Гиго Менкароски - Магарето

Гиго Менкароски – Магарето

Гиго Менкароски – Магарето

Бил член на КП од 1935 година. Во јули 1940 година учествувал во формирањето на месниот Одбор на Народна помош и бил негов претседател до мај 1941 година, кога на негово место дошол Орде Чопела. За време на неговото работење во месниот Одбор на Народна помош, примал инструкции од Кузман Јосифоски-Питу, а потоа и од Вера Ацева.

Уште како момче работел во Монополот, каде што бил член на главниот монополски актив, кој ги организирал монополските работници во Прилеп. Во јули 1941 година, Гиго бил предводник на делегацијата која на околискиот управник му ја врачила петцијата, во која се бара подобри услови за работа и повисоки надници на монополските работници.

Раководел со обука на активисти од КП во ракување со оружjе и давање на прва помош. Aктивно учествувал и во собирање на храна и облека за престојното востание. Заедно со Борка Талески и Коле Чашуле, во домот на Пенка Николоска изработувале летоци со антифашистичка содржина, кои се растурале вечерта спроти Илинден.

На 8 Септември 1941 година, по претходно поставена задача од МК, заедно со Лазо Филипоски-Лавски, Ѓоре Велкоски-Стрелката и Борко Петрески, со велосипеди заминале до Гостиражни, а оттука тројцата без Борко тргнале пеш кон тунелот кај Богомила, со цел да ги извидат условите за негово понатамошно минирање. Пред тунелот биле запрени од бугарскиот стражар, при што Лазо Филипоски со пиштол го убил стражарот, а Ѓоре Велкоски, пукајќи со пушката од убиениот војник, им држел отстапница на своите другари. Под прикрила на квечерината борците безбедно се вратиле во Прилеп.

За ова дело, заедно со Лазо Филипоски-Лавски и Ѓоре Велкоски бил осуден во отсуство на смрт со бесење, а Борко Петрески бил осуден на затворска казна од 12 години и 6 месеци.

Бил учесник во октомвриското востание, а на 17 Октомври 1941 година учествувал и во формирањето на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“. Во времето кога се подготвувала борбена акција за напад на рудникот кај Дреновци, се случил инцидент, по што партизанскиот суд го осудил Гиго на смрт. Гиго успеал да им избега на извршителите и пребегал во Тирана, каде што работел како бербер со име Тоде, се до 1942 година, кога Кузман Јосифоски и Трајко Тарцан издејствувале смена на судската пресуда.

По војната живеел тивко и повлечено во Битола. Прекарот го добил, кога една година за Прочка се преправил во магаре.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc