Данаил Крапчев

Данаил Крапчев

Данаил Крапчев е роден 15 декември 1880 година во Прилеп.

Во 1898 година ја завршил Солунската машка гимназија, а во 1906 година дипломирал историја на Софискиот универзитет. Истата година започнал со новинарска дејност во неделното списание „Македоно-одрински преглед“.

Во 1907 година, заедно со Пејо Јаворов и Васил Пасков, го редактирал весникот „Илинден“ во Софија, а во 1908 година ги уредувал весниците. „Отечество“ и весникот „Родина“ во Солун. Во периодот од 1909-1912 година, го издавал весникот „Вардар“ во Софија и во текот на тој период го преименувал со имиња на реките „Места“, „Струма“, „Марица“ и „Брегалница“, поради забраната за печатење на негови весници во тогашна Турција. Во 1912 година, Данаил Крапчев го редактирал весникот „Бугарин“ во Солун.

За време на Балканските војни, бил уредник на весникот на Демократската партија во Бугарија „Прапорец“. Во периодот од 1915-1918 година, Данаил Крапчев бил воен дописник на весниците „Воени извештаи“, „Добруџа“ и „Прапорец“. Во 1919 година создал независен дневен весник „Зора“, каде што бил директор до крајот на животот. Во исто време бил и директор на акционерските друштва „Бугарски печат“ и „Преса“ и член на Македонскиот научен институт во Софија.

Во 1941 година, поради своите профашистичи ставови бил на мета на диверзантската група „Млади антифашистички борци“. Задачата за подметнување на експлозив во редакцијата на весникот „Зора“ му била доверена на младиот студент и поет од Велес, Коле Неделковски, кој бил член во организацијата од 1940 година. Поради недостаток на неопходното количество на експлозив, идејата да се разурни редакцијата била замената со планот за атентат над директорот на весникот – Данаил Крапчев. Било планирано атентатот да се изврши во зградата на редакцијата, во кабинетот на директорот, со цел да се изрази незадоволството, не само против личноста на Данаил Крапчев, туку пред се, против профашистичката редакција на тој весник.

Но, поради предавство, Коле Неделковски го завршил својот живот скокајќи од прозорецот на својот стан при обид на бугарската полиција да го уапси.

По доаѓањето на народната власт во Бугарија, на 9 септември 1944 година, Данаил Крапчев бил уапсен.

Умрел при неразјаснати околности на 10 септември 1944 година во полициската станица во Горна Џумаја, а потоа бил посмртно осуден од Народниот суд.

Во февруари 1994 година, Врховниот суд на Република Бугарија ја укинал пресудата.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc