Крал Волкашин...

Крал Димитрија Волкашин

Кралот Димитрија Волкашин е роден околу 1320 во гратчето Ливно во југозападна Босна.

Дубровничкиот историчар Мавро Орбин (1563-1610) запишал дека кралот Волкашин бил син на сиромашниот властелин Мрњава од Ливно, во денешна Херцеговина. Мрњава од Ливно се преселил во гратчето Благај, во околината на Мостар, од каде што цар Душан го повикува на својот двор. Според византискиот историчар од XV век, Лаоник Халкокондил, браќата Волкашин и Угљеша биле носители на дворските титули пехарник и коњушар.

Според современите извори, Угљеша во 1346 година се спомнува како Душанов намесник во Требиње, а додека Волкашин во март 1350 година се наоѓал на положбата жупан на град Прилеп. Во тој период нивната сестра Елена се мажи за Никола Радоња, син на севастократорот Бранко Младеновиќ, кој владеел со Охрид во името на српскиот крал.

По смртта на цар Душан, неговиот наследник Стефан Урош V (1355-1371) постепено го губел својот авторитет. Полубратот на цар Душан, Симеон (1359-1372) ја узурпирал власта во Епир и Тесалија, а кнезот Војислав Војиновиќ, кој иако бил лојален на царот, на своја рака водел војна против Дубровничката република (1358-1362). Дубровчаните во мај 1362 година, заради склопување на мир, покрај молба до Цар Урош, пишуваат молби и до царицата Елена и Волкашин, што се потврдува дека Волкашин бил влијателна личност во царскиот двор.

Во тој период, семејството Мрњавчевиќ склопиле неколку бракови со другите моќни семејства во царството. Волкашин својата ќерка Оливера во 1365 година ја омажил за Ѓураѓ I Балшиќ, додека Марко се оженил со Елена, ќерка на Радослав Хлапен, а Угљеша се оженил со Елена (Јефимија), ќерка на кесарот Војихне, намесник на Драма.

Ненадејната смрт на кнезот Војислав Војиновиќ во септември 1363 година, отворила простор за понатамошно воздигнување на браќата Мрњачевиќ. По смртта на кнезот Војислав, царот Урош ја загубил поддршката на властелините во Рашка, па затоа се приклонил кон браќата Мрњачевиќ. Царот Урош на Волкашин му ја дал титулата деспот, а во септември или август 1365 година, царот Урош го прогласил за совладетел и му ја дал титулата крал, а во истата прилика Јован Угљеша бил прогласен за деспот.
Волкашин, по 1365 година ја проширил својата власт на север, се до Ново Брдо и Приштина, а во негово владение биле Скопје и Призрен.

Реката Вардар претставувала само формална граница меѓу областите на крал Волкашин и неговиот брат, деспот Угљеша. Угљеша во 1365 година станал господар на Серската област, по што ја принудил Душановата вдовица Елена, сега монахиња Елисавета, да се повлече во манастирскиот живот. Заедничкото владеење меѓу цар Урош и крал Волкашин завршило во 1369 година.

Ширењето на Волкашиновата власт на север предизвикало непријателство со рашките властелини: жупанот Никола Алтомановиќ и кнезот Лазар Хребељановиќ, кои во сојузот против Волкашин го привлекле и царот Урош. До конечна пресметка дошло во 1369 година на Косово поле, каде што кнезот Лазар уште на почетокот на битката се повлекол, додека војската на воинствениот жупан Алтомановиќ била десеткована, при што и самиот жупан едвај спасил глава, а Цар Урош бил заробен со уште неколку дворски властелини.

По 1369 година Волкашин се истакнал како самостоен владетел. Во тие години Османлиите ја зацврстиле својата власт по долината на реката Марица и почнале со повремени упади и пљачкосување на територијата на деспотот Угљеша. Деспотот Угљеша уште во 1368 година водел преговори за сојуз со Византија, но без поголем успех. На Угљеша единствено му притекнал во помош само неговиот брат Волкашин, додека другите деспоти и властелини биле зафатени со внатрешните судири и непријателства. Обединетите војски на браќата тргнале на поход кон Едрене, со чие заземање би се разнишала положбата на Османлиите на Балканот.

Но, недалеку од Едрене, во местото Черномен на реката Марица, на 26 септември 1371 година се одиграла Маричката битка во која Османлиите ја разбиле војската на браќата Мрначевиќ, при што во битката загинале и двајцата браќа.

По Маричката битка, крал Марко, браќата Драгаши, византискиот цар Јован V Палеолог и бугарските владетели станале вазали на турскиот султан Мурат I. На крал Марко, кој станал турски вазал, му останало во владение само територијата на дененешна западна Македонија.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc