Јордан Гавазов

Јордан Гавазов

Јордан Гавазов е роден 1868/9 година во Прилеп. Потекнува од познато прилепско ковачко семејство.

Неговиот татко Христо, уште пред создавањето на МРО (Македонската револуционерна организација), активно соработувал и ги помагал четите на Спиро Црне, Диме Чакре и Ѓорѓи Лажот.

Во 1894 година, Гавазов заедно со Даме Груев, Алексо Панов и Јордан Попконстантинов го создаваат Прилепскиот комитет на ВМОРО.

Во 1896 година Гавазов бил затворен во Битолскиот затвор, бидејќи бил осомничен за учество во убиството на беговите зулумџии во Небрегово во 1894 година, кое го извршиле заедно со прилепскиот војвода Димо Дедото. Во затворот, Јордан Гавазов заедно со Стојан Лазов и Дончо Штипјанчето, неколку пати со нож го прободиле соборецот Мицко Крстев, со цел да го убијат поради неговите контакти со српскиот конзул Милојко Веселиновиќ и со просрпските настроени затвореници. По неуспешниот атентат, Мицко конечно се ставил во служба на српската пропагандна машинерија во Македонија и по излегувањето од затвор станал српски војвода.

Зимата 1897/98 година Јордан Гавазов успеал да избега од затворот и да емигрира во Бугарија.

Во мај 1898 година, заедно со неговиот соборец Христо Чемков, повторно влегле во Македонија, со цел да формираат чета во Прилепско со Харалампие Ѓуров и Стојан Димитров – Акчијата. Во Прилеп, чекајќи да бидат поврзани со Прилепската околиска чета, биле предадени и опколени од турскиот аскер и полиција во куќата каде што престојувале. Во нерамна борба што се водела повеќе часови, Чемков и Гавазов го убиле полицискиот началник и неколку војници. Не можејќи да го пробијат обрачот, тие извршиле самоубиство.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc