Мирче Доне Ацев (Стојче), (1915-1943); илустрирал: академски сликар Иван Велков, 1972/73.

Мирче Ацев

Мирче Ацев е роден на 20 октомври 1915 година. Името го добил по стрико му Мирче Ацев – војводата. Неговата сестра Вера Ацева исто така учествувала во НОВ и прогласена е за Народен херој.

По завршувањето на основното четирикласно училиште во Ореовец, заминал да учи Гимназија во Прилеп. Школувањето во Прилеп бил принуден да го прекине поради тогашната политика на режимот на Петар Живковиќ за затворање на полните гимназии. Во учебната 1933/34 година се запишал во петти клас во Битолската гимназија. Матурата ја завршил во летото 1937 година. Потоа се запишал на Правниот факултет во Белград.

Уште во почетокот на студиите се вклучил во организацијата на напредните студенти. Преку оваа организација, раководена од КПЈ, напредните студенти ги зеле во свои раце разните стручни здруженија, одбори и студентската менза. Се спријателил со Кузман Јосифовски-Питу, а од тие денови датира и неговото другарување со Страхил Пинџуров (Страшо Пинџур).

Станал член на Комунистичката партија на Југославија во 1939 година. Бил задолжен и за организација и раководење на студентската колонија во Охрид. Во летото 1939 година, во градот ги формирал првата партиска организација и првиот месен комитет на КПЈ. Раководител на колонијата во Охрид бил и во наредната 1940 година.

Во почетокот на 1940 година бил испратен на илегална работа во Скопје и се до 6 април 1941 престојувал во градот. Тука ја организирал партиската техника на Покраинскиот комитет и заедно со Страшо Пинџур го подготвувал печатењето на партискиот орган, весникот „Искра“.

Уште во самиот почеток на бугарската окупација се вклучил во ослободителното движење. Неколку дена по нападот на Југославија, тој и Страшо заминале за Кавадарци, а потоа Мирче преминал во Прилеп. По кусо време повторно се вратил на работа во Покраинскиот комитет во Скопје.

Како партиски инструктор на Покраинскиот комитет ги обиколувал партиските организации во повеќе градови на Македонија.
Од крајот на 1941 година, до пролетта 1942, Мирче престојувал во Битола. Иако во длабока илегалност, работел и со организациите во Ресен и во Охрид. Во средби со напредни дејци и во писма, Мирче ја критикувал неактивноста на Покраинскиот комитет, што имало влијание врз промената на неговиот состав во пролетта 1942 година. Во јуни истата година тој станал привремен секретар на Покраинскиот комитет.

Заедно со Кузман Јосифоски-Питу се залагал за примена на курсот за вооружена борба и пристапил кон формирањето неколку нови партизански одреди во Македонија. Заедно со Страшо Пинџур, во септември 1942 година, излегол на терен. Намерата им била да ги посетат партизанските одреди и партиските организации во Велешко и Прилепско. По претходно предавство на велешанецот Ѓорѓи Црвенов, заедно со Страшо Пинџур бил уапсен на 19 декември 1942 во Велес.

По долго физичко измачување во Обласната полициска управа во Скопје и без судски процес, по петдневно ѕверско мачење, обајцата се убиени од бугарската полиција на 4 јануари 1943 година. Во официјалните документи стои дека, Мирче Ацев во обид за бегство скокнал од прозорец, а Страшо Пинџур успеал да избега (телото на Страшо Пинџур е изнесено надвор од градот и најверојатно фрлено во Вардар).

Во чест на Мирче Ацев, првиот батаљон на Народноослободителната војска на Македонија, формиран на 18 јули 1943 година, го добил неговото име.

Посмртно е прогласен за народен херој на Југославија.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc