Рампо Илија Левков (Левката), (1909-1942); илустрирал: академски сликар Иван Велков, 1972/73.

Рампо Левката

Рампо Левката (Илиев, Левков) е роден на 9 јануари 1909 година во Прилеп, од мајка Милка и татко Илија.

Потекнува од тутунарско и грнчарско семејство. Неговиот дедо Нане бил првиот христијанин, кој отворил берберница во Прилеп во 1875 година, а во 1879 година отворил и кафеана. Основното образование и Гимназијата ги завршил во Прилеп, а во 1929 година се запишал на Правниот факултет во Белград, кој и покрај материјалните потешкотии го завршил за пет години. Во 1935 година се вработил како волонтер во Прилепскиот суд.

Во 1936 година заминал на отслужување на воениот рок, а по враќањето во 1937 година се вработил како адвокатски приправник кај адвокатот Методија Најчески и две години со одобрение на управниот одбор на адвокатската комора го застапувал адвокатаот Најчески. Во април 1942 година го положил адвокатскиот испит во Софија. Истата година станал и член на КПЈ, по чиј налог отворил адвокатска канцеларија во Прилеп.

За време на бугарската окупација неговата канцеларија и куќа се користеле за одржување на курирски врски и за испраќање на материјални средства до партизанскиот одред „Димитар Влахов“. Во офанзивата на бугарските окупаторски сили на 14 септември 1942 година, била опколена првата чета на одредот „Димитар Влахов“ и била разбиена. По ова следувале масовни апсења во Прилеп и провала во градската организација на КПЈ.

На 15 септември, додека работел во својата канцеларија, бил уапсен и Рампо Левката. По долго мачење и тепање, на 19 септември Рампо Левката им подлегнал на повредите и бил закопан во непознат гроб. Покрај Рампо Левката, на мачењето му подлегнал и Сотир Дамески. Истата ноќ се изведени 19 приведени кон месноста Завој, на патот Прилеп-Дабница и стрелани. Само двајца од нив успеале да избегаат.

Рампо Левката е автор на поемата „Бабуна“, составена од 160 стихови распоредени во пет делови.

Посмртно е прогласен за народен херој на Југославија на 5 јули 1951 година.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc