Мице Козар на поседок во Мариово...

Мице Лазаров Козароски – Козар

Мице Лазаров Козароски (Јандре, Козар) е роден на 24 септември 1910 година во Варош.
Лозата на неговото семејство води потекло од влашка фамилија од гратчето Невеска во Егејска Македонија. Неговите претци поради страв од крвна одмазда за претходно извршено убиство на некој локален турски зулумќар во XVII век се населиле во прилепското село Слепче. Бидејќи основната дејност им била одгледувањето на кози, го добиваат прекарот Козаровци. Подоцна вдовица од ова семејство се премажува за варошанец а со себе донела едно машко дете кое ја продолжило лозата на Козаровци во Варош.

Мице израснал во добро ситуирано семејство. Семејството Козар поседувало голема обработлива површина под лозје и тутун, вклучително и ан во старата чаршија.
По завршувањето на основното четиригодишно училиште во Варош, Мице го продолжува образованието во Прилепската гимназија но жедта за наука му ја ускратува неговиот татко по завршувањето на вториот клас, по што следи негово ангажирање како чирак а подоцна и како калфа во анот на татко му.

Голем придонес кон формирањето на неговата личност има неговиот стрико Рампо кој го снабдува во тоа време со прогресивна и забранета литература, всадувајќи му ги на Мице идеите на напредното работничко движење. Мице поради овие активности често пати доаѓа во судир со својот татко.
Набрзо, семејниот ан на Козаровци станал собиралиште на прогресивната младина. Работници, тутунари, занаетчии и интелектуалци од Прилеп, Крушево, Велес пристигнувале кај Козар, со цел насочување, координирање и осмислување на насоките на дејствување за свое добро, за слобода, за борба против странските пропаганди и фашизмот во Европа.

Во 1930 година заедно со Никола Попоски, Јосиф Ристески и Димо Наредникот заминува на отслужување на т.н „скратен” воен рок од девет месеци во Крушевац.
Во 1934 година Димче Аџимитрески во Прилеп ја формира Трезвена Ложа која пред властите функционирала како здружение на граѓани за борба против алкохолизмот, но нејзината вистинска цел била организирање на напредната младина. Мице Козар како активист во Трезвена Ложа бил главен организатор на сите форми на групни дружења каде што главно се дискутирало за теми со политчки содржини, се читале реферати и дела со прогресивна содружина.

Истата година Мице е примен како член во МК на КП каде што постепено израснал во водечка фигура на партиското движење во градот.
Во април 1935 година организира скоевска група од која подоцна во НОБ излегле врвни партиски и воени раководители. За време акцијата „Голема провала“ на полициските сили за сузбивање на комунистичкото движење Мице е уапсен на 13 април 1937 година и од Судот за заштита на државата во Белград е осуден на една година строг затвор во истражниот затвор во Велес.
Со големите апсења групата се распаѓа но веќе наредната година по враќањето на Мице од затвор, групата повторно се обновува. По враќањето од затвор Мице се ангажира во Народниот универзитет во Прилеп, КУД Коста Абрашевиќ (Како секретар на управата) и во Здружението на тутунопроизводителите е член на управата.
Во 1938 година се жени со Велешанката Марика Чкоркова, сестра на комунистот Боте Чкорков, со кого заедно ја отслужувале затворската казна. Од бракот со Марика имал две дечиња: Блаже и Наде.

Во декември 1940 година заедно со повеќе прилепчани е мобилизиран под изговор за воена вежба и е одведен во концентрациониот логор за изолација во Меѓуречје кај Ивањица. Во логорот во негова непосредна близина биле и неговите пријатели: Перо Тиквар, Борко Петрески – Симоно, Стефан Петрески – Малиот, Трајко Конески Снагата, Борка Талески, Диме Бојаноски – Дизе, Јоска Јорданоски – Сандански и др.
За време на неговиот престој во Меѓуречје, Мице активно се дружел со Кочо Рацин и покрај бојкотот кој му бил наметнат од ЦК на КП поради посетата на Рацин на тогашниот бан на Вардарската бановина, Живојин Рафајловиќ.
Мице Козар останува во логорот Меѓуречје до неговото распуштање на 27 март 1941 година.

По окупацијата, зел активно учество во организирање на отпорот.
На 11 октомври 1941 година учествува во формирањето на партизанскиот одред на месноста Црвени Стени.
За време на нападите во градот, Мице е во составот на групата задолжена за напад на прилепскиот затвор која е составена од: Никола Попоски (Командир), Пецо Крстески, Јонче Јанески, Благоја Корубин и Душан Ристески.

На 18 октомври учествува во формирањето на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ но и покрај неговото воено и политичко искуство Мице не влегува во потесното раководство на одредот.
На 8 ноември, по влегувањето на одредот во село Царевиќ и одржаниот митинг во него е извршена реорганизација на штабот од одредот при што Мице Козар станува комесар за исхрана.
По директивата на Покраинскиот Комитет за растурање на одредот и „зимување“ на неговите борци, Мице е ставен на располагање на Велешката партиска организација. Но само по 5 денови поради големата полициска акција и апсењата на борците кои се сместиле во Прилеп, Мице Козар заедно со Борка Левата, Трајко Тарцан и Пецо Даскалот заминуваат во манастирот Свети Димитрија во село Степанци, каде што се задржале 5-6 денови, но поради влошеното здравје на Мице се враќаат во Велес од каде што другите заминуваат во Скопје а Мице останува во Велес до 18 јануари 1942 година.

По напуштањето на Велес, заедно со Борка Талески и Трајко Пунето заминуваат во Богомила каде што заедно со Никола Вражалски, кметот на општината Богомила ја зголемуваат партиската активност на ќелијата во Богомила и во селата на Азот.
Мице Козар е одговорен по воените прашања на политичкото раководство во Азот. Тој раководи со прибирање на оружје и опрема како и со ререгрутирање на нови борци во новоформираниот одред „Димитар Влахов“ каде што Мице е командир на третата чета.
Под команда на Мице Козар следи период на бурна политичка активност, формирање и организација на партизански чети и одреди, масовно повлекување на селаните во борба и многубројни напади на непријателски сили и инфраструктура.
Напаѓани се воени и полициски објекти во Азот, особено по железничките пруги Скопје – Солун и Велес – Битола, општински објекти во Скопско, Велешко, Кавадаречко и Прилепско, извршен е напад на рудникот за момирок кај селото Степанци од каде што е запленето поголемо количество експлозив. При вооружена акција во селото Десово е заробен прилепскиот контрачетнички војвода Дончо од Варош и Мирко Симоноски од Прилеп со чие стрелање е пресечен обидот да се формира контрачета во прилепско.

Бугарските власти поттикнати од настаните во Десово на 10 октомври 1942 година преземаат голема офанзива за разбивање на партизанските единици во регионот.
За таа цел се истоваруваат на железничките станици Клајман, Богомила, Гостиражни и Браилово 14та и 15та бугарска дивизија со околу 4000 војници, засилени со 400 полицајци од софиското полициско училиште и локални контрачети.
По неколкудневни блокади и претреси по селата бугарскиот окупатор не успеал да го уништи партизанскиот одред но извршил бројни злосторства. Особено по својата суровост се истакнале домашните контрачети.

Стрелани и заклани се:

2 од Ораов Дол

2 од Габровник

12 од Согле

7 од Долно Јаболчиште

Интернирани се 112 селани во логорите во Бугарија, повеќе куќи и плевни се запалени а во селата се разместени бројни полициски и конрачетнички сили.
Без можност да контактираат со својата логистика и со курирската врска со одредот, борците од третата чета со која раководи Мице Козар се принудени да се повлечат во „Влашките Бачила“ под Солунска Глава.
На 30 ноември 1942 година Мице Козар заедно со двајца курири заминува за консултација во базата на одредот „Димитар Влахов“ во Лисец.
На состанокот со раководството од одредот Мице остро се спротиставил кон директивата одредот да се повлече кон Албанија.
На 4 ноември Мице Козар придружуван од борецот од првата чета од одредот Хисто Дума (Тогаш студент по медицина), заминува да се сретне со својата чета сместена во „Влашките Бачила“.

Наредниот ден во месноста Чеплес кај „Нежиловски колиби“ по претходно предавство на Панче, селскиот кмет од Нежилово се пресретнати од бугарска полиција и контрачетници при што Хисто Дума е ранет и заробен а на Мице Козар му се губи секаква трага.
Третата чета од одредот „Димитар Влахов“ е разбиена од надбројниот непријател. Повеќето борци се ранети и заробени а убиени се борците Ристо Шајката и Невена Георгиева – Дуња која откако тешко ја раниле, контрачетниците и ја отсекле главата и ја набиле на кол и така ја шетале низ велешките села за да го заплашат народот.

Пролетта 1945 двајца ловџии од Горно Јаболчиште на надморска височина од 2500 метри го пронашле делумно зачуваното тело на Мице Козар. Телото било препознаено по облеката, цокулите, часовникот, русата коса и мустаќи.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc