Панде Чесноска

Панде Чесноска

Панде Чесноска е родена на 1 септември 1919 година во Прилеп.

И покрај тоа што Чесноска била ќерка на богато и видно семејство од Прилеп, била член на СКОЈ и КПЈ од пред војната. Пред војната се дружела со прогресивните младинци од Прилеп, а најмногу соработувала со народниот херој Кире Гаврилоски-Јане. Нивното зближување постепено ќе прерасне во вистинска љубов.

Есента 1943 година, Чесноска била испратена во редовите на партизанските единици, кои тогаш се наоѓале на ослободената територија на Дебарца. Во Бирото на Вториот обласен комитет останала се до 5 декември 1943 година, кога партизанските единици се повлекле за Егејска Македонија. Вториот обласен комитет заминал за Битола, а Чесноска била испратена за Охрид. Нејзе, најверојатно, и била дадена задача да ја пренесе архивата. Таа во Охрид се сместила во куќата на Никола Михајлов Камнаровски, кого го познавала од порано. Тој пред војната работел како келнер во кафеаната на нејзиниот стрико во Прилеп. Меѓутоа, била предадена и уапсена и подоцна однесена во битолскиот затвор. Заедно со други партизани побегнала од затворот и повторно се вклучила во движењето.

„Во јули 1945 година ОЗН-а ја ликвидира прилепчанката Панде Чесноска, која работеше во истата служба и имаше чин поручник. Директни егзекутори беа Злате Билјановски и Мито Мицајков. Целата вистина за злосторот се дозна летото 1990 година, кога возачот Љупчо Покрајчев-Чкало, реши јавно да каже дека неа ја убиле двајцата високи раководители на ОЗН-а кај месноста Буковиќ на патот Гостивар-Кичево.

Билјановски и Мицајков на 12 јули тргнале на службен пат од Скопје за Кичево. Со нив ја повеле и Чесноска, иако таа никогаш дотогаш не одела на терен. Откако го поминале преминот Стража и почнале да се спуштаат на надолнината кон Зајас им се дупнала гума. Покрајчев слегол од џипот и забележал расфрлени клинци на патот со кои ги потковуваат коњите. Тогаш Мицајков му рекол дека тие ќе прошетаат надолу додека тој ја залепи гумата.

„Јас немав што да правам. Ми беше сомнително зошто ме оставија сам, а ми беше страв да не ме фатат балистите. Тргнав кон завојот и гледам Мицајков и Билјановски, еден од една друг од другата страна, Панде ја зеле во средина и ја носат кавалерски. Потоа Билјановски се трга десно. Мицајков остана поназад, го извади пиштолот и од зад грб пукна во неа. Панде паѓаше, но ја прифати Злате и ја однесе на крајот, на работ од патот. Тука ја легна. Слушнав повеќе пукотници. Страшно се уплашив од глетката. Сакав да ги убијам, но помислив на децата и жената. Во ОЗН-а ќе знаеја дека јас сум ги ликвидирал, а не балистите. Решив да не интервенирам, се правев како ништо да не видов. Ете, ова ми тежеше на душата. Цели 45 години сакав да ја кажам вистината за Панде Чесноска“, ќе му се исповеда Покрајчев на новинарот Драги Башевски, чие искажување го објави весникот „Нова Македонија“ во август 1990 година.

ОЗН-а тогаш ќе соопшти официјално дека Панде Чесноска патувала со двајца офицери на ОЗН-а, службено од Скопје за Кичево. Попладнето, околу 15 часот се случил дефект на возилото. Додека возачот го поправал, Чесноска и двајцата сопатници малку се оддалечиле од него, но неочекувано наишле на балистичка заседа. Таа била на бришан простор и ја погодил еден од првите куршуми. Наместо останала мртва. Погребана е наредниот ден во Прилеп.

Наредното утро, по ликвидацијата на Чесноска, непознато момче донело телеграма со која се известувало семејството дека нивната Панде загинала кај Зајас, а подоцна бил донесен и ковчегот со неа.

„Веста не покоси, јас бев бремена, тешко ја поднесов смртта на Панде, така беше со сите дома, не можевме да ја преболиме. Ни ја донесоа со кола од Скопје, во присуство на Пецо Ивановски-Тиквар. Беше ставена во сандак-ковчег затворен, не ни дозволија да го отвориме за последен пат да ја видиме. Меѓутоа, нашата желба беше поголема од наредбата, па вечерта во 1 часот по полноќ го отворивме ковчегот. Внатре беше Панде, убаво облечена, исчешлана, мислиш дека спие. Кај неа најдовме 50.000 лева, рачен часовник што го добила од Америка од двете тетки како поздрав за победата, прстен дијамант, спомен од свекрва ми и едно пенкало во џебот, а чевлите што ги носеше беа нови, неносени“, ќе му изјави нејзината снаа Панда Илиеска-Чесноска на новинарот Башески.

Чесноска ја испратиле со сите почести, со говори. Перо Ивановски-Тиквар не можел да зборува потресен од случајот, паднал во несвест. Цел Прилеп дошол да ја испрати, единствено не дошле нејзините убијци, Злате Билјановски и Мито Мицајков. Роднините уште тогаш насетувале дека таа е ликвидирана, но не смееле да зборуваат. „Верував дека не е убиена од балистите, само тоа можам да го кажам. Мислев дека беше ликвидирана од причини што на погребот не дојдоа тие што беа со неа да кажат како Панде загина“, додава нејзината снаа.

Во тоа дека ја ликвидирала ОЗН-а се увериле кога очевидец на убиството им раскажал за трагичниот крај на Панде.

„Еден другар на татко ми Ѓорѓи Илиески, се вика Миха Зику, бил овчар во Зајас, уште тогаш му има кажувано: ’Ѓорѓи ми лежи на душава и сакам да ти кажам што сум видел за девојката што ја убија овде. Таа и била золва на ќерка ти. Тој ден покрај мене помина џип, а во него беа четири луѓе. Шоферот, една женска и двајца мажи кои седеа назад. Кога минаа се прашав: Бре мајката и жените добија власт!? Дури го реков тоа слушнав истрел. Немаше борба со балистите. Веднаш потоа се врати џипот со тројца луѓе, ја немаше жената. Си реков: Што е мајката, да не ја отепаа? Тргнав да одам и да видам, но на 50 метри се премислив. Џипот се врати со еден камион војници. Јас стоев потпрен со крликот и никој не ме забележа. Ја кренаа жената и си заминаа. Таа била меѓу два камења, како што ја фрлиле, тоа го видов после, откако сите си отидоа…“

За убиството истиот ден дознал и прилепчанецот Крсте Митрески-Господ. Возачот Покрајчев, на сите кои ќе го прашале им велел дека е убиена од балистите, единствено на Господ му ја кажал вистината. Дента кога ја ликвидирале Митрески командувал со единицата што го чистела теренот од балистите во Кичевско и стасал веднаш на самото место. „Кога ме виде Чкало со рака ми покажа кон Злате и Мицајков, ми даде на знаење дека е ликвидирана од нив, не од балистите… Тој ден не наидовме на балисти. Ако имаше, ќе ги најдевме зашто вршевме фронтален претрес и имавме поставено заседи и ситуацијата ја имавме по контрола“, објаснува Митрески.

Причините зошто е ликвидирана Чесноска никој не ги кажа јавно, ниту пак Злате Билјановски и Мито Мицајков ги демантираа тврдењата на Чкало за злосторот што го извршиле. Во времето кога за тоа пишуваше „Нова Македонија“, тие сеуште беа живи. Чкало вели дека многу подоцна по нејзиното убиство слушнал од поединци дека ја ликвидирале поради тоа што наводно била англиски шпион. Тој во тоа не верувал. Според него, таа била вистински комунист, многу добро ја познавал и често ја возел со колата.

„Панде Чесноска беше многу убава жена, внесе љубомора кај сите што работеа во ОЗН-а. Кога ќе излезеше од работа да си оди дома, така беше убаво облечена и стегната во униформата, што народот подзастануваше да ја гледа. Беше прекрасна и го свртуваше вниманието на луѓето“, раскажува тој.

И убиството на Панде Чесноска, како и ликвидацијата на Лена Стојческа, најверојатно го наредил Цветко Узуноски-Абас, кој во тоа време бил првиот човек на ОЗН-а. На ваквата констатација упатуваат неколку факти. Прво, Чкало тврди дека Билјановски и Мицајков пред да тргнат за Кичево излегле од канцеларијата на Абас. Второ, сценариото за наводната ликвидација на Чесноска дека налетале на балистичка заседа, наликува на она што тој му го предлагал да го каже Ванчо Бурзевски, откако тајно ќе ја ликвидира Стојческа, дека налетале на заседа на Германците. И, трето, во документите што Колишевски ги сочувал за Абас и кои беа под ембарго десет години, се наоѓаат исечоци од „Нова Македонија“ во кои се објавени сведочењата за ликвидацијата на Чесноска, што значи дека и Колишевски сметал дека неговиот баџанак дал налог да се убие“.

Извадок од Утрински весник Број 3456 вторник, 14 декември 2010
Виктор Цветаноски

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc