2014: Семејната гробница на Дишкови во софиските гробишта...

Никола Дишков

Никола Дишков е роден на 13 декември 1852 година во Прилеп.
По завршувањето на основното училиште во Прилеп, заедно со неговото семејство емигрира во Софија. По завршувањето на гимназиското образование во Софија, се вработува како општински службеник.

По завршувањето на Српско-бугарската војна во 1885 година, во која учествува како доброволец, создава сопствена градежна компанија, чија главна задача е изградба на патишта, мостови и железнички линии во цела Бугарија. Меѓу нив се и железнички пруги Софија-Радомир, Шумен-Капичан, како и на ископните работи за храмот-споменик “Свети Александар Невски”.
Никола Дишков активно учествува и во легалните македонски организации во Бугарија. Во 1920 година, е избран за член на Извршниот комитет на Македонските добротворни братства.

За време на својот живот Никола Дишков стекнал значителни материјални средства. При крајот на својот живот Дишков му донирал поголема сума на Прилепското добротворно братство кое било создадено во 1905 година со цел, обединување и културно-просветно издигнување на бегалците од Прилеп.
За време на Првата светска војна, Прилепското братство се обидува да создаде фонд, кој што ќе послужи за изградба на дом, читална и музеј посветен на владиката Методиј Кусев и техничко училиште во Прилеп.
Темелите на фондот се поставени со донацијата на Дишков во вредност од 100.000 лева. Волјата на донаторот е со средствата да се формира фондација која ќе го носи неговото име и името на неговата сопруга – Бојата Дишкова. Главната цел на Никола Дишков му била, преку фондацијата да се изгради техничко училиште во Прилеп.

По завршувањето на војната, недостасуваат документите за создавањето на фондацијата, односно нејзиниот правилник за намена на средствата, така што на 9 август 1925 година, со одлука на Одборот кој управува фондацијата, се распределени 200.000 лева на Фондот за изградба на Македонскиот културен дом.
Во 1934 година Одборот прави обид да ја исполни волјата на донаторот, со тоа да го префрли капиталот на фондот на Прилепската општина, но поради финансиските и политички тешкотии намерата пропаѓа.
Фондацијата е затворена со указ на Народното Собрание, издаден во 1951 година, а имотот е префрлен на Македонското културно-просветно друштво “Гоце Делчев”.

Голема благодарност до Филип С. Филипов

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc