Кузман Цветан Јосифоски (Питу, Методие), (1915-1944), илустрирал: академски сликар Иван Велков во 1972/73 година.

Кузман Јосифовски – Питу

Кузман Јосифовски – Питу е роден на 23 јуни 1915 година во Прилеп во револуционерно семејство. Трите сестри и двајцата браќа биле активно вклучени во револуционерното движење. Од нив животите ги дадоа Кузман и најстарата ќерка Мара.
Неговиот брат Аспарух бил учесник во нападот на Участакот во Прилеп, на 11 октомври 1941 година. Средната ќерка Стефанка, која за време на војната живеела во Краљево, била носител на Партизанска споменица, а најмалата Павлина била активист во партијата.

Основното образование го завршил во Прилеп, а средното во Битола. Станал член на КПЈ во 1938 година, за време на студирањето на Универзитетот во Белград, каде што бил еден од предводниците на напредната студентска младина. Во 1939 година станал секретар на Месниот комитет на КПЈ за Прилеп, но поради несогласување со политиката на Методија Шаторов, бил исклучен од Покраинскиот комитет на комунистичката партија, но набрзо повторно бил примен во редовите на партијата.

Бил член на ПК на КПМ, на Главниот штаб, на ЦК на КПМ и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. По Преспанското советување на 2 август 1943 година дошол во Скопје, каде што живеел во населбата Трнодол.

Кузман Јосифовски – Питу бил убиен под мошне неразјаснети околности на 25 февруари 1944 година. Според официјалната верзија, Кузман загинал на 25 февруари 1944 година, погоден од куршум на бугарски војник. Претходно била опколена куќата каде што се одржувал состанок со претставници на централниот комитет на БКП (Бугарската комунистичка партија).

Кузман успеал да се извлече и да побегне, но стигнал само некој километар подолу до денешна „Алумина“, каде што смртно бил погоден од бугарски војник. За убиството на Кузман неговата мајка и помалата сестра Павлина дознале дури по една година, и тоа случајно на првиот митинг по ослободувањето на Прилеп, каде што биле прочитани имињата на загинатите борци.

Денеска, како што откриваат историчарите, постоела телеграма на црногорскиот раководител Светозар Вукмановиќ–Темпо до Тито, во која тој барал Питу по секоја цена да се тргне од АСНОМ, а тоа негово барање било засилено особено по Преспанското советување, каде што Кузман Јосифоски се залагал за формирање на македонски партизански одреди во останатите делови на етничка Македонија и нивна заедничка броба со Македонците од Вардарска Македонија за целосно ослободување и обединување на Македонија.

На 2 август 1945 година посмртно бил прогласен за народен херој на Југославија.

*** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** ***

КОМЕНТАР кон сликата од погребот на неговиот татко Цветан, кој умрел на 10 мај 1935 година.

Кузман стои во средината со црн костум и бела кошула со врска.
На оваа фотографија, одлево надесно стојат:
1. Гога Крстески (поголемото дете), прв братучед на Кузман;
2. Круме Волнароски (потпрен на крстот), прв братучед на Кузман;
3. Милан Младен (стои зад Круме), братучед на мајка му Лефта;
4. Ицко Волнароски (стои меѓу круме и Аспарух), тетин на Кузман;
5. Аспарух јосифоски, брат на Кузман;
6. Илка Волнароска Сенокозлиеска, сестра на Круме, прва братучеда на Кузман;
7. Дано Волнароски, брат на Круме, прв братучед на Кузман;
8. Верка Крстеска Котеска, сестра на Гога, прва братучеда на Кузман;
9. Маре Крстеска, сестра на Верка, прва братучеда на Кузман;
10. Пепе Волнароски, брат на Круме, прв братучед на Кузман;
11. Мара Јосифоска, сестра на Кузман;
12. Кузман Јосифоски – Питу;
13. Борис Гала, братучед на лефта;
14. Филип Јованоски, сопруг на Рајна, тетин на Кузман;
15. Коца, сопруга на Милан Младен;
16. поп Кирил Стојаноски

Покрај умрениот Цветан, одлево надесно клечат:
1. Арсенија, сестра на Цветан Јосифоски, сопруга на Ицко Волнароски, тетка на Кузман;
2. Рајна, сестра на Цветан, тетка на Кузман;
3. Ѕака, мајка на Лефта, баба на Кузман;
4. Лефта, мајка на Кузман;
5. Павлина Јосифоска (детето), сестра на Кузман;
6. Донка, сестра на Ѕака;
7. Пеша Чкатроска.

*** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** ***

КОМЕНТАР кон сликата: Група студенти од Прилеп, сликани во 1937 година.

Во првиот ред одлево: Благоја Попоски – студент на Правен факултет во Белград; Борка Чеврески – кадет на Воената академија во Белград; Илија Милчин – студент на Правен факултет во Белград.

Во вториот ред одлево: Кузман Јосифоски-Питу – студент на Правен факултет во Белград; Мирче Ацев – студент на Правен факултет во Белград.

*** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** ***

КОМЕНТАР кон сликата: 1939: Кузман кај месноста „Пештерица“, близу до Ореовечка река, во близина на старата станица од теснолинејката, каде што врвел малиот воз.

Одлево надесно: Цане Конески-Берберот; Петар Ристески-Пената; Кочо Дамески, брат на НХ Ѓоре Дамески-Боксерот; Ордан Михајлоски-Оцка; непознат; Илија Андреевски-Кагин; Лазо Филипоски-Лавски; Кузман Јосифоски-Питу (со куси панталони); Борка Велески-Горанов; непознат.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc