни други поводи, прилепската и македонската јавност треба да се запознава со ваквите „бисери“ на Прилеп. Вакви „бисери“ Прилеп има во сите области“.

Автор на текстот: Рубин Белчески, историчар.
Текстот е објавен во локалното гласило „Зенит“.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc