Јордан Самарџиев

Јордан Самарџиев

Јордан Самарџиев е роден 1875 година во Прилеп.

Тој е син на видниот прилепски книжар Коне Самарџиев. По завршувањето на основното и гимназиското образование заминал во Франција, каде што завршил универзитетски курс по романска и француска литература во градот Нанси. Во учебната 1897/98 година бил учител по француски јазик во Солунската гимназија.

Од 1898 до 1901 година предавал во Педагошкото училиште во Сер, каде што во тој период заедно со Анастас Наумов и Димитар Галев, бил претставник на тајното револуционерно братство. Пред Самарџиев полагале заклетва Христо Караманџуков од Чокманово, Анастас Чешмеџиев од Устово (Смољанска општина, Јужна Бугарија) и други револуционери.

Подоцна Самарџиев ги обиколувал Драма, Ксанти, Златоград и Смољан, каде што ја развивал револуционерната дејност. Самарџиев активно ги потпомагал Солунските атентатори во подготовките на познатите солунски атентати. Поради своите активности бил уапсен од турската власт и бил подложен на тешки измачувања, но и покрај тоа не ја предал организацијата.

Павел Шатев за него напишал: „Страдањата, болките и цврстината му беа извнредно големи, но тој како син на родолубива фамилија и на ропска Македонија стоички издржа се“.

Во 1912 година, Јордан по смртта на таткому Коне Самарџиев ја наследил семејната печатница во Солун. Неговата печатница за последен пат во 1913 година го издала 29-тото издание на календарчето „Свети Кирил и Методиј“. Истата година неговата печатница била опожарена за време на Втората балканска војна.

По Балканските војни во 1913 година Грција го екстернирала од окупираната Егејска Македонија. На почетокот од 1914 година Јордан Самарџиев се обидел да ја пренесе книжарницата и печатницата во Бугарија, но царската власт во Бугарија, имајќи ја предвид неговата прогресивна дејност, му поставила огромни, скоро невозможни царински давачки, поради што техниката и книжарницата останале во бугарската царина во Дедеагач.

Во 1917 година царот Фердинанд I издал указ со кој биле ослободени од царински давачки книжарските и печатарски стоки на Коне Самарџиев, но сето тоа било уништено на 8 октомври 1915 година, при бомбардирањето на 12 Англо-француски воени бродови, при што биле опожарени касарните, железничката станица и царинските складови во Дедеагач.

Јордан Самарџиев умрел на 9 јануари 1936 година во Софија.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc