Димче Стојанов - Мире

Димче Стојаноски – Мире

Димче Стојаноски – Мире е македонски државник и учесник во народноослободителното движење. Роден е во Прилеп на 10 октомври 1910 година, во занаетчиско-тутунарско семејство.

Гимназија завршил во Прилеп, а матурирал во Битола во 1931 година. Дипломирал историја на Белградскиот универзитет. Пред Втората светска војна бил професор во Прилеп, Кратово и Ловеч (Бугарија). За време на војната бил интерниран во логорот Чучулигово во Бугарија. По излегувањето од логорот се вклучил во Втората и во Петтата народноослободителна бригада.
Бил народен претставник на Првото заседание на АСНОМ, член на Президиумот и повереник за просвета на Второто заседание на АСНОМ. По ослободувањето извршувал одговорни државни, политички и општествени функции, меѓу кои претседател на Народното собрание на НРМ од 4 јануари 1951 до 1953.

Неговиот избор за претседател е извршен на 4 јануари 1951 година, и тоа едногласно, од страна на сите пратеници. По изборот им се обратил на народните пратеници со краток говор:

„Ние од своја страна ќе се трудиме да ја оправдаме оваа голема чест и доверба и ќе вложиме усилби со својата работа да придонесеме во општите напори што ги вложува нашиот народ за изградба на социјализмот.“

На истата седница претседателот на Собранието Димче Мире ги известува народните пратеници дека Народното собрание од Второто свикување примило многубројни телеграми од сите краишта на НР Македонија, во кои населението бара од Народното собрание, како највисок орган на народната власт, да донесе закон за симнување на зарот и фереџето.

Димче Стојаноски исто така се залагал за доследна примена на Уставот и побарал од пратениците повеќе да се ангажираат во натамошното продлабочување на социјалистичката демократија, за подигнување на благосостојбата и за јакнење на морално-политичкото единство на македонскиот народ, за јакнење и продлабочување на братството и единството на нашиот народ со другите народи и народности.

Бил директор на Архивот на Македонија од 1960 до 1978 година. Како директор формирал мрежа на архивски установи, оформил 250 архивски кадри, изградил 5 нови архивски згради со вкупно 11259 м2, од кои само 6404 м2 се архивски депоа и издадени се 40 тома најзначајни документи за историјата на македонскиот народ.

Тој е еден од создавачите на современата архивска дејност во Југославија, за што од колегите од цела СФРЈ бил нарекуван „татко на архивската наука“. Бил избран за почесен доживотен претседател на Друштвото на архивските работници на Македонија.

Починал на 4 септември 1991 година во Скопје.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc