1908, Хуриетот: Глигор Соколов(иќ) (трет во вториот ред) со Српски војводи од Македонија

Глигор Соколов Ламев

Глигор Соколов Ламев бил деец на Македонското револуцинерно движење, учествувал во Мелничкото востание на Македонскиот комитет, четник на Македонската револуционерна организација, а подоцна се вклучил во Српскиот комитет на четничката акција.

Григор Соколов Ламев е роден на 17 јануари 1870 година во прилепското село Небрегово. Останал без образование и бил самоук. По убиството на турчинот Алија Абдулче бега во Бугарија. Наскоро влегува во четата на Димо Дедото и во 1895 година зема учество во Четничката акција на Македонскиот комитет и учествува во Мелничкото востание.

Во 1897 година е четник при Стефан Павлов Кантардџијата во Кратовско, во 1899 година дејствува во Неврокопско, а во 1900 година е четник во четата на Мирче Ацев во Прилепско. Во 1902 година Глигор Соколов раководи со сопствена чета во Прилепско во која се четниците: Јордан Спасов од Кнежево, Стојче Блажев од Добрушево, Стојан Димитров од Долнени, Јон Ѓорев од Витолиште, Толе Димов од Крушевица, Стефо Илиев од Забрчани и Димитар Јанков од Растојца.
На 11 мај 1903 година турците го убиваат таткому му Сокол на 70 годишна возраст. Во текот на Илинденското востание бил четник во обединетата чета на Сотир Атанасов, Атанас Мурџев, Никола Пушкарев, Крсто Лазаров, Димитар Ганчев и други.

По расправијата со војводата Мурџев се одделува со 8 четници. При обидот да ја премине границата на Бугарија е направен обид да биде разоружен, но доаѓа до престелка и со четата повторно се враќа во Македонија. Тогаш негови четници се Наум Марков, Јордан Северков, Коце Мргушка од Дреновец, Илија Мочко од Прилеп, Јосиф од Бела Црква и Илија Јованов. По овој инцидент се префрлаат во Србија при што се уапсени и разоружени од српските власти во Врање од каде што се префрлени во Белград каде што извесно време биле во затвор.
Во Белград од страна на Милорад Гоќевац бил вклучен во Српскиот комитет на четничката акција. По вклучувањето во Српскиот комитет организирал чета составена од разни компримитирани работници на Македонската револуционерна организација, со што официјално се ставил во служба на српската пропагандна машинерија на тлото на Македонија.
Во почетокот на 1904 година се сретнува со Стојан Донски и со бугарскиот конзул во Белград, кои му предлагат да ги заборават недоразбирањата и му нудат на Глигор да се врати во Бугарија, но тој откажува.
Во текот на летото 1904 година, Боби Стојчев, по барање на Борис Сарафов, му дозволил Григор да има пристап до курирските служби на Македонската револуционерна организација. Григор себеси се преставувал за војвода на чета, која била испратена од македонското друштво во Ниш.

Григор Соколов со својата чета се укрепува во Азот и Велешко, каде што дејствуа заедно со војводата Јован Бабунски. Кога есента 1904 година од страна на србоманскиот војвода Мицко Крстев е заробен Даме Груев, Глигор Соколов остварува средба со Пере Тошев по што издејствува ослободување на Даме Груев.
За време на неговото четникување, Григор Соколов ги елиминирал војводите од Македонската револуционерна организација Стефан Димитров, Панчо Константинов, Ѓорѓи Ацев, а по негова наредба бил убиен и војводата Петар Радев – Пашата.

За време на Хуриетот Глигор Соколов престојува во Белград се до летото 1910 година, кога се враќа во Македонија.

Според војводата Василие Трбиќ, кој пристигнал на местото на убиството, тој е убиен на патот за село Присад, кај чешмите во местноста Манастирски ливади меѓу селата Присад и Дабница.
Според него убијците се Афуз Шукрија од Прилеп и Џемо Нуја од Шутево, Кичевско. Трбиќ смета дека зад оваа акција стојат турските власти кој сакале да го искористат убиството за да обвинат некои видни Прилепчани.

Милан Матов пишува дека убиството на Соколов е организирано лично од него, без знаење на Петар Ацев, а неговите убијци се македонците Нове Џемов од кичевското село Премка и негов пријател.

Според некои податоци убиецот е арнаутот Шериф Сулјеман кој со својата група одржувал тесна соработка со Македонската револуционерна организација и војводата Петар Ацев.
Се претпоставува дека тој заедно со уште неколку арнаути на 29 јули 1910 година, на патот од Прилеп за Небрегово, го убива србоманскиот војвода Григор Соколов, како одмазда за убиството на војводата Ѓорѓи Ацев.

Најстар син на Глигор, Андон бил доброволец во Српската армија во текот на Првата балканска војна. Блаже Конески е внук на Глигор Соколов.

Српските четници од Македонија сликани за време на Хуриетот во Скопје:

Седат: Тодор Алгуњски (Куманово), Коста Миловановиќ – Пеќанец (Пеќ), Александар Цене Марков(иќ) (Тетово), Ѓорѓи Ристиќ – Скопјанче (Пеќ), Јован Бабунски (Мартолци), Јован Цветков Долгач (Кошино), Милан Бабов(иќ) (Прилеп);

Втор ред: Војин Танкосиќ (Уб, Колубарска област), Михаило Јосифов(иќ), Глигор Соколов(иќ) (Небрегово), Иса Бољетинац (Косовска Митровица), Турски офицер, Јован Довезенски (Довезанце), Тренко Рујанов(иќ) (Крапа);

Трет ред:
Коста Дренковски (Прилеп), Наце Ресенчанец (Ресен), Непознат, Стеван Недев(иќ) (Битола), Непознат (Прилепско), Бошко Вирчанин (Порече), Јован Мајка (Крушевско);

Четврт ред: Ангелчо Станков(иќ) (Богданци), Дане Стојанов(иќ) (Крапа), Зафир Премчев(иќ).

_______________________________________________________________

Весник „Македонија“
март 1903 година:

ВОЈВОДА ГЛИГУР СОКОЛОВ

„Тој е еден од најдобрите војводи и одличен стрелец. Роден е на 17 јануари 1870 година во село Небрегово (Прилепско). Тој е самоук, надарен со буен темперамент и тврд карактер, мажествен и бестрашен.
Предаден за убиството на Алија Абдулче (Еден од нај крвожедните и беспоштедни прилепски бабаити, кој испусти неколку села, и неказниво вршеше нај црни злосторства, обесчестуваше и потурчуваше девојки, печеше живи луѓе и земаше од секоја куќа по 1-5 лири) Глигур беше принуден да го напушти мирниот начин на живот и да пребега во Бугарија.
Во 1895 година со четата на храбриот Дедо Димо се враќа во Прилепско. Во 1897 година е под војводството на Стефан Павлов и го обиколува Кратовско а во 1899 година се наоѓа во Неврокопско, каде што се истакна како најдобар стрелец и јунак во битките на Папас – Чаир (16 август) и кај Црвенград (18 октомври).
Во 1900 година со четата на Мирче Ацев Оровчанец доаѓа во Прилепско каде што пропиштило мало и големо од неколку свирепи деликанлии (Неженети момчиња). Селаните ја пречекаа четата со голема радост како спасителка пратена од небото.
Четата првото убиство го изврши на 27 јули во Долнени. Убиен беше Асан Сулопушка кој за неколку години од обичен падар стана најголем чифликчија, грабајќи им ги нивите од незаштитените сиромашни селани. Тој секоја есен земаше по 5 лири агалук од куќа. Кој немаше да даде беше веднаш убиван или горен со вжештена ѓерамида а на неговите недела, срамотилуци, оргии и силувања на моми и момчиња им немаше крај.
По молба на неколку охридски села на 15 август кај село Црници четата го пресретна и уби Ферит Ружди бег со уште тројца негови другари. Тој важеше за најголем грабател и развратник меѓу турците, човек кој ретко видела некоја друга кааза. Не им се знаеше бројот на убиствата, грабежите, потурчените моми, силуваните момчиња од него и неговите другари.
На 17 септември храбрата чета ги уби Сали Апо и Шериф Ага заедно со уште двајца нивни другари кои тргнале да го ограбат еден побогат селанец од село Дуње и да ја потурчат неговата ќерка.
На списокот им останаа уште:
Арнаутинот Буљуман Ага, познат по своите ѕверства, грабежи и насилства. Тој за 4 години од прост говедар во градот и слуга при браќата Биолчеви стана прв бег во Прилеп со три чифлизи, полн харем со потурчени моми и безброј жолтици. За него работат 15 села.
Уска Топузот кој се споменува во биографијата на Ѓорѓи Курбинов и уште двајца-тројца други.
Но со настапувањето на зимата дружината мораше да се врати назад. Неколку пати е обидоа да им постават заседа на тие злосторници но безуспешно освен на 25 септември кога им се згоди во една заседа да го ранат Буљуман Ага во десната рака.
Во 1902 година Глигур собра своја чета и се упати во Прилепско. По патот кон Прилеп имаше неколку борби со аскерот и башибозукот во кои се истакна со невобичаена тактика и херојство.
Неговата чета се состоеше од четниците:
Јордан Спасов од Кнежево, Стојче Блажев од Добрушево, Стојан Димитров од Долнени, Јон Ѓорев од Витолиште, Толе Димов од Крушевица, Стефо Илиев од Забрчани и Димитар Јанков од Растојца.“

 

_____________________________________________________________

Политика
21 ноември 1934 година

НА ГРОБОТ ОД ГЛИГОР СОКОЛОВИЌ

 

… “Ја бараме Глигоровата куќа…
Василије Трбиќ се збуни. Како никогаш да не го видел Небрегово, а колку пати и дење и ноќе има доаѓано од Мукос, заедно со Глигор и сам!
Му се замаглило пред очи. Го гледам дека се сеќава на минатото и колку жали за побратимот војводата Глигор. Оди по мене како изнемоштен, како да сака да заплаче.
Бидејќи се наоѓаме во еден голем двор опкружен со многу куќи, сите од негови блиски роднини, барам од селаните да ми ја покажат куќата од Глигор.
Тие ми ја покажуваат една издвоена двокатница со надворешни скали од килибарно пожолтен присадски мермер.
- Тоа е навистина Глигоровата куќа, но на неговиот татко Сокол е онаа лево, таму е роден Глигор – доаѓа при себе Трбиќ и ги поправа селаните.
Главната куќа оддава впечаток за вистинска домаќинска куќа: простран ходник, помошна просторија од страна и четири соби. Но тмурна без гласот на домаќинот, без кого била и за време на неговиот живот: Глигор од својата шеснаесетта година излегол во планината со пушка во рацете, откако го одмаздил неговиот татко кој бил виден човек во селото – и Сокол го убиле турците…

Во близина на црковната порта, баш покрај селото се наоѓа Глигоровиот гроб, подигнат од неговата мајка.
Гробот е мермерен, со не многу голем мермерен крст врз него.
На гробот пишува: „Овде почива бранич српске раје, велики војвода Глигор Соколовић, мучки убијен 30 јула 1910 године“

Натажени се враќаме во општинската судница и од отворениот балкон ги набљудувавме планинските грамади околу прилепското поле и отвореното поле.
Мукос е пред нас како на дланка…
Ние сакаме замислениот и потиштен Трбиќ да го поттикнеме да отпочне разговор со нас.
Претседателот на општината му даде некаков двоглед и тој набљудувајќи со двогледот почна да покажува места, опишува борби, спомнувајќи луѓе и притоа кажувајќи детали од тие времиња исто како тоа да се случило вчера.
Ги спомна Степанци и Никодин, каде што Глигор раководел со битката, па кога во битката јуначкото срце му се разиграло, тој му се обратил на Јован Бабунски:
- „Сега вије заповедајте а јас ќе се тепам, инако ќе пукнам…!“
Трбиќ почна да ги вади зборовите како од ракав:
Ене по оној поток отстапувавме тогаш и тогаш, во онаа шумичка вечеравме бидејќи Глигор се распосла и не сакаше без вечера да заминеме од Мукос. Во опколената Дабница од заптии и војска се сладевме. Војводите се спуштија на згодно место а четниците ги распашаа редениците, ставија по еден револвер и бомба во пазувите и почнаа да играат оро пред јузбашијата како помамени.
И покрај тоа што и децата знаеја за нивното присуство никој не изврши предавство.
Онаму накај Зрзе некој си опнат чауш со големи сили го опколи Глигор, а овој и покрај тоа што можеше да се повлече, се утврди кај еден камен од каде што имаше добар нишан и сосема се занесе во битката иако требаше да командува со четниците.
Таков беше тој, сакаше само да се бие а не да командува. Тогаш имаше голема среќа што му дојде појачување.
Глигор Соколовиќ беше срамежлив, тивок и на изглед смирен а во борба жесток, бесен и незапирлив.
Со него него човек не смееше да спие заедно во една соба, за случајно да не му текне да сонува некој лош сон: во тој случај тешко човек можеше да го смири а замислете што се случуваше кога ќе видеше непријател прку нишанот од неговата пушка…
-Од сите луѓе кои ги погледнав низ мојата брзометка само тебе те промашив! – Му рече Глигор на Енвер-бег (Енвер-паша) во Солун на еден банкет.
-„Али сполај му на господа што те не утепав!…“

3 коментари

  • Micko November 16, 2013

    Не наведовте дека Глигор Соколовиќ е бил пратеник (за Прилеп и прилепско) на Српска Демократска лига (политички партии на Отоманските Срби формирана во Скопје во 1909 година), заедно со трговец Питер Димитријевиќ. Тој имаше два мандати, а еден беше префрлен на војвода Мицко Крстиќ. Слава на војвода Глигор, вториот прилепски крал!

    Respond
  • Горан Василески September 28, 2014

    Кога сме кај четниците кои биле заедно со Глигур Соколовиќ, сакам да додадам дека, покрај гореспомнатите четници, треба да го додадете и ЈОНЧЕ ВОЈВОДАТА од с.Присад. Тој е од фамилијата Торовци. Бил главен и одговорен за Присад. Заедно со Глигур извршиле многу убиства, како на пример убиството врз озлогласениот бег Расим, бугарашкиот војвода Дончо од Оревоец и многу груги. За Јонче има дури испеано и песна од страна на присаѓани:

    Кажи Дончо, кажи војводо,
    кај да ојме со четава?

    Ај да ојме село Присад,
    село Присад кај Торовци.

    Таму е Јонче војводата,
    десна рака на Глигура…

    Постојат и многу приказни и легенди кои присаѓани и денес ги кажуваат за неговото јунаштво и пред се мудрост!!!

    Respond
    • PSF October 2, 2014

      Ако има материјал за Јонче со задоволство ќе објавиме овде

      Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc