Димитар Чкатров

Димитар Чкатров

Димитар Чкатров е роден во Прилеп во 1902 година.
По завршувањето на основното образование и Гимназија во Прилеп, се запишал на Техничкиот факултет на Белградскиот универзитет за градежно инженерство. Како студент станал член на Македонската младинска тајна револуционерна организација (ММТРО) и активно учествувал во организирањето на младината во Прилеп, Битола, Ресен, Охрид и Крушево. Стекнал голем авторитет меѓу студентите и локалната интелигенција и станал еден од раководителите на организацијата и бил главен на т.н. комитска група – петорка.

Настаните околу Скопскиот студентски процес на 5 декември 1927 година го засегнуваат и него. И покрај советите да емигрира, останал и бил уапсен заедно со поголема група на студенти во Белград.

Ванчо Михајлов се обидел судскиот процес да го искористи за свои цели, настојувајќи студентите да ги прикаже како Бугари, дека се борат за бугарската кауза. Организацијата на Михајлов дури ја плаќала и одбраната, а од Загреб специјално дошол да ги брани тогаш познатиот адвокат Анте Павелиќ. Пресудите биле изречени на 10 декември 1927 година. Димитар Чкатров бил осуден на 10 години строг затвор. За време на процесот, во судот покажал издржливост и храброст, поради што го добил прекарот „Железните гради“. Присудата ја отслужил во затворите во Скопје, Ниш, Пожаревац и Лепоглава, кога бил нападнат од потплатено лице и бил ранет со нож во градите. Подоцна, при неуспешен обид за бегство, се застрелал во градите, преживеал и повторно бил вратен на отслужување на казната.

По 1936 година, заедно со Димитар Ѓузелов и Спиро Китинчев се вклучил во демократската организација МАНАПО (Македонски народни покрет), а следната 1937 година го продолжил факултетот и станал градежен инжинер.

Со почетокот на окупацијата на Македонија во 1941 година, Димитар Чкатров се залагал за идејата за протерување на српските колонизатори и како голем противник на комунизмот бил против влијанието на КПЈ во Македонија. Во тоа време тој е косопственик и ја извршува функцијата директор на фудбалскиот клуб „Македонија„ од Скопје.
Во 2011 година во режија на Дарко Митревски и сценарио на Гргур Струјиќ е снимен филмот „Трето полувреме“ кој е инспириран од вистинските настани кои се одиграле за време на Втората светска војна а во кои Димитар Чкатров е директен учесник.

Димитар Чкатров и Димитар Ѓузелов, како и повеќето други македонски интелектуалци од тоа време, како членови на ММТРО, обединети во нивниот Граѓански форум, ја признавале окупаторската власт и затоа имале моќ и авторитет да се борат против неа со ненасилни средства.

Иднината на Македонија тие ја гледале во прогласувањето на автономна или независна македонска држава под протекторат на Третиот Рајх.

Во 1945 година Народниот суд на Југославија, поради соработка со окупаторот и ширење на големобугарски идеи, им изрекол смртни казни со стрелање на Димитар Чкатров, Спиро Китинчев и на д-р Панајот Хитров, а со смрт со бесење бил осуден: Димитар Ѓузелов.

Димитар Чкатров во својот завршен збор пред судот изјавил:

„Ако се свртам кон мојот изминат пат, ќе видам дека тој е исполнет само со страдања и мачења. Откако знам за себе, се давав за Македонија. Секогаш сум се раководел само со едно: Доброто на Македонскиот народ. Јас ја доживеав најтешката судбина на еден син на Македонија. Толку лежев по српските затвори, а ете, денеска сум исправен пред најтешкиот суд – да ми суди мојот суд, мојот народен суд.

Искрено се радувам дека се создаде слободна Македонска држава и нека живее народот среќно во неа, а ако сум направил некому лошо, јас искрено жалам“.

Смртната пресуда била извршена во близина на Скопје, кај Зајчев рид, каде што е стрелан заедно со Димитар Ѓузелов.

По убиството на Димитар Чкатров, неговиот брат Јордан, кој бил осуден на 15 години, започнал штрајк со глад, при што умира на 27-от ден во затворот.
Димитар и Јордан Чкатрови им се вујковци на Кузман Јосифоски-Питу и Мара Јосифоска.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc