Коле Чашуле

Коле Чашуле

Коле Чашуле е роден на 2 март 1921 година како Никола Кепев, четврто дете во фамилијата на Стева и Илија Кепеви. Во 1925 година бил посвоен од вујко му Илија Чашуле, со што официјално го добива презимето Чашуле.
Основно училиште и нижа државна гимназија завршува во Прилеп, а државна реална гимназија во Битола. Во 1938 година запишал студии по медицина во Белград, кои ќе ги прекине во април 1941, поради започнување на војната во Југославија.

Во мај 1941 година заминал во Софија со група македонски студенти, со цел да се запише на тамошниот Универзитет. Тогаш ги запознал Никола Вапцаров, Венко Марковски и Тодор Павлов. На импровизирано литературно читање настапувал со Венко Марковски, Вапцаров и Блаже Конески со кого истото лето, по враќањето во Прилеп, подготвил заедничка поетска збирка.

Бил учесник во НОБ, уште од првите денови на востанието и бил дел од партизанските единици, кои на 11 Октомври 1941 година ја нападнале полициската станица во Прилеп.

Во 1942 година бил уапсен и осуден на смрт со бесење како организатор на атентатот на бугарски висок полициски функционер во Скопје. Подоцна казната е преименувана во доживотна робија и ја издржувал во Скопскиот затвор Идризово, од каде во 1944 година организирал успешно бегство на повеќе од 300 осуденици, по што активно се вклучил во завршните воени операции за ослободување на Македонија.

Во 1946 година Чашуле бил член на Судскиот совет, што го осудил неговиот сограѓанин Методија Андонов-Ченто на 11-годишна затворска казна.

Подоцнежно цитирано „признание“ на Коле Чашуле во врска со судењето на Методија Андонов – Ченто:

„Мене ме викна Видое Смилевски во ЦК, каде беше присутен Елисие Поповски–Марко. Видое објасни дека Ченто бегал преку граница и други работи со кои тој се оптужува и дека треба да му се суди. Кога Видое зборуваше, Марко ја наведна главата и ништо не проговори. Всушност, судењето било однапред подготвено, не само обвинението, туку и пресудата. (…) Значи, пред нас, судиите, беше наредено Ченто да биде осуден“.

Професионалниот пат го започнал како главен и одговорен уредник на Радио Скопје. Бил еден од иницијаторите за формирање на Друштвото на писателите на Македонија, а едно време бил и негов претседател. Подоцна се зачленил во Независни писатели на Македонија. Членувал во Македонскиот ПЕН центар и во Македонската академија на науките и уметностите.

Чашуле во 1952 година заминал на својата прва дипломатска должност во Торонто, каде бил именуван за генерален конзул на Југославија во Канада. Подоцна станал и Југословенски амбасадор во Боливија, Перу и во Бразил. Во 1956 година бил именуван за прв министер за култура на НР Македонија. Во 1984 бил избран за претседател на Сојузот на писателите на Југославија, во 1985 бил избран за претседател на Главниот одбор на Југословенските театарски игри „Стериино позорје“.

Своите ставови во периодот од 2001 година ги објавуваше во „Утрински весник“, дел од тие текстови се објавени во книгата „А, бре Македонче!“.

Автор е на следните дела:
Драми: Една вечер (1948), Последните гаврани (1950), Задруга (1950), Вејка на ветрот (1957), Бразда (1958), Црнила (1960), Игра или социјалистичка Ева (1961), Градскиот саат (1965), Вител (1966), Партитура за еден Мирон (1967), Земјаци (1967), Тројца и вистината (1967), Како што милувате: Оставка на еден карипски министер за внатрешни работи или, Достага на самиот врв од највисоката власт (1975), Суд (1978), Житолуб (1981), Дивертисман за еден Стрез (1967-1990), Роднокрајци (1987), Тибурсио и Синфороса (1988), Вејка, два (1989), Сон прв (1991), Сон втор и по него друг (1992), Модус мориенди (1992), Лакримула (1993), Маркучот во четири гласа (1995).

Романи: Простум (1970), Премреже 1-2 (1977), Вомјази (1981), Имела (1982), Горчила (1983), Канадски фрагменти (1985), Конзулски писма (1987), Така е, ако ви се чини (1994), Лимб (2002), Тој што нема име (2004).

Книги раскази: Првите дни (1950), Раскази (1953), Само сказни (2000).

Книги есеи: Записи за нацијата и литературата (1985), Нови записи(1989), Македонски дилеми (1992), Резиме за мојата генерација (1998), Болно племе (2000).

Добитник е на бројни награди и признанија и тоа: „11 Октомври“, „Рациново признание“, „Стале Попов“, „Стериината награда“, Наградата за книжевен опус на „Мисла“, „4 Јули“; За драмски опус „Марин Држиќ“, „АВНОЈ“ и „Војдан Чернодрински“; За животно дело и други. Во 2007 година е добитник на Рациновото признание. Извршувал и бројни значајни функции.

Чашуле има објавено дваесет и пет драми, публикувани и играни во Полска, Италија, САД, Словенија, Хрватска, СР Југославија, Босна и Херцеговина, Словачка, Унгарија и неколку стотини текстови од различен вид и жанр – есеи, фељтони, коментари, патописи, театарски и филмски критики, полемики, интервјуа, а некои од прозните текстови на Коле Чашуле се преведени на повеќе светски јазици.

Почина во Скопје на 22 септември 2009 година, на 88 годишна возраст.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc