Душко Наумоски

Душко Наумоски

Душко Наумоски (1921-1961)

ДУШКО НАУМОСКИ – ПОНИЖЕН ХЕРОЈ НА НОБ

На 11 октомври 1941 година, Прилепскиот партизански одред се наоѓал во месноста Црвени Стени. Пред построениот одред, командантот Тарцан со пиштол в рака рекол: „Вечерва, точно во 10 часот ќе биде истрелан првиот востанички истрел врз Бугарскиот полициски участок. Потоа, едната група веднаш ќе ги нападне телефоните, а втората група ќе го нападне затворот“. Командантот му пришол на партизанот К.Ц. и му го подал пиштолот, велејќи му дека тој ќе го истрела првиот истрел. Партизанот како да се исплашил и му рекол дека тој никогаш не пукал со пиштол. Тарцан се повлекол и прашал дали има некој доброволец. Тогаш од стројот излегол партизанот Душко Наумоски, кому командантот му го подал пиштолот.

Ноќта била како ден. На Душко му биле дадени за придружба неколку партизани. Под сенката на стреите тие се приближиле до полицискиот участок. Неколкумина од придружбата се скриле под мостот на суводолицата, а Душко тргнал кон участокот. Стражарот пред участакот му викнал да застане и го прашал: „Да не си ти Душко Наумоски“? Душко му одговорил: „Да“. Стражарот го прашал кај бил досега, дека татко му го барал цел ден, а Душко му рекол дека бил во Варош на нижење тутун.

Во тој миг од соседната кафеана излегол некој бугарски агент во балон мантил. Душко го препознал агентот и тргнал кон поштата. Кога агентот отишол по некои попречни улички, Душко се вратил и го убил стражарот. Тогаш припукале и под мостот скриените партизани. По оваа акција партизаните го напуштиле Прилеп, а Душко „го фатила крвта“ и биле принудени да го сместат во некоја селска куќа. По извесно време, Душко слегол во овоштарникот на својот татко и се засолнил во куќичката каде што го пронашол татко му. Со повеќето прилепски партизани бил уапсен и Душко, биле префрлени во Битола, судени од Воениот суд, осудени и префрлени во тамошниот затвор.

Една ноќ во нивната соба бил префрлен посинет човек од тепање и фрлен на подот. Едвај дишел. Душко му пришол и му подал компот што му го донела мајка му, а претепаниот човек тивко го прашал дали се тие прилепските партизани. Откако Душко му одговорил потврдно, претепаниот му одговорил дека се вика Митре. Душко не знаел кој е тој Митре, ама веднаш почнал да тропа на вратата, го повикал стражарот и му рекол да го земат човекот, бидејќи не сакале да им умре во нивната соба. Исплашените стражари го зеле Митрета и го однеле в болница. Кога утрото дошле агентите да го бараат за да продолжат да го тепаат, им рекле дека е во болница. Агентите се упатиле кон болницата, каде што доктор Шорко им рекол дека, ако го земат ќе им умре по пат.

Така бил спасен од сигурна смрт осудениот на смрт Митре, кој бил, всушност, Лазар Колишевски. Партизаните и Колишевски биле префрлени во скопскиот затвор, каде што Душко бил еден вид секретар на Колишевски, тој ја примал поштата на Скопскиот комитет за Колишевски, напишана со невидливо мастило на обични кеси. Душко ја дешифрирал и му ја предавал на Колишевски. Меѓутоа, еден дел од говорот на Сталин на Црвениот плоштад останал во неговата постела, полицијата го пронашла и Душко го затвориле 18 дена во самица каде што бил малтретиран и мачен, не проговорил ништо и на Колишевски по втор пат му го спасил животот.

Душко го дочекал ослободувањето, бил испратен на некој курс во Белград. Кога се вратил бил вработен во внатрешни работи. Меѓутоа, тука ќе започне неговата животна драма. Некој висок полицаец водел љубов со некоја девојка од богато семејство, која што му рекла: „Ако ме сакаш, тогаш ќе го уапсиш Душко Наумоски, којшто ми го зема – златото“.

Душко бил уапсен, осум месеци лежел во Прилепскиот затвор, ниту обвинет, ниту сослушан. Коле Чашуле отишол кај Колишевски и му кажал дека Душко е неколку месеци во затвор. Колишевски наредил да се ослободи. Душко бил ослободен и поставен за актер во тукушто формираниот Прилепски театар. Таму ќе ја сретне и актерката, неговата животна сопатничка, со којашто по некое време ќе се префрлат во Битолскиот театар, каде што Душко ќе стане и директор на театарот.

Душко Наумовски, херојот од НОБ во Македонија, беше табу-тема. За него не смееја да пишуваат средствата за јавно информирање, беше заборавена и непознатата личност. Беше јубилеј на почетокот на востанието во Македонија. Како дописник на белградска „Политика“, се одлучив да направам разговор со Душко Наумоски. Во Битола седев неколку дена, Душко упорно молчеше, упатувајќи ме на Вера Ацева, Крсте Црвенковски, на Лилјакот. Сепак, по неколку дена проговори. Од тој разговор во „Политика“ објавив неколку страници и по многу други истражувања беше напишана книгата „Човекот од првиот чин на историјата“. Таа романизирана биографија никој не сакаше да ја објави.

Душко почина во една сообраќајна несреќа. Смелост најде Слободан Чашуле, тогашен директор на Радио Скопје, книгата излезе и беше промовирана во Битола од историчарот Орде Ивановски и од Чашуле. Промоцијата беше направена и во Скопје.

По сообраќајната несреќа, татко му на Душко дошол од Прилеп во Битола да ги земе посмртните останки за да ги погребе во гробот на мајка му во Прилеп. Пред да тргне поворката, еден сосед на Душко, којшто имал Партизанската споменица и многу ордени, запрашал каде се ордените на Душко. Сопругата му рекла дека Душко нема ни медал, тогаш соседот ја зел својата Споменица и ордените ги поставиле на едно перниче и биле носени на чело на поворката. Кога во Прилеп го спуштиле Душко во гробот, соседот си ги зел ордените.

Душко Наумовски беше симнат од македонската историја и не го доживеа она, што го добиле неговите другари во другите југословенски републики, кои што ги испукале првите истрели, каде што нивните имиња ги носат школи, улици и др.

Јован Поповски, новинар и писател

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc