Петар Ацев...

Петар Ацев

Петар Ацев е роден во 1877 година во селото Ореовец.

Завршил VI клас во Софија. Од 1897 до 1901 година бил учител во Прилеп и Крушево. Заедно со браќата Мирче и Ѓорѓи се вклучил во револуционерната дејност на Македонската револуционерна организација. Во 1901 година негов четник бил Крсто Гермов (Шаќир војвода).

Петар Ацев во 1903 година бил претставник на Прилепскиот револуционерен реон на Смилевскиот конгрес и бил еден од главните противници за кревање на востанието, но сепак учествувал во него. Заедно со Георги Поп Христов и Лазар Поп Трајков, бил избран за резервен член на Главниот штаб, составен од Даме Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов.

Учествувал во многу борби со Турската власт, како и со просрпските и грчките пропагандни чети. На 28 јуни 1904 година, четите на војводите Петар Ацев и Никола Каранџулов воделе борба со турскиот аскер на месноста „Ќулето“ кај село Селце, во која загинал Никола Каранџулов.

Во 1907 година учествувал во битката на Ножот, заедно со војводите Тане Николов, Иван Наумов, Михаил Чаков, Христо Цветков и Мирче Најдов. На Ќустендилскиот конгрес, Петар Ацев бил избран за дополнителен член на ЦК, заедно со Петко Пенчев, Павел Христов, Ефрем Чучков, Аргир Манасиев и Стамат Икономов.

По Младотурската револуција излегол од илегала и се населил во Прилеп. Две години подоцна бил уапсен и 15 месеци бил носен по разни затвори низ Македонија и Мала Азија. Бил ослободен во средината на 1911 година, по што се населил во Пловдив.

Учествувал како доброволец во Балканските војни, а потоа и во Првата светска војна. Петар Ацев учествувал во Привременото претставништво на поранешната ВМРО, а подоцна бил член и на Илинденската организација. Бил ранет во текот на Горноџумајските случувања, во септември 1924 година.

Починал во Пловдив во 1939 година

Горе: Стефан Чавдаров, Добри Даскалов, Мише Анчев, Иван Караџов, Димитар Запрјанов, Михаил Дорев, Борис Мончев.
Средина: Петар Ацев, Петар Кушев, Христо Матов, Тодор Лазаров, Тодор Александров.
Долу: Стојан Мишев, Григор Илиев, Петко Пенчев, Христо Саракинов и Георги Занков

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc